24.8 C
Скопје
18:22 - 5 мај, 2024

Елиминацијата на „Златна Зора“ во Грција е порака за сите екстремистички движења во Европа

После петгодишно судење грчкиот правосуден систем пресуди, „Златна Зора“ не е никаква партија, туку злосторничко здружение, а водачите на организацијата добија затворски казни повисоки и од една деценија. Судскиот процес против членовите на партијата почна после обвинението за убиство на грчкиот рапер Павлос Фисас кој бил убиен од екстремистот и член на „Златна Зора“, Јоргос Рупакиас.

Претседателот на веќе избришаната партија Николаос Михалолиакос 13 годишната затворска казна ја дочека во притвор, додека Рупакис е осуден на доживотен затвор. Процесот против екстремистите се уште не е завршен па така и 18 поранешни пратеници од партијата кои се меѓу 68-те обвинети сега ги чекаат пресудите.

Фотографија од Павлос Фисас, раперот кој беше убиен од член на Златна Зора/Атина, Грција 12. октомври 2020/
Фото: EPA-EFE/KOSTAS TSIRONIS

Пресудите предизвикаа гнев кај подржувачите на забранетата организација кои протестираа пред судот во Атина како и во други грчки градови, но јасно е дека се работи за лебедова песна на згаснатата организација. Истражување направено во 2020 година покажува дека популарноста на партијата се стрмоглави на само 1,5% од 2,9% колку имале на последните избори а кое е далеку од 7% кои “Златна зора” ги имаше во своите најмоќни моменти.

Подемот и падот

Кога во 2012 крајно десничарската партија влезе во грчкиот парламент, тоа беше голем шок за грчката политика и за демократската јавност. Но  грчкиот политичко – правен систем кој често наликува на двопартизам во кој семејните династии ги менуваат улогите сепак покажа зошто древната Атина е колевка на демократијата.

Сите партии решително одлучија дека „Златна зора“ треба да се исклучи од парламентарно учество а потоа и дека целосно треба да се елиминира од политиката. Кога во 2015 година почна судскиот процес против членовите на партијата јавноста преку презентирањето на доказите се увери дека самонаречените „патриоти“ не биле ништо друго освен разбојници алчни за пари.

Лидерот на Златна Зора Николаос Михалолиакос во прегратките на сопругата на гласањето во грчкиот парламент, Атина, Грција 23. декември 2014
/ Фото: EPA-EFE/SIMELA PANTZARTZI

Грчките граѓани дознаа и дека наводно цврстите ставови со кои партијата добиваше гласачи всушност биле дезинформации, лаги и предрасуди со кои се градел наративот против емигрантите, муслиманите, но и против македонските соседи кон кои екстремистите често упатуваа навреди и омаловажувања.

Кога грчката демократија го помина тестот кој го постави „Златна зора“ и го елиминира политичкиот тумор илјадници Грци излегоа да прослават во центарот на Атина доживувајќи ја пресудата како општествена катарза која ја прочистила грчката нација. И тоа не е деалеку од вистината.

Грчка лекција за сличните движења

Речиси да нема земја во Европа која нема десничарско екстремистичко движење или партија која делува во политичкиот живот. Во Италија тоа е лидерот на партијата „Лига“ Матео Салвини, во Франција во подем е Марин Ле Пен со нејзината „Национална лига“ а во Германија се почесто се слуша за АфД на Андреас Калбиц.

Но ниту една од овие партии се посегна по такво насилство и вонполитичко криминално делување како што направи „Златна зора“. Но Европската унија која често се обвинува за спороста и бирократизацијата на одлуките исто така делуваше кога беше потребно.

Атинскиот кривичен суд им изрече 13 годишна затворска казна за членовите од Златна зора/ Атина, Грција, 14. октомври 2020/ Фото: EPA-EFE/PANTELIS SAITAS

Во настан без преседан во 2000 година унијата ја стави својата членка Австрија под санкции поради влегувањето во владата на тогашната „Партија на слободата“ на Јерг Хајдер. Тогаш Брисел прати одлучна порака дека европскиот континент нема намера да се враќа 50 години назад на веќе научените лекции од Втората светска војна, а иста порака сега праќа и Атина.

Нема место во политиката за партија која отворено користи симболи слични на свастиката и која се восхитува на грчките диктатори Метаксас и Пападопулос. Јасно е дека преставничката демократија која е основа на западната демократија кон која се стреми и Северна Македонија не е совршен систем, но во овој момент нема подобар.

Јанис Лагос, член Европскиот парламент од редовите на Златна зора, зборуваше пред судот во Атина, 12 октомври 2020/ Фото: EPA-EFE/PANTELIS SAITAS

Во „Крајот на историјата“ Фукујама предвидува и дека нема да има подобар систем а популарните автократски движења кои се раширија во Источна Европа вклучувајќи го и Балканот се покажуваат како спринтери на 100 метри.

Популизмот е привлечен и лесно запалива идеологија која користи национал романтизам, национализам, таргетира предрасуди и заблуди за брзо да освои терен, но исто така брзо ја губи предноста  кога гласачите ќе почуствуваат дека постепено остануваат без своите слободи и права.

Затоа пресудата за „Златна зора“ е добар знак за Грција, добар знак за грчките соседи, но и добар знак за целата Европска унија, а пораката е дека екстремизмот е анахрона појава која треба да остане во 20 век.

The post Елиминацијата на „Златна Зора“ во Грција е порака за сите екстремистички движења во Европа appeared first on Слободен печат.


Елиминацијата на „Златна Зора“ во Грција е порака за сите екстремистички движења во Европа was first posted on октомври 15, 2020 at 1:45 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....