25.8 C
Скопје
16:07 - 29 март, 2024

Бројот на новозаразени со ковид-19 незапирливо расте: Сакате журки и собиранки – еве го резултатот!

Епидемиолошката слика со ковид-19 во земјава драстично се влошува. Според последната статистика на Институтот за јавно здравје, од 28 септември до 4 октомври регистрирани се нови 1.203 случаи на заразени со коронавирусот од 31 град што претставува зголемување на бројката за речиси 36 проценти споредено со неделата пред тоа.

Комисијата за заразни болести има уште неколку механизми што може да ѝ ги предложи на Владата, меѓу кои носење задолжителна маска на отворен простор и ограничување на работното време за угостителските објекти и тоа се очекува да се случи наскоро.

Доктор Александар Стојанов, директор на ЦЈЗ Скопје и член на Комисијата за заразни болести, за ,,Слободен печат“ вели дека „среќа во несреќа“ е што најголем број на новозаразените во изминатата недела се од помладата возрасна група, која без симптоми или полесно го поминува вирусот, меѓутоа дека новиот корона бран е резултат на групирања, свадби и непочитување на мерките. Засега, според доктор Стојанов, болниците не се преполни, меѓутоа сите граѓани мора да помогнат болниците да не се наполнат затоа што тогаш смртноста драстично ќе се зголеми.

Имало 1.000 свадби во септември во Македонија. Тие не беа никогаш дозволени. Не може да дозволуваме концерти, свирки, забави, да се оди од маса до маса, да се свири на уво. Во комбињата за јавен превоз, особено во Западна Македонија, наместо 30 души, треба да се возат по 10 души. И таму не се носи маска, а на возачите не им се исплаќа економски да ги почитуваат протоколите. Ништо не се почитува, ниту еден протокол и ова е резултатот. Комисијата за заразни болести секојдневно трпи притисоци од разни економски субјекти да дозволи собири и функционирање на бизниси што во целиот свет се сметаат за ризични за ширењето на заразната болест. Јас ги разбирам и нив, дека се во тешка економска состојба, меѓутоа ние не сме Комисија за економија, туку комисија што мора да се грижи за јавното здравје – вели доктор Стојанов.

Тој додава дека и Фудбалската федерација барала да организира натпревари со публика, а ноќните клубови притискаат да им се дозволи да работат.

– Се чудиме што нѐ снајде. Ни објаснуваат дека ноќните клубови се сигурни и дека таму немало да се шири ковид-19 зашто бината била висока!? Уште на почетокот на пандемијата, од искуството со Јужна Кореја ни е јасно дека ноќните клубови се жаришта на коронавирусот и затоа не смее да се дозволат такви собири. Немаме друго чаре освен мерките. Состојбата се влошува во цела Европа и не смееме да си дозволиме да имаме по 1.000 случаи дневно. Точно е дека од новозаразените, имаме зголемување од 22 проценти во возрасната група од 20 до 50 години. Тоа ни кажува дека станува збор за најактивната група, која најмногу се дружи, најмногу оди во ноќни клубови, со музика, со собирање. Ковид-19 не разликува свадба од погреб, самото групирање е проблемот. Каде ќе легнат овие луѓе дали размислуваат, дури и да направиме балони на дување и да ставиме кревети и да ги претвориме во болници, кој ќе ги лекува? Ние и сега кубуриме со персонал, во Скопје, на пример, имаме 180 заболени, верувајте, не можеме да постигнеме сите, ниту да ги анкетираме! Апелираме, помогнете ни, носете маски, одржувајте дистанца – додава очајно доктор Стојанов.

Доктор Никола Пановски предвидува дека сценаријата ќе бидат уште полоши ако граѓаните не почнат да ги почитуваат мерките и дека може да се случи да имаме и по 1.000 новозаразени на ден. Ако ситуацијата не спласне, според него, Владата треба да почне да размислува за воведување полициски час. Дополнителен ризик-фактор за трансмисија ќе биде и загадениот воздух на зима, односно ПМ10-честичките, кои според некои научни трудови може да бидат пренесувачи на коронавирусот.

Европа се соочува со нов бран

Во Белгија од денеска сите кафеани и кафетерии ќе работат со ограничено време до 23 часот. И Париз, како најпосетувана туристичка дестинација, воведе рестрикции за угостителскиот сектор.

И европските земји се соочуваат со раст на случаите. На пример, Франција регистрира 12.000 нови случаи секој ден, а Данска по 2.500 дневно. И во Москва има 2.500 заболени на ден.

И најмалите градови во земјава не се поштедени

Според последниот извештај на ИЈЗ, најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, 519, односно 43,1 процент, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Берово – 192,3 на 100.000 жители. Процентот на позитивни случаи од тестирани во овој период изнесува 12,2 проценти или 3 проценти повеќе во однос на претходната недела.

Пријавени се 30 смртни случаи, 7,1 проценти повеќе во однос на претходната недела. Во однос на возраста, 24 лица биле над 60 години, а 6 лица на возраст од 50-59 години. Дури 29 од случаите биле хоспитализирани, а само едно лице од починатите не било хоспитализирано. Коморбидитети се регистрирани кај 20 починати лица

The post Бројот на новозаразени со ковид-19 незапирливо расте: Сакате журки и собиранки – еве го резултатот! appeared first on Слободен печат.


Бројот на новозаразени со ковид-19 незапирливо расте: Сакате журки и собиранки – еве го резултатот! was first posted on октомври 9, 2020 at 6:28 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....