25.8 C
Скопје
16:23 - 29 март, 2024

Скопје евергрин со Деан Деко Шкартов, промотор на македонскиот рубин и музичар: „Гребло, лопата, чекан“, напредував…

Деко низ Скопје ќе го сретнете најчесто на точак, а од пред скоро време и на електричен, безшумен скутер. Полн е со муабети, секогаш насмеан и добродушен, музичар во душата и авантурист по природа. Животниот пат го водеше од поп и рок бендови до македонскиот рубин, кој тој го промовираше како македонски бренд. Попатна станица на тој пат од неколку пресудни години му беше Италија.

Деко, се знаеме поодамна, но не сум те прашала каде си роден и каде и како си растел? 


Роден сум во 1964, тука во Скопје, во Државна. Живеев и растев во Мичурин кој тогаш беше на периферијата на Скопје. Населба со доста зеленило и тревници помеѓу зградите.
Осноното училиште ни беше тогашното „Владимир Назор“ (денес „Блаже Конески“), каде во дневен престој учителка ни беше Милка Јуруковска, која знаеше да ја извади секоја трошка креативност од секое дете, организирајќи маскенбали, приредби, концерти и што се’ не… Во 4-то одделение се вклучив во музичката група со мојата нова хармоника, со што започна нашето сценско живеење и често отсуствување од наставата. Одев и во Музичко училуште, ама иако надарен, по три години молев да ме отпишат. Само што ме отпишаа, со другар ми Станко (Драган Станишиќ) од триото хармоники преминавме на Дип Парпл: Тој со својата гитара, а јас на моето пијано со кое пораснав. По некоја година моите ми купија органа, па започнавме и со свои песни и настапи. Тоа продолжи и за цело време на средното училиште, кога во Скопје постоеја две познати средношколски групи: Цилиндер (Пепи Ренџов, Ристо Чили Вили и Мите Димовски) и ние (Коцка Лед). Во војска се запознав со познати музичари од Ју сцената, од кои највлијателно ми беше искуството со тапанарот Џиџи Јанкелиќ од Дугме и со Љупчо Трајковски Фис. Со Љупчо работевме и другарувавме: тој повозрасен, со музичка академија, начитан, умен и ментор, а јас дете со мерак за учење и работа.
На првата година на Земјоделскиот Факултет, мислата ми беше дека треба да се зафатам со учење затоа што ‘од музика нема леб’ – ако си рокер. Во овој смисол силна инспирација ми беше професорката по ботаника Радмила Групче. Важна улога во тоа има и другар ми Марјан Андреевски од Велес, кој беше единствениот рокер на мојот смер. Денес тој е еден од најдобрите педолози во Македонија.

Твоите почетоци во 80-тите се врзани со музиката. Свиреше клавијатури во неколку бендови – Бадмингтонс, Александар Македонски…

Супер ќе си ја терав науката, арно ама во подрумот на Бут (тапанарот Борис Георгиев) започнаа свирките со Картер (Владмир Петровски), кон кои се приклучив по месец-два. Еден ден дојдоа на проба и насмеани ми рекоа: „ни текна име – Бадмингтонс, кажи а!“

Рецензија за Бадмингтонс од Петар Јањатовиќ

И започна „неочекувано лудило“, според зборовите на Петар Јањатовиќ, најголемиот рок критичар во Југославија, кој како да беше „крстител“ како Бадмнгтонс да станеме дел од документираната рокенрол историја и светла точка на наредните генерации.
Во 1986-та Бут отиде во Мизар, а Картер дојде на проба со ново име – Александар Македонски, бенд кој заради својот албум првенец влезе во првата „Југословенска рокенрол историја“, заедно со неколку други македонски бендови.

А потоа од средбата со Гиш настана „Клержо“ и свирките во Чаршијата…

Во ’89-та го запознав Гиш (Сашо Гигов), кој беше фантастичен работник и поет. Немав сретнато толку надарен пеач и фронтмен со таков опус на песни и текстови, благодарение на што нашето инструментално трио со Оса и Гони (Ванчо Пауновски и Агрон Жарноски) од Безистен, стана главна атракција на вечерните кафеански свирки во Чаршијата, во која вечерниот живот доживуваше историски процут.

Со Гиш го оформивме „Клержо“, а музиката и изразот беа за тоаш сосема иновативни: егзотичен world фазон, со силно изразени елементи на нашиот фолк и од Мизар и од хистериите на Дип Парпл, Дорс, Флојд и Цепелин. Беше јако. Концертите редовно беа добри. Секогаш знаевме дека ќе биде добро, само не интересираше и како добра ќе биде реакцијата на публиката!

Деко (лево) со Бадмингтонс

Победата на фестивалот во Суботица ви ја отвори вратата за југословенска кариера…

Станавме едни од победниците на фестивалот на нови групи „Омладина ’89“, што значеше отворање на портите на југословенската сцена и веројатен професионален фул ангажман. Натаму со воз патувавме заедно со новиот бенд на Ристо Вртев, Архангел, со Гино, Зоки Крива и Пепи. Срциња беа, а и јаки на сцена. Таа година во Суботица ја продолживме традицијата од претходните години, од Мизар, Зијан и Леб и Сол.
Арно ама… Југославија во 1991-ва се расцепи, а со тоа пропадна и надежта дека ќе станеме познат Ју бенд. За среќа, Ристо Вртев беше повозрасен, поумен и пофокусиран, па го издадоа нивниот прв албум.

Од музиката навлезе во светот на кристалите во кој те внесе едно искуство од Италија. Како се заљуби во овие камења?

Отидов во Италија да го запознам „белиот свет“. Уште едно капитално искуство, особено заради ангажманот кој како по Божја Волја го добив во семејстото на кафе магнатот Примо Ровис и неговата продажна изложба на природни минерали, кристали и фосили. Неверојатно искуство! Посакав кога ќе се вратам дома, да се обидам да го представам тој свет и на нашата публика. За среќа, и тоа се оствари, се појави и новиот македонски бренд – Македонскиот Рубин.

Деко во Италија 1994

Господинот Примо Ровис многу ти помогна на твоите почетоци во Италија…

Аплицирав во разни амбасади. Господинот Ровис беше и почесен конзул на Хондурас и на цела Јужна Америка, па се обидов да барам работа како агроном во Бразил, но тој не ми препорача да патувам толку далеку. Ми рече: “Подобро најди си некаква работа тука; војната ќе заврши, а ти ќе се вратиш дома! Не се обесхрабрувај: и јас дојдов во Трст како бегалец од Истра – со само еден пар панталони и една маица, а види ме сега. Ако си чесен и работлив, ќе го најдеш своето место!“ Каков енергетски набој почувствував по тој разговор! Таква препорака од таков Човек (господинот Примо Ровис, мислам дека е единствениот човек кој во својот живот, во три различни епохи и околности имал лични средби со Мусолини, Тито и Путин). По десетина дена заѕвони телефонот. Господинот Ровис ми соопшти: „Ако сеуште барате работа, дојдете во 13 часот во мојот уред. Пјаца Томазео бр. 4“. Ме додели да му помагам на градинарот Пино, од кого започнав активно да го учам италијанскиот јазик, иако едвај го разбирав. Но сепак, Rastrello, pala, martello – „гребло, лопата, чекан“, напредував… По два дена ми ги исплатија двете дневници и тоа се продолжи и во наредните неколку недели, се’ додека госпоѓа Суни Ровис, ми наговести дека нејзиниот сопруг планира да ми предложи ангажман на некакваси изложба на камења.

Аха, еве ги камчињата…

Дотогаш, за мене камењата беа само оние покрај патчињата, со кои можат да те мавнат по глава или оние во Охрид, на плажа. Но тогаш, пред мене се отвори чудесниот свет на природните минерали, кристали и фосили кои се базата и на скапоцените камења. Свет кој не можев да го опишам со мојот фонд на зборови во писмата кои ги праќав дома, на пријателите и на Нене. Тоа беше во 1992 година. Во тој свет работев, учев и патував се’ до 2001, кога беше моментот да се вратам дома. Така се заљубив во камчињата.

Какви беа почетоците со тој чудесен свет на камчињата во Македонија?

Во Македонија тој свет беше прилично авангарден. Познавања имаа оние кои тежнееа кон духовни техники или оние кои имаа патувано низ светот. Но редовно, сите се воодушевуваа од средбата со колекцијата која ја донесов. Почувствував дека би било добро да побарам некое дуќанче, макар мало, за проба. Го најдов дуќанчето кај Грчката амбасада, карши „7-ца“; наредната година и второто дуќанче во Бисер, а по некоја година и во просторот во Рамстор, каде бевме неколку години.
Во тој период, Владата ја почна кампањата „Купувајте македонски производи“, па некои од посетителите прашуваа дали имаме некој минерал и од Македонија, на што јас во своето незнаење, одговарав дека Македонија е толку мала, а нашите примероци доаѓаат од огромни земји и континенти како Африка, Бразил, Америка, Индија. Арно ама поминуваа и поединци кои го познаваа светот на минералите. Од нив научив дека и кај нас има кристали и демек имало рубини. Сметав дека тоа е грешка, затоа што тоа секако би требало да го имаме учено, доколку е вистина. Сепак, било точно. Од тогаш, речиси од самиот почеток. се зафативме со можноста да оформиме лабораторија во која ќе ги брусиме и претвораме во финални производи. Навидум утопистичката идеја се претвори во една од најиновативните деловни идеи кај нас. Пред неколку години го поддржавме отворањето на дуќанот за Македонски рубин на Митко во Охрид.

Деко со принцезата Беатрис од Савоја и Примо Ровис додека презентира кристали, 1998 година

Низ Скопје се движиш главно со велосипед, дали ти е така попрактично или се работи за еколошка свест?

Тогаш имав комбенце „Дукато“ со кое патувавме низ Европа со Оркестарот Агушеви, што ми започна како разонода уште кога бев во Италија, па низ Скопје се движев со мала Веспа која е фантастично деловно возило за ситни бизниси. Во меѓувреме оспособив и едно „Пежо 404“ како моето од времето на нашето детство, па се возев и со него, а од тоа произлезе и групата Пежо 404 која е носител на Олдтајмер средбите.

Сепак, ние од раното детство сме „точакџии“. Во средно, на факултет, во град, со женска, на матурска … секаде со точак! Илјадници километри, неколку украдени велосипеди, од кои некои и многу драги спомени на детството! Се’ до пред две недели, кога си го дозволив луксузот да си купам скутерче на струја. Фантастично е: стартно, не брмчи и не загадува. Пресреќен сум, ама морам многу да внимавам затоа што во сообраќајот учествуваат многу неодговорни луѓе.

Кои се твоите места во Скопје?

Најмило место за пиво, свирка и музика ми е, без конкуренција „Глуво куче“ на Јане и Столе! Но, во комбинација со Водно, Кеј, Фрутисимо, Тања Хармонија и со скопските паркчиња и лулашки …

 

Слични објави

Тронот на Монако може да го преземе сестрата на принцот Алберт: Неговиот татко се сомневаше во него! 

еспресо

(Видео) Андрија Милошевиќ на уникатен начин го прокоментира разводот на Драгана Мирковиќ: А што е со неа, дали е здрава?

Еспресо

(Фото) Јована Јеремиќ гордо го покажа скапиот прстен што го доби од Драган и објасни како го добива она што го сака

К. А.

(Видео) Прекинат концертот на Александра Пријовиќ во Бања Лука, пејачката веднаш реагираше

Еспресо

Се нижат смешни коментари за разводите на Драгана Мирковиќ и на Харис Џиновиќ: „Зорица и Кемиш ни се последна надеж“

еспресо

Змијанац го коментира разводот на Харис Џиновиќ: „Не знам зошто сите полудеа, разводот е зло“

еспресо
Се вчитува....