13.8 C
Скопје
12:44 - 18 април, 2024

Габриела Кулебанова: Интегритет се гради со искуство и со вредности и квалитети што ги поседувате

Со потпретседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија Габриела Кулебанова разговараме за актуелната состојба во бизнис-секторот, за жените претприемачи и за проблемите со кои се соочуваат и како да се надминат, но и за нејзиното лично искуство како жена во бизнис-светот, која верува дека „како ќе ги поставите работите, така и ќе ви се вратат“.

За жените значаен поттик е олеснување на пристапот до финансиски средства за почнување или развивање на деловната активности, што би се постигнало преку полесно добивање кредитни линии и формирање гарантни фондови, или со помош на воспоставување посебни фондови за финансирање на женското претприемништво. Фото-приватна архива

Каква е актуелната состојба во бизнис-секторот, имајќи предвид дека здравствено-економската криза трае долго време, проблемите се мултиплицираат и од еден предизвик влегуваме во друг?

– Економијата сè уште не е на ниво на кое беше пред пандемијата предизвикана од ковид-19, нарушување на синџирот на снабдување создава големи дисторзии на пазарот, веќе длабоко сме во ситуација на зголемување на цените на суровини, производи, услуги, дефицит на одредени продукти, нерамномерно снабдување. Сликовито да се опише актуелната состојба во која ја остваруваме деловната активност, би се рекло дека навистина стануваме магионичари во одредени ситуации за да ги завршиме тековните договори. Долгорочното планирање и антиципирање што е неопходно за стабилно работење е сè потешко да се направи поради ад-хок промените што се случуваат на дневна основа и имаат значаен импакт на целокупната реализација на тековните работи. Треба да се прифати фактот дека основните текови на работење претрпеа големи промени, поради што неопходно е приспособување и изнаоѓање нови начини на делување, бидејќи само така ќе може бизнисите подобро и одржливо да функционираат. Нашата држава е мал пазар, секогаш сме соочени со предизвици, но оваа година со започнување на воениот конфликт, предизвиците кулминираа, сега се работи за да се преживее, особено кога станува збор за малите претпријатија.

Дали жените во бизнисот се соочуваат со поголеми предизвици во однос на мажите, со оглед на тоа што жените се повеќе активни во бизнисите што се најмногу погодени од кризата?

– Кај жените е докажано дека владеат со многу вештини и се приспособливи, а имаат голема продуктивност поради способноста да се мултиплицираат и да завршат побрзо повеќе работи. Меѓутоа факт е и дека во нашата земја тие најчесто се присутни во услужните дејности во мали или микро претпријатија, кои кризата навистина тешко ги погоди бидејќи немаат акумулиран капитал и резерви. Од друга страна, пак, поволно е што тие имаат и помали трошоци така што и побрзо се рестартираат. Кога станува збор за претприемништво, сакам да истакнам дека жените и мажите треба да имаат еднакви услови за да отпочнат со бизнис, без жената да биде оптоварена со стереотипи од околината и немање на кого да се потпре за поддршка во однос на домашните активности. Но, кога ќе се тргнат настрана овие околности, успехот единствено зависи од индивидуалните способности и квалитети, посветеноста и желбата да се постигне нешто повеќе. Ако жената се двоуми дали да почне свој бизнис или не, тогаш воопшто не треба да започнува. Но, кога ќе тргнете со мислата „јас можам и ќе го направам тоа“, тогаш успехот е неизбежен.

Како ги оценувате мерките за поддршка и помош што досега ги добиваше реалниот сектор од државата?

– Кога надлежните институции ги дефинираат мерките за поддршка на реалниот сектор во консултациите што се правеа со Владата и во кои учествував како дел од Сојузот на стопански комори секогаш истакнував дека со нив треба да се превенира влошувањето на состојбите. Мерките често беа задоцнети и со многу сложени постапки за аплицирање. Воедно, она што недостасува во државата е поврзаност на податоци за физичките и правни лица меѓу институциите за кое како да нема волја да се направи. Доколку институциите по службена должност меѓусебно ги преземаат потребните податоци, ќе се овозможи процесот да биде едноставен и за економските мерки и за многу други процеси и права што секојдневно се остваруваат во различни државни установи. Ние како комора сме во постојана комуникација со нашите членови и водени од реалните потреби доставувавме во неколку наврати предлог-мерки, кои можам да кажам дека во голем број беа вклучени во пакетите на поддршка.

Какви се Вашите искуства како жена во бизнис-светот, сте се соочиле ли со некоја форма на дискриминација и како на тоа сте реагирале?

– Кога сте сигурни и го сакате она што го работите, едноставно не дозволувате да сте дискриминирани и така ги поставувате и ги градите односите со луѓето со кои комуницирате во остварување на деловната активности. Вистинскиот интегритет се гради со искуството, како и со вредности и квалитети што ги поседувате. Можеби во првите години од моето работење се соочив со ситуации на дискриминација, но од нив учев и извлекував поуки, така едноставно се надградуваат вредности, искуството, знаењето, кои се неопходни за успешно ве водат низ работниот циклус. Компанијата што ја раководам е во секторот на телекомуникации, кој се смета за машки свет во бизнисот, затоа и може да кажам дека како ќе ги поставите работите, така и ќе ви се вратат. Секогаш одам со девизата „Што сам можеш да си направиш, никој не може да ти направи“.

Што сметате дека треба да се направи за да се креира подобра бизнис-клима воопшто и какви мерки за поддршка им се потребни за жените за полесно да развиваат сопствен бизнис?

– За да се креира подобра бизнис-клима, неопходно е да се работи на унапредување на деловното окружување во земјата, со акцент на зајакнување на условите што даваат подобра поддршка на жената. За жените значаен поттик е олеснување на пристапот до финансиски средства за почнување или развивање на деловната активности, што би се постигнало преку полесно добивање кредитни линии и формирање гарантни фондови, или со помош на воспоставување посебни фондови за финансирање на женското претприемништво. Паралелно со тоа треба да се обезбедат подобри услови за згрижување на децата како би имале можност да се вклучат на пазарот на трудот сите жени што го сакаат тоа. Треба да се размислува и за посебна програма за самохрани мајки за поддршка за започнување бизнис. Има многу нешта што можат да се направат, постојат применливи добри практики од други земји, но потребна е добра волја за сето тоа да заживее во практика.

Слични објави

Дадилката на децата на Харис и Мелина Џиновиќ признава: „Ѝ ги перев и гаќите, беше скржава!“

еспресо

Драгана Мирковиќ сè жртвувала заради Тони: „Дали сте свесни колку ризикував?“

еспресо

Што појадуваат децата на Новак Ѓоковиќ секој ден: Билна исхрана подготвена од навечер

еспресо

(Фото) Внукот на Цеца го прослави првиот роденден: Раскош, сини балони, кадифени мечиња, елегантна трпеза

еспресо

Астропрогноза за четврток, 18 април: Вагите да си го отворат срцето, Јарците денес да се осамат

еспресо

Анѓелка Прпиќ ја отвори душата: „Кога се разведов…“

еспресо
Се вчитува....