Краткотрајното губење свест познато како вазовагална или рефлексна синкопа е состојба што се случува поради невролошки индуциран пад на артерискиот крвен притисок или екстремно забавување на срцевата акција. Непосредно пред загубата на свест, се јавува потење, промени во видот и зуење во ушите. Многу ретко, во текот на синкопата, може да се јават неволни движења на скелетните мускули.
Постојат неколку вида рефлексна синкопа и тоа: вазовагална, ситуациона и
синкопа на каротидниот синус.
Вазовагалната синкопа е типично тригерирана од интензивен емоционален стрес, интензивна болка или пролонгирано стоење. Ситуационата синкопа настанува за време на микција, кашлање или голтање. Синкопа на каротиден синус, пак, настанува поради притисок на каротидниот синус во пределот на вратот.
За време на синкопа доаѓа до неврогено забавување на срцевата работа, дилатирање на крвните садови и консекутивно снижување на артерискиот крвен притисок.
Дијагнозата на синкопата е клиничка, заснована на симптомите, а се поставува откако ќе се исклучат сите други познати причини за загуба на свест.
Знаци и симптоми
Епизодите на синкопа типично имаат тенденција да се повторуваат, најчесто во случаи кога предиспонираната личност е изложена на специфични тригери. Раните симптоми и знаци, кои се случуваат непосредно пред загубата на свест, се гадење, чувство на екстремна топлина или студенило, придружени со интензивно потење, зуење во ушите, дискомфорт во пределот на срцето, конфузни мисли, промени во видот, отежнат говор и генерализирана слабост. Симптомите се интензивираат непосредно пред загубата на свест. Синкопата најчесто настанува во стоечка положба.
Причини
Рефлексната синкопа настанува како последица на дисфункција на регулаторните механизми одговорни за контрола на срцевата работа и артерискиот крвен притисок. Забавувањето на срцевата работа и падот на крвниот притисок, резултира со намалено крвоснабдување на мозокот, што доведува до загуба на свест. Причините за појава на вазовагална синкопа се долготрајно стоење, емоционален стрес и болка. Рефлексната синкопа настанува за време или непосредно по уринирање (микциона синкопа), во текот на кашлање, џвакање или при кревање тежок товар. Притисок на каротидниот синус во пределот на вратот, исто така доведува до синкопа.
Патофизиологија на синкопата
Без разлика на тригерот, механизмите што доведуваат до појава на синкопа се слични речиси кај сите синкопални синдроми. Под дејство на различните тригери се активираат специфични делови од мозочното стебло што доведуваат до активација на парасимпатичкиот, а инхибиција на симпатичкиот нервен систем. Резултат на ова се спектар на хемодинамски одговори: кардиоинхибиторен одговор, кој се одликува со пад на срцевата акција и контактилност, што води кон пад на срцевиот аутпут што е доволна причина за онесвестување. Овој одговор резултира примарно од активација на парасимпатичкиот нервен систем. Од другата страна на спектарот е вазодепресорниот одговор, предизвикан од пад на крвниот притисок, под 80/20, феномен што се случува како последица на дилатација на крвните садови.
Дијагноза
Тилт-тест: Се заснова на промена на постурата на телото од лежечка во стоечка;
Холтер-мониторинг; Електрофизиолошки и неврофизиолошки испитувања (енцефалографија, евоцирани потенцијали).
Третман
Промена на животните навики, соодветна физичка активност, балансиран внес на течности и сол во организмот, избегнување специфични тригери што доведуваат до појава на синкопа.
Лицата со историја на синкопа, треба да се научат како да ги препознаваат продромалните симптоми и на тој начин да избегнат повредување од падот, заземајќи безбедна позиција на седење или лежење.
Соодветно дозирање на антихипертензивните лекови исто така може да помогне.
Кај одредени пациенти со кардиоинхибиторна вазовагална синкопа, во предвид може да дојде и имплантација на перманентен пејсмејкер.
За соодветна дијагноза и третман закажете термин на 02/3091-484
Д-р Марија Милановска – специјалист по неврологија
Комерцијален текст.