Пејачката Ева Нединковска се омажи за својот партнер Филип, неколку месеци откако се свршија во Будимпешта.
Фотографии и видеа од свадбената прослава сподели и нејзината мајка Антоние Нединковска, која на младенците им упати емотивна порака.
„Најголем подарок за една мајка е да ја живее радоста на нејзините деца. Ева и Филип, имајте благословен и плоден брак исполнет со мир, љубов и благосостојба“, напиша мајката на Ева.
На фотографиите од свадбата, Нединковска е во бела венчаница со тантела, а прославата се одржа на отворено, во зеленило. Младенците имаа и свадбен танц, а Ева сподели дел од атмосферата со пораката „Среќни и вечни“.

Ева и Филип се свршија пролетва. Тој ја запроси за време на нивното патување низ Европа, во Будимпешта, а на 11 април направија и прослава на свршувачката со најблиските.
Во мај, Нединковска во интервју за „Слободен печат“ раскажа дека Филип првично планирал да ја запроси во Берлин, каде што таа трчала полумаратон, но планот го променил поради нивната набиена агенда и нејзиниот замор. Запросувањето на крајот се случило во хотел во Будимпешта.
„Моментот кога Филип ме побара беше интимен, топол и многу значаен за двајцата. Се потруди околу изборот на местото, сместувањето, прошетката до таму, услугата, факторот на изненадување за мене“, рече тогаш Ева за „Слободен печат“. Таа раскажа дека Филип ѝ одржал емотивен говор, се помолил за нив и клекнал со прстен.
Во истото интервју откри и една интересна подробност за почетокот на нивната врска. Ги запознал таткото на Филип, кој е пастор во христијанска црква и предложил да испијат кафе. Ева со неговите родители се познавала со години преку нејзината работа, но дотогаш не го познавала нивниот син. Филип е машински инженер и работи со роботика во странство.
Уште тогаш Нединковска кажа дека не им е најважна формата на свадбата, туку подготовката за заедничкиот живот и бракот. Двојката следела и предбрачна програма под менторство на искусен христијански брачен пар.
Ева од претходниот брак ја има ќерката Ена, за која во интервјуто рече дека Филип има близок однос со неа. Нединковска на македонската музичка сцена се појави како тинејџерка, а подоцна се повлече од активното занимавање со музика и се посвети на претприемништвото и на Центарот за обука „ЕВА“
