10.8 C
Скопје
20:01 - 25 април, 2024

(ФОТО) ВЕСНА КОЦЕВСКА, туристички водич: Кападокија е како друга планета!

Разговараме со Весна Коцевска, туристички водич и блогерка за патувања, која неодамна ја посети турска Кападокија. Еве со какви впечатоци се врати.

фото – приватна архива

Како дојде на идејата да почнеш да се занимаваш со блогерство? Што е клучно да успееш да те следат поголем број луѓе и да соработуваш со квалитетни брендови?

– Работата како туристички водич и желбата со останатите да споделувам за местата кои сум ги посетила, со цел и нив да ги убедам да посетат некое место, како и желбата повеќе да споделувам за места во Македонија за кои и ние во нашата земја не знаеме доволно, сето тоа ми беше еден поттик да започнам најпрво со блогот www.whisper-365.com , а подоцна и со Инстаграм профилот именуван по него @Whisper.ves

Она што го научив после четири години на Инстаграм е дека мора да се одреди специфична тема по која што ќе бидеш препознатлив, односно луѓето ќе знаат што да очекуваат и какви содржини ќе најдат на твојот профил. Со тоа си ја конкретизирал и публиката и сè останато. Како и многу други на почетокот малку лутав, односно отсекогаш знаев дека е тоа патувањето, меѓутоа сум експериментирала, сум прифаќала и соработки кои можеби конкретно не одговарале на профилот кој сакав да го изградам. Сепак, секој ден учиме и ништо не е константно, се менува Инстаграм, се менуваме и ние. Друг многу значаен фактор за раст е да се биде конзистентен, како и постојано да им се дава некоја вредност на луѓето кои нè следат. Вредноста може да биде различна, зависно од темата, дали ќе бидат корисни информации, дали ќе биде едукативна или забавна содржина итн. Кога веќе сме го исполниле горенаведеното тогаш произлегуваат и квалитетните соработки.

Збор- два како туристички водич, колку те исполнува работата, што се промени со пандемијата и што мислиш дека ќе е случува во иднина?

– Работата како туристички водич секогаш ме исполнувала затоа што си ја сакам земјата, сакам да патувам и сакам да споделувам. При тоа сум научила дека не е поентата да им кажеш сè што знаеш на туристите, туку да се прилагодиш на нивните потреби и да си поминат убаво. Со пандемијата се промени тоа што првата година немавме воопшто работа, а наредната веќе одредени групи почнаа да се враќаат. Со тоа што за претстојава сезона веќе имаме најави дека ќе се почне во нормални термини како пред пандемијата, со веројатно поголем број туристи од минатата година. Поради војната во Украина има и откажувања од одредени земји, но она што ни е важно е дека споредено со пандемијата туристите сепак ќе доаѓаат.

Како странците ја доживуваат Македонија и што најмногу им се допаѓа?

– Странците што нè посетуваат се секогаш воодушевени, особено од природата, луѓето и храната. Имав добра можност да откријам што точно им се допаѓа најмногу, а што најмалку, во истражувањето кое го направив за мојот магистерски труд со тема „Атрактивностите на Р.Македонија како дестинација за Холандски туристи“. Истражување кое може да се примени за секоја националност.

Колку често патуваш приватно и колку си имала можност да посетиш земји до сега?

– Пред пандемијата патувавме многу почесто. Поради тоа што и сопругот е туристички водич секогаш бевме практични, односно во сезона барем по неколку дена поминувавме на море, најчесто во Албанија, затоа што ни е поблиску, па можевме и 2-3 пати во текот на летото да одиме. А за вон сезона ги остававме подалечните дестинации, најчесто заедно со децата. Секогаш се трудиме тоа да бидат нови дестинации, но морам да кажам дека иако никогаш не ми биле во приоритет како дестинација САД, сепак позитивно нѐ изненадија. Посебно последното патување пред пандемија кога посетивме четири различни држави и видовме различни места, меѓу нив и Атланта, Дизни Ворлд во Орландо, Чарлстон, Ашвил, Савана, каде го почувствувавме јужњачкото гостопримство и уживавме во, за нас, несекојдневни природни убавини.

Има ли некоја земја или град што толку ти се допадна што би сакала да живееш во него?

– Да бидам искрена многу места ми се допаднале, но не можам конкретно да кажам некое такво место затоа што не сум размислувала на тема да се преселам за постојано. Можеби затоа што моето размислување е дека домот е таму каде што ти се саканите, целиот свет може да ни биде дом, но секогаш ќе имаме едно место на кое ќе се навраќаме, а за мене се надевам дека тоа секогаш ќе биде Охрид.

Колку едно патување те менува како личност и како тоа влијае на тебе? Кое е патувањето што можеби најмногу те променило до сега?

– Секое патување по малку нѐ менува. Каде и да одиме оставаме дел од себе, но и земаме дел од тоа место со себе. На крајот, со тоа што повеќе патуваме и учиме за другите места, стануваме потолеранти и учиме повеќе да го цениме и она што го имаме. Барем тој ефект го има на мене.

Кога си на патување што најмногу сакаш да правиш? Кој е најдобар начин да се доживее душата на еден народ?

– Сакам да видам што повеќе, одмор ми е кога сме на приморска дестинација, иако често и на таквите дестинации комбинираме со разгледување, сепак кога сум во некоја дестинација каде што има што да се види и открива не губам време покрај базен. Доколку е можно да се земат тури со водич земаме затоа што на поинаков начин се доживува дестинацијата со приказните од локалците. По себе знам како водичот ги пренесува нештата, но и дискусиите кои произлегуваат со прашањата ни даваат поконкретни информации и гледишта на нештата од локалното населени. Зависи и од водичот, но мислам дека до сега сме имале само позитивно искуство.

фото – приватна архива

Впечатоците од Кападокија

– Кападокија е една сосема поразлична дестинација на која што до сега сме биле. На моменти буквално се чувствувавме како да сме на друга планета. Кападокија не се само балоните, но и тие прават да биде поинтересна како дестинација. Има толку многу да се истражува и да се види. Во случајов, бевме со организирано патување од агенција и дефинитивно ова е една таква дестинација на која е добро да се има водич. Сами за толку кратко време немаше шанси толку да видиме, а при тоа да ни биде опуштено и безгрижно целото патување. Како дестинација дефинитивно ја препорачувам.

„Divine Farms“, како почна приказната, колку им е интересна на странските туристи, на домашните туристи?

– Приказната трае од 2001 година, кога почнавме со овоштарство, а минатата година за прв пат ги отворивме портите за посетителите и одлучивме да го воведеме пробно и туризмот како дејност. Периодов веќе се работи поактивно на уредување на просторот и спремање на поконкретна понуда за следната сезона. Агри-туризмот има голем потенцијал во нашата земја, особено за привлекување на странски туристи. А она што е наша предност е дека овоштарникот се наоѓа на едни од најубавите „диви“ плажи на Охридско Езеро, помеѓу Љубаништа и Св. Наум, поради што се јавува интерес и кај домашните туристи. Не сакаме масовен туризам, едноставно да ја надополниме основната дејност – овоштарството и да се сочува и одржува животната средина. Верувам дека во иднина повеќе домашни туристи ќе пројават интерес затоа што со темпото на живеење на сите ни треба повремено да се повлечеме во некои место каде што ќе најдеме мир, ќе се поврземе повторно со себе и со природата. А токму такво место ќе се потрудиме да биде „Divine Farms“. Комбинацијата на синилото на езерото и зеленилото на овоштарникот тоа многу ќе ни го олеснат.

фото – приватна архива
фото – приватна архива
фото – приватна архива
фото – приватна архива
фото – приватна архива
фото – приватна архива
фото – приватна архива
фото – приватна архива

Слични објави

(Фото) Раста успешно опериран! Српскиот рапер покажа како се опоравува

Еспресо

(Фото) Ден пред погребот, објавен е мистериозен некролог за Бојана Јанковиќ: Без потпис

еспресо

(Фото) Ана Ивановиќ носи часовник од 500.000 евра! Убавата тенисерка прошета уникатен „Ролекс“

Еспресо

(Фото) Црна позадина, без зборови: Поранешниот сопруг на покојната водителка Бојана Јанковиќ занемен од тага и болка

Еспресо

Сеќавање на Велибор Џаровски-Џаро: „Животот е едно големо зезање“

еспресо

Откриени детали од судењето на Гоца Тржан и Маја Николиќ: Пејачката е подготвена за војна со инфлуенсерката

jasmina.kantardzieva
Се вчитува....