24.8 C
Скопје
16:33 - 29 март, 2024

(РАЗГОВОР) ДАМЈАН РИСТОВСКИ, КОЛЕКЦИОНЕР НА НАРОДНИ НОСИИ, ПЕСНИ И УМОТВОРБИ: Само од баба Цветанка Блажева од овчеполско Ранчинци снимив околу 160 песни, а имам 105 комплети носии!

Од мала возраст Дамјан Ристовски од скопско Трубарево почнал да учи за македонската традиција, за песните, ората, за носиите. Се зачленил во Културно-уметничкото друштво „Орце Николов“ каде почнал да ги учи и првите чекори на македонските ора, да ги пее народните песни, да ги препознава носиите што се носеле во минатото.

фото – приватна архива

Од ден на ден, од мало момче прерасна во млад собирач на народни песни и умотворби и горд сопственик на колекција на 105 комплети народни носии од речиси сите региони на државава.

– Желбата не е ненадејна, мојата баба чуваше, од нејзиниот чеиз, народни носии, што ги носела таа како девојка и невеста. Ги чуваше љубоморно и цврсто за да можат да останат на идните генерации. Од тогаш се заинтересирав да дознаам дали и другите жени, баби, ја чуваат народната облека, и почнав од соседките на баба ми.

Дамјан е веројатно најмладиот колекционер на народни носии кај нас.

– Почнав на 14 или 15 години, од моето Трубарево каде повеќето жители се доселени од разни краеви. Сите дома си имаа по некоја скутинка, која со задоволство ќе ја извадеа да ми ја покажат и да ми раскажат за нејзиното создавање. Македонија има богата традиција, а со тоа и разна носија од нејзините краеви. Кога почнав да собирам, повеќето со задоволство ми ја подарувваа носијата, затоа што тие се стари, а младите не се заинтересирани за тоа.

Сите посети на Дамјан се теренски и се запишани со датум, со имињата на оние кои ги посетил, со година на нивното раѓање.

– Почнувам со тоа што се определувам за селото или местото кое што ќе го посетам, како и за денот кога ќе отидам. Нема село што не сум го поминал во Скопска Црна гора: Мирковци, Бразда, Кучевиште, Побожје, Бродец, Љубанци, а сум истражувал и во Овчеполието, кумановскиот регион, во селата околу  Крива Паланка. Покрај носиите, дознавам и за пените и умотворбите. Ако се песни, ги снимам додека пеат и досега имам архивирано околу 700. Ако купувам носија или ако ми ја подарат, исто така ја заведувам. Секој предмет или запис си има своја лична карта- ни раскажа Дамјан.

Песни, ора, носии, умотворби, приказни, ова младо момче истражува сè што е поврзано со македонската традиција.

– Сакам да истражам сè. Само од баба Цветанка Блажева од овчеполското село Ранчинци, научив многу и снимив околу 160 песни. За жал баба Цветанка почина во декември и не ја дочека книгата која е готова и во која се запишани сите песни, обичаи, легенди, преданија, поговорки што ми ги раскажуваше, а јас ги запишував.

Дамјан научил и да ткае на стариот разбој на баба Цвета.

– Почнав да ткаам кога почнав и да собирам народни носии, на 15 години. Најпрво имав мој импровизиран разбој на кој, на почетокот правев крпари, черги а имам и едно бело цедилце што сум го исткал тогаш. Потоа, го откупив големиот разбој и почнав да работам со сите придружни елементи брда нити, чекрци, совалки, подношки шкрипци, се има тука. Ткаам појаси и продавам, за  игроорни друштва во  Скопје, Штип во Кратово…

Дваесетгодишното момче, љубовта кон македонскиот фолклор и традиција, ја наследил од семејството, учел песни од баба му Благица која заедно со дедо му му пееле на малиот Дамјан.

ФОТО – ПРИВАТНА АРХИВА

Слични објави

Тронот на Монако може да го преземе сестрата на принцот Алберт: Неговиот татко се сомневаше во него! 

еспресо

(Видео) Андрија Милошевиќ на уникатен начин го прокоментира разводот на Драгана Мирковиќ: А што е со неа, дали е здрава?

Еспресо

(Фото) Јована Јеремиќ гордо го покажа скапиот прстен што го доби од Драган и објасни како го добива она што го сака

К. А.

(Видео) Прекинат концертот на Александра Пријовиќ во Бања Лука, пејачката веднаш реагираше

Еспресо

Се нижат смешни коментари за разводите на Драгана Мирковиќ и на Харис Џиновиќ: „Зорица и Кемиш ни се последна надеж“

еспресо

Змијанац го коментира разводот на Харис Џиновиќ: „Не знам зошто сите полудеа, разводот е зло“

еспресо
Се вчитува....