Легендарниот музичар Елтон Џон во своите мемоари изнесе податоци за принцезата Дајана кои никогаш претходно не испливале во јавноста. Елтон се присеќа на ноќта кога Ричард Гир и Силвестер Сталоне за малку не се истепале поради Дајана, надоврзувајќи се на „Ефектот на Дајана“.
Елтон Џон беше тесно поврзан со британското кралско семејство, но за нив никогаш немал особено возвишено мислење. Сепак, тоа не беше случај и со принцезата Дајана. Според неговите зборови, таа со голема и природна леснотија умеела да ги натера луѓето да ја обожаваат и да се чувствуваат пријатно во нејзино друштво. Тоа бил нејзиниот благослов, а го наследиле и нејзините деца, особено принцот Хари. Ви пренесуваме дел од неговите мемоари…
Онаа фамозна фотографија на која Дајана држи за рака пациент кој има ХИВ – тоа е вистинската Дијана. Не мислам дека се обидувала да остави голем впечаток со тој потег, но очигледно во тоа успеала. Во тој момент засекогаш ја промени свеста на јавноста кон ХИВ вирусот.
Дајана едноставно запозна некој кој страда, умира во агонија и зошто да не му пружи рака и да го допре? Тоа е природен човеков рефлекс, да се обидеш некого да утешиш.
…Во текот на годините кога ја познавав, беше феноменално друштво за забава, најдобриот гостин на сите собири, неверојатно директна, вистинска брбливка. Можевте да ја прашате било што и таа би ви раскажала.
Тоа колку мене Дајана ме импресионирапе беше ништо во однос на ефектот каков што таа го имаше на стрејт мажите. Се чинеше дека во нејзино присуство го губат разумот, како да се целосно маѓепсани.
Додека го снимав „The Lion King“, Џефри Каценберг, директорот на Дизни, дојде во Англија. Дејвид Фурниш, мојот денешен сопруг и јас направивме журка за него и неговата сопруга и го прашавме дали сака некого посебно да запознае. Како од топ испука – принцезата Дијана.
Ја повикавме неа, Џорџ Мајкл, Ричард Куртис и неговата жена, Ричард Гир и Силвестер Сталоне, сите оние кои во тој момент беа во оваа земја.
Ноќта кога Сталоне и Гир одлепиле за Дајана
Се случи невообичаена сцена. Ричард Гир и Дајана на прв поглед се заинтересираа еден за друг.
Принцезата во тој момент беше разведена од Чарлс, а Ричард раскина со Синди Крафорд. Заедно седеа пред каминот, муабетеа и се смешкаа.
Додека ние останатите зборувавме, не можев, а да не ја забележам чудната атмосфера во просторијата. Судејќи според погледите со кои ги „стрелаше“ Силвестер Сталоне, зближувањето на Дајана и Ричард Гир воопшто не му се допаѓаше. Мислам и дека дојде на журката со намера да ја освои Дајана, но тие планови пропаднаа во вода.
Вечерата беше сервирана и се сместивме на масата. Барем повеќето од нас. Од Ричард и Силвестер немаше ниту трага. Го замолив Дејвид да оди да ги побара, а тој се врати со двајцата и прилично чуден израз на лицето.
„Елтон…имаме ситуација“, промрмори тој.
Се испостави дека во ходникот ги затекнал Силвестер Сталоне и Ричард Гир како замавнуваат со рацете еден кон друг, очигледно за на тој начин да ги решат недоразбирањата околу Дајана. Успеал да ги смири правејќи се дека ништо не забележал и им дофрлил: „Еј момци, време е за вечера“, но Силвестер не бил среќен.
По вечерата, Дајана и Ричард Гир повторно се сместиле пред каминот, а Силвестер си заминал дома. „Никогаш немаше да дојдам да знаев дека е*аниот принц на бел коњ е тука. Да сакав, ќе ја одведев“, ни се развика на нас пред вратата. Успеавме да издржиме додека не влезе во автомобилот пред да прснеме од смеење.
Во нашата дневна соба, Дајана и Ричард се уште заљубено гледаа еден во друг. Таа изгледаше сосема загубено. Можеби не сфатила што точно се случува. или можеби вакви ситуации и се случуваа секој ден.
Ефектот на Дајана
Откако почина, луѓето почнаа да зборуваат за нешто што се вика „Ефектот на Дајана“, односно начинот на кој успеваше да го промени ставот на јавноста за кралското семејство, или за ХИВ вирусот или за булимијата и менталното здравје. Но, секој пат кога ќе ја чуев таа фраза, се сеќавав на таа фамозна ноќ.
Дефинитивно постоеше некаков поинаков „Ефект на Дајана“, оној кој холивудските заводници ги доведува до раб на тепање, како пар заљубени тинејџери.