12.8 C
Скопје
10:23 - 25 април, 2024

(ФОТО+ВИДЕО) Внуката на Ѓорѓија Пулевски, преубавата Ана, ја освојува и Германија како лекарка на Црвениот крст

Ана Коцева е една од потомците на големиот македонист, преродбеник  и револуционер Ѓорѓија Пулевски, автор на првите речници на македонски јазик и на првата печатена македонска граматика. Поранешната манекенка денес е лекарка во Германија каде што „младите лекари имаат почит и можност за напредок“.

фото – приватна архива

Тие што ги следат модните писти, сигурно ќе се сетат на името на Ана Коцева, преубавата студентка на Медицинскиот факултет во Скопје, кога со својата грациозност како заштитно лице на модната агенција „Мак моделс“ го одземаше здивот на македонската модна сцена пред десетина години.

Ана остави печат и на видео записот „Ајде води ме“ на Владо Јаневски.

Критичарите за оваа македонска убавица велеа дека  е поубава и од нејзината холандска колешка и актерка Дауцен Крос, со која ја споредуваа. Холанѓанката Крос својата кариера ја продолжи во САД, а нашата Ана, откако раскошните фустани и креации на познатите модни креатори ги замени со докторскиот бел мантил, пред една година замина во благородна мисија во Германија каде што работи како лекарка на најголемата хуманитарна организација на светот – Црвениот крст.

Сепак, малкумина знаат дека Ана е потомок на големиот македонист, преродбеник  и револуционер Ѓорѓија Пулевски, автор на првите речници на македонски јазик и на првата печатена македонска граматика. За Пулевски и за неговата битка за македонскиот јазик со многу гордост за своите корени и љубов секогаш расположена да раскаже е Сузана, мајката на Ана, дама, едноставна, позитивна и секогаш елегантна. За четири-пет години ќе застане на прагот на шестата деценија, но годините кај оваа скопјанка нема да ги забележите, освен по некој набор до очните капаци, во нејзината широка насмевка додека го пренесува тоа што ѝ го кажале предците за војводата Пулевски и Кресненското востание, за исконската убавина на Галичник, родното место на македонскиот преродбеник. Со мајката Сузана договоривме средба во Скопје за да ја слушнеме „Самовила македонска“, славната поема од Пулевски, а со Ана Коцева разговаравме за нејзините впечатоци, надежи, планови…

Фото-приватна архива

Во Германија младите доктори имаат почит и можност за напредок

Последното истражување на Агенцијата за млади и спорт спроведено во периодот од јануари до март 2022 година покажа дека секој трет млад Македонец би ги спакувал куферите со билет во еден правец на европскиот перон, но кои беа мотивите Ана да замине во Германија?

– Искрена да бидам, во мојот случај беше многу спонтано. Немав испланирано порано и не знаев каков правец на кариера ќе имам. Иако германскиот јазик не ми одеше од рака, решив да заминам во Германија бидејќи таму секој лекар добива сопствен печат. Кога подобро ќе размислам, бев изложена на многу препреки за кои бев свесна на почетокот, но потсвесно знаев дека мора да се поминат. Мотивот во мојот случај, беше повеќе за условите и посветеноста на менторите и целиот персонал на болниците, отколку финансискиот аспект, бидејќи секако имав поддршка од моите родители.

Колку младите лекари од нашата земја успеваат да се позиционираат во тамошните здравствени установи, може ли да се пофалиме со знаењето што го стекнувате во Македонија?

– Во Германија најтешкиот дел е собирање на потребната документација. Инаку, можам да кажам дека лекарите од Македонија поседуваат солидно знаење и посветеност (зборувам за оние што се тука) полагајќи германски сертификат за познавање на јазик и нивен стручен испит.

Како живее еден млад лекар во Германија, како се движат платите на лекарите, може ли да се напредува и дали здравствениот систем е имун на непотизам и дебелите врски кои се рак рана на македонското здравство кога станува збор за успех и кариера?

– Платата за млад лекар е мотивирачка и ти дозволува да се почувствуваш дека полека но сигурно го наплаќаш сопствениот труд поминат низ годините на студирање. Во Германија најголем белег и најголема предност е просторот и можноста за напредок. Колегите, барем во мојот случај, располагаат со голема флексибилност и толеранција. Свесни се за нашите почетоци и на соодветен начин знаат да се справат со нашите тешкотии.

За споредба, што е она што најмногу му недостига на македонското здравство и секако на еден млад лекар, желен за напредок?

– Искрено, платата за практика пред специјализација е и повеќе од солидна, но сепак има разлика од бундесите во Германија. Се наплаќаат плус часови и дежурства, а лекарот уште и на самиот почеток како мене добива почит и етика на доктор. Комуникацијата со менторите е отворена. Тоа е и основното правило и клучот за успех.

Планирате ли да се вратите во Македонија или и Вашиот билет е во еден правец? 

– Искрено, јас иако живеам со сопругот во Германија, сепак имам голема фамилија во Македонија. Па, затоа, не сакам да зборувам за мојот билет. Тоа ќе биде заедничка одлука. Не планирам многу, оставам на текот на настаните.

фото – приватна архива
фото – приватна архива
фото – приватна архива
фото – приватна архива
фото – приватна архива
фото – приватна архива
фото – приватна архива
фото – приватна архива

„О Јевропо христијанска, дал’ не слушаш наши плач?

Нашиот (меѓу)наслов избран и посветен на поемата „Самовила Македонска“ која македонскиот преродбеник Ѓорѓија Пулевски ја овековечил во 1878 година во Софија во време на случувањата околу македонското Кресненско востание и Берлинскиот конгрес, „О Јевропо христијанска, дал’ не слушаш наши плач? -Берлински конгрес што, написа – условија не исполни“, како да е инспириран од денешницата во која сме заглавени предолго и неправедно во бугарскиот вагон, кој засега никој нема одговор  дали ќе ни го отвори европскиот пат. Но, еве, за какви неправди пишувал Пулевски: Македонски мајки пиштата, а Јевропу милно мољат: „О Јевропо христијанска, дал’ не слушаш наши плач? О Јевропо, мила мајко, што ни остави под турска власт?“ Чујте, жители македонски! Назе ништо не ни чекат: од азијатци – насилије, а в туѓина – укорство. Туѓа страна је непријатна, а в туѓина ве напорки гледат И несносни прешебови свијем ни вељат… (оригинален извадок од поемата „Самовила македонска“)..

Фото – википедија

 

Слични објави

Се огласи сопругата на Никола Роквиќ: „И ние тргнуваме на пат за Грција…“

еспресо

Астропрогноза за четврток, 25 април: Скорпиите да не преземаат ризик, за Девиците неочекувани обврски

еспресо

Бела низа денови: Два хороскопски знаци ги чека исполнување на соништата

еспресо

(Фото) Никола Роквиќ запеа со уличен музичар: „Патот е секогаш посреќен со песна!“

еспресо

Вртоглав успех: Два хороскопски знаци ќе направат пробив во кариерата на крајот на месецот

еспресо

Нина Бадриќ си ја отвори душата: Платив висока цена, психопати пробаа да ме малтретираат

Еспресо
Се вчитува....