Можеби некогаш сте посетиле ресторан и сте забележале проѕирни пластични кеси полни со вода што висат над вратите или долж надворешниот дел на терасата и веројатно сте се запрашале за што служат.
Целта на овие обесени кеси, како што некои тврдат е бркање муви. Луѓето ги закачуваат пред куќи, деловни простории, па дури и пред штали, со цел да ги одвратат мувите.
Постојат повеќе верзии на овој трик. Некои тврдат дека во кесата мора да лебдат парчиња алуминиумска фолија, други ставаат една или две монети. Одредени компании отишле дури дотаму што продаваат специјално дизајнирани кеси со вода како средство против муви, пишува howstuffworks.com.
Но, дали обична кеса со вода навистина може да помогне? И дали воопшто функционира? Мислењата на стручњаците и оние кои го испробале овој трик се целосно поделени.
Зошто мувите и кесите со вода наводно „не се поднесуваат“?
Методот со кеса вода има многу поддржувачи, од сопственици на ресторани до луѓе што печат скара во дворот. Интернетот е полн со приказни за успех – од умерени до речиси неверојатни.
Но, како би требало овој трик да делува?
Некои веруваат дека мувите ја гледаат проѕирната кеса како голема водена површина. Други тврдат дека ги плаши нивниот сопствен зголемен одраз. Но најчестото објаснување меѓу ентомолозите и изумителите се темели на прекршување на светлината.
Прекршувањето на светлината се случува кога проѕирен или полупроѕирен предмет, како стакло или кеса полна со вода, ја менува насоката и брзината на светлината. Зраците што инаку се движат право почнуваат да се виткаат. Тој ефект создава оптички илузии како фатаморгана.
Според теоријата, ваквиот ефект може да збунува одредени инсекти, особено домашните муви, кои имаат исклучително чувствителни сложени очи и можат истовремено да гледаат во повеќе насоки.
Главата на домашната мува речиси целосно е составена од големи сложени очи, од кои секое содржи меѓу 3.000 и 6.000 ситни очиња. За разлика од човечкото око, тие не можат да фокусираат, туку на мувата ѝ даваат мозаична слика на светот.
Некои ентомолози сметаат дека прекршената светлина ги збунува мувите и ги тера да одлетаат.
Интересно е што поддржувачите на овој метод најчесто тврдат дека најдобро делува токму на инсекти со сложени очи, како домашните муви.
Сепак, никој не успеал прецизно да објасни колку вода треба да има во кесата, колку кеси се потребни и каде е најдобро да се постават за да има најсилен ефект.
Разбивање на митот за кесата со вода
Од друга страна, многумина сметаат дека целата приказна е обичен мит. Екипата на емисијата MythBusters го прогласила трикот за целосно неефикасен, а бројни критичари го споредуваат со народни суеверија.
Според нив, луѓето често ја мешаат случајната поврзаност со вистинска причинско-последична врска.
Професорот по ентомологија Мајк Стрингам од Државниот универзитет на Северна Каролина спровел 13-неделно истражување на фарми за јајца, користејќи комерцијални кеси со вода против муви.
Резултатот? Подрачјата каде што биле поставени кесите имале дури повеќе муви отколку оние без нив.
Сепак, истражувањето не било спроведено под природна сончева светлина, па не можело да потврди дали директното сонце би ја зголемило ефикасноста на методот.
Па, дали кесите со вода навистина го намалуваат бројот на муви околу куќи и ресторани?
Постојат теории кои велат да – но и сериозни докази кои тврдат спротивно. Без оглед на тоа, кесите полни со вода и понатаму висат на тераси и тремови низ целиот свет. Ништо не не чини да го испробаме овој трик и да видиме дали делува. Пишете ни дали ви успеал вам.
