13.8 C
Скопје
05:44 - 2 мај, 2024

ОТВОРЕНО со блогерката Христина Пан која очекува близнаци: Досега мислевме дека ни е голем станот и се бркавме низ него, а сега одеднаш ни стана мал

Со Христина Пан, позната македонска модна и „бјути“ блогерка разговараме за нејзината најважна улога. Христина и нејзиниот сопруг Петар очекуваат принова.

Пресреќни сме за двете госпоѓици и едвај ги чекаме да дојдат, фото – приватна архива

Како се запознавте со сопругот? Беше ли тоа љубов на прв поглед?

– Баш ме врати години назад со прашањево. Па не би рекла дека беше љубов на прв поглед (се смее,н.з). Се запознавме на работа, најпрво бевме колеги, па другари. Љубовта кон театарот, музиката, погледот на животот, хуморот и сатирата кои му се до ден денес главна особина на Петар, навивањето за Манчестер Јунајтед и многу други работи почна да не поврзуваат сè почесто и направија сè повеќе да поминуваме време заедно за сè тоа на крај да прерасна во љубов. Благодарност до сите колеги што не „местеа” еден на друг и ни додаваа поени (се смее,н.з).

Кој е потолерантниот во врската, кој прв попушта кога имате несогласувања?

– Па бидејќи прашањево е за мене, јас веднаш ќе извикам ЈАС СЕКАКО! (се смее, н.з). Ако го прашаш Петар ќе ти каже дека е тој. Вистината е дека балансираме, некогаш јас, некогаш тој и мислам дека и така треба да биде, инаку нема да биде интересно.

Дали дома ви се поделени обврските на машки и женски или сè си правите заедно?

– Да ми го поставеше ова прашање пред бременост ќе ти одговорев дека можеби за поголем дел од обврските и да, се знае за што е задолжен тој, а за што јас. Ама сега пак, морам да го пофалам и да кажам дека речиси сè презеде тој, а јас уживам на максимум. Единстевно ни остана да пазариме заедно, таму не го пуштам сам и да нацртам сè е залудно (се смее,н.з)

Свекрва ми е задолжена за ручекот и никој друг, фото-приватна архива

Кој готви „по дома“?

– Јас обично готвам и спремам само она што е набрзински, некои здрави оброци, искрено не поминувам многу време во кујна. Свекрва ми е задолжена за ручекот и никој друг.

Кое е твоето омилено јадење, а кое е неговото?

– Јас обожавам тестенини, да можам секој ден ќе ги јадам припремени на сите можни начини. А за Петар ако нема во јадењето вклучено и месо, тоа му е како ужинка, салата.

Дали чувствуваше дека носиш две девојчиња? Што посакуваше да носиш?

– И двајцата сакавме машко и женско, нели како најубава комбинација. Искрено јас потајно посакував две девојчиња, ама си викав дека нема шанси така да ми се погоди. Сега сме пресреќни и двајцата за двете госпоѓици и одвај ги чекаме да дојдат.Во однос на имињата, за едното сме сигурни и едногласни „од старт“, а за друото 80%,, но нема да ги откривам додека не сме сигурни и за двете.

Дали се плашиш од доаѓањето на две бебиња одеднаш и од тоа како ќе се снајдеш како мајка?

– Па, и да и не. Повеќе ме плаши и станувам свесна што ме чека кога ќе видам бебе или дете на другарка, кога ќе видам кои се потреби ги има тоа дете и секако дека веднаш го замислувам сето тоа дупло и во исто време, и искрено малку ме плаши, секако дека ќе биде голем предизвик.. Ама, од друга страна пак, сфатив дека во животот ништо не доаѓа така лесно и по нарачка баш кога сакаш. Да се остварам како мајка посакував најмногу на свет, малку и подолго чекав, така да сега само уживам во овој период и пак ќе кажам одвај ги чекам да се дружиме.

Како се подготвуваш за најважната улога во животот?

– Се трудам полека, полека да се подготвам, моментално сум пријавена на пренатален „онлајн“ курс за трудници, во слободно време читкам и се интересирам и за нешто плус. Во однос на физичка активност дозволено ми е само малку пешачење и кога е убаво времето задолжително го користам за тоа. Околу исхраната се обидувам да биде што е можно поздрава и поразновидна, јадам многу овошје и салати, јаткасти плодови… Но, морам да бидам искрена дека знам и да посегнам во денот по нешто што, ајде да речеме, дека не би требало, но не се може и без тоа.

„Висам“ по профили и сајтови што се поврзани на било кој начин со деца, фото-приватна архива

Природно породување или со царски рез?

– Целосно ги поддржувам и двете опции, кој како сака или како е најдобро. Најбитно е мајката и бебето или бебињата на крај да се добри, здрави и живи.

Што е она што сакаш да го правиш во слободно време?

– Слободното време најчесто го користам за уживање и гледање серии посебно во овој период, конечно почнав со „Рeaky Blinders“ по препорака на Петар, читам книги и „висам“ по профили и сајтови што се поврзани на било кој начин со деца.

Колку се променија нештата пред и после бременоста?

– Се променија, знам дека допрва следуваат промените, водам многу повеќе грижа за себе, секако дека тоа ми е најголем приоритет и е на врвот од листата и пред сè друго. Уште сега сè се врти околу тоа и веќе почнавме да ослободуваме и посдготвуваме простор за нив. Досега мислевме дека ни е голем станот и се бркавме низ него, а сега одеднаш ни стана мал.

Што е клучно за успешен инфлуенсер и квалитетни соработки?

– Сè што е поврзано со Инстаграм почна навистина спонтано, сигурна сум дека сум една од последните личности што се приклучиле на оваа платформа, а сега најмногу време поминувам тука. Најпрво започна со тоа што мене, дури и кога ми беше приватен профилот, се трудев и сакав да ми е „скоцкан“, сакам да имам убави фотографии и ја имам таа среќа што Петар пак, сака да ги создава. Тој ми беше и ми е најголема поддршка за да почнам и да го работам ова.

Сè што е поврзано со Инстаграм почна навистина спонтано, сигурна сум дека сум една од последните личности што се приклучиле на оваа платформа, а сега најмногу време поминувам тука, фото-приватна архива

Немав некој посебен ден да кажам дека од утре јас ќе работам на Инстаграм, дури и кога ја добив првата соработка бев изненадена зашто воопшто не се доживував како „инфлуенсер” и не мислев дека некој ќе ме забележи. Потоа како што се одвиваше работата, ми се виде интересно и си реков ајде, зошто да не, додека ми е забавно и пред сè ме исполнува ќе го правам ова. Плус, сите луѓе и пријатели кои ги добив преку Инстаграм се безценети и тие ми се и најголема и секојдневна мотивација за да продолжам да бидам тука, се разбира колку што ми дозволува времето, зашто ова не е моја примарна работа. Што е клучно за успех? Мислам дека не постои некоја конкретна дефиниција и колку и да звучи „клише” мислам дека е најважно да си свој, да го презентираш и поддржуваш она во што вистински веруваш и дека само така и луѓето ќе ти веруваат и ќе те ценат. Како многу битен фактор би ги ставила и добрата комуникација и енергија што ја разменуваш со Инстаграм пријателите, зошто сè почнува од тука.

Како „бјути“ блогер какви „бјути“ производи користиш?

– Моментално не користам и не експериментирам со многу нови и различни производи, за нега на лице и тело користам органска козметика што веќе сум ја користела и сум сигурна во неа, превентивно против создавање на стрии користам соодветни масла и тоа е тоа. Шминка многу малку, само за фотографирање,  а некогаш дури ни тоа.

фото- приватна архива

Слични објави

(Видео) Трча и ја гушка иконата! Никола Роквиќ откри колку пари собрал за само 10 дена од патувањето за Грција

Еспресо

Ужасен предлог: Милица Павловиќ низ солзи му се дерела на Саша Поповиќ

Еспресо

(Фото) Дарко Лазиќ фати риба за која може само да сонува! Пејачот се пофали на социјалните мрежи

Еспресо

(Видео) Северина пееше во Дубровник, Новак Ѓоковиќ уживаше на концертот: Публиката во транс

Еспресо

Кога да ги миете прозорците пред Велигден: Не пропуштајте го овој ден

еспресо

(Фото) Јелена Карлеуша брутално му одговори на Душко Тошиќ: Еве што мисли за девојката со која е уловен во Дубаи

еспресо
Се вчитува....