5.8 C
Скопје
02:36 - 29 март, 2024

КОКОДАКАЊЕ: И вам ли ви се „вакви и онакви“ децата?

Знаете…, од типот „ме полуде дете, ќе ме разболеш!“  

Денеска си направив муабет со еден доктор парекселанс, од југословенската школа – невропсихијатар за деца и младинци и професор. Доктор полн со искуство, знаење, приказни, совети…од негово време, кои забораваме да ги применуваме во нашево, а после кукаме и не знаеме кој крај да го фатиме. Децата ни биле вакви – онакви: „..не знам докторе што му е, што не пробавме, сè има, всушност многу повеќе од своите врсници и повторно истата мака.“ А таа мака најчесто е: инаетење, агресија, плачење, правење белји, мокрење ноќе во сон и така натаму.
Фото: Приватна архива

Е па родители, свртете се кон себе пред да го вперите прстот кон вашето дете и времето во кое расте. Секако, и ние како родители не сме мазени од животот и општествено – социјалните прилики, но затоа постојат насоки од експерти кои со пот го спечалиле сето знаење и искуство за проблемите со кои се соочуваме.

Можеби сè ова за кое пишувам, веќе ви е познато, додуша и мене ми беше кога докторот ми го зборуваше, но повторувањето како мајка на знаењето знае да ти „врзе шамар“ и да те потсети дека безгрешноста е само божја карактеристика. Најчестите „гревови“ кои ги правиме ние родителите се, всушност, и оние за кои подоцна плаќаме највисока камата…И ние и децата. На темава се напишани неброени страници, статии, колумни, и повторно, како некој ѓаволски инает, одбиваме да се освестиме.

Како што ме подучи докторот, кај децата постои раст и развој. Растот е генетска предиспозиција, додека развојот е условен од надворешни фактори.

Грешка број 1

Дигитализираното време во кое растеме и ние родителите заедно со децата, е најголемиот непријател за правилен развој на нашите деца. Линијата на помал отпор од родителската страна е изговор да „измедитираме“ барем 10 минути во денот или да го зготвиме ручекот на раат. Но што потоа? Не треба да се објаснуваме какво влијание имаат сите тие дигитални слики врз мозочето на детето кое не е ни прозборено. На темава, консултирав и логопеди и дефектолози кои потврдуваат дека имаат сè повеќе пациенти – деца од 5 години кои не зборуваат и проблемот го лоцираат токму во мобилниот телефон кое бебето го држи во рака и „барата“ со него додека кака во пелена. Е па, не може така, едноставно не е таков редот! Ова е првиот можен одговор на прашањето: од каде тантруми или агресија кај толку мали деца?

Грешка број 2

Ајде да се потсетиме дали и колку често ни се случило да се отераме во ПМ, ние (возрасните) меѓу себе, пред малото за кое веруваме дека нема појма од животот? Не е потебен ни повишен тон, тие ја чувствуваат нетрпеливоста и лошата енергија. Затоа, докторот советува во моменти на лоши емоции, едноставно да излеземе од домот, или од просторијата. Ова значи, дека и доколку живееме со одвратност кон партнерот, а притоа пред детето „цветаат ружи“, не смееме да очекуваме дека тоа ќе се развие правилно. Се разбира дека и разделбата на партнерите има свои реперкусии, но тука мора да се одбере од двете зла – помалото. А за тоа постојат експерти кои мораме да ги консултираме и да не се правиме дека знаеме сè или дека како родители најдобро си го познаваме своето дете! Ова важи и за еднородителските семејства каде на помош доаѓаат баба и дедо. Мама и баба не смеат меѓусебно да имаат лоша енергија, ако е така, подобро најдете си друго чаре.

unsplash
Фото: Архива

Грешка број 3

Поставување граници – да, но до каде? Сè што не го загрозува психофизичкото здравје на детето е дозволено. Нормално е ние како родители да не наоѓаме логика во „цапањето“ со кал или брашно, или шкртањето со фломастери. Нам ни е важно да ја направиме математиката колку време и пари ќе потрошиме на перење облека. Е па, не мора да переме! Јас лично сведочам колку пати „ми пукнал филмот“ кога облеката од жица останува чиста или неискината само 5 минути по облекувањето. Ама тоа е мој проблем и не треба да му го пренесувам на детето или барем не треба подоцна да се жалам што тоа вреска или плаче. Докторот ми кажа дека голема грешка е и кога на поголемите деца, на возраст после 5-та година им сугерираме со кого да се дружат, со кого не. На пример, кога им велиме: немој да се дружиш со тоа дете, бидејќи пцуе. Таа проценка мораме да ја оставиме на нив самите, мора самите да се „изгорат“ за да научат.

Фото: Архива

Грешка број 4

Строго забранети реченици. Уф, ги има многу, но најчестите што случајно ни се испуштаат од уста кога сме на „раб на лудило“. Тие, од прилика, звучат вака: „Не можам веќе да издржам“, „Ме полуде дете, ќе ме разболеш“, „Да си одам јас или ти ќе си одиш“… и слични глупости со кои испраќаме директна порака дека не го сакаме нашето дете, а вистината е секако поинаква. Па, зошто тогаш да поверува и да расте со лагата дека родителот не го сака? Мора да „стиснеме заби“, да изброиме до 10 и наместо вакви зборчишта да кажеме: „Мама/ тато не ти замерува за ова што го направи, но некој друг можеби ќе ти замери и ќе ти се налути.

Грешка број 5

Женско или машко – охрабрувајте го детето да се исплаче кога гледате дека очите му се полни со солзи. Многу психолози тврдат дека балканскиот менталитет „забранува“ машкото дете да се изнаплаче и најчесто е советувано: „немој да плачеш, што маж си ти?“ И потоа… мокрење во сон.

Фото: Приватна архива
Многу веројатно е дека муабетов ќе има продолжение, но ајде за почеток да се обидеме да ги коригираме овие 5 грешки што во суштина се и најчестите кои ги правиме како родители. И да, заборавив, освен Бог, безгрешни се и децата. Можете сите други да ги обвините за однесувањето на детето, освен самото дете.
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива

Мими Стојановска

Слични објави

(Видео) Миа Костова стана жртва на измама: Не рекламирам чаеви за слабеење, не наседнувајте на лажни реклами

Еспресо

(Фото) „Моите деца ме подмладуваат“: Симона Поповска го прослави 32. роденден со семејството

Еспресо

Принцот Хари ќе има кратка и официјална средба со кралот Чарлс: Еве ги деталите

еспресо

Уапсен познат српски естраден менаџер: Во станот му нашле дрога

Еспресо

Искрено со Пеце Суперхикс: Во лутина имаше и физички пресметки и фаќање за гуша, но затоа издржавме 30 години

Александра Георгиев

(Фото+видео) Сите гледаа во задникот на Цеца: Пејачката се „стегна“ во кожна комбинација од 350.000

Еспресо
Се вчитува....