21.8 C
Скопје
17:14 - 28 март, 2024

Во земјите каде се почитуваат препораките, не се воведува полициски час

Македонија го живее првиот ден од полицискиот час откако вчера техничкиот претседател на Владата, Оливер Спасовски најави воведување ограничено движење во вечерните и ноќните часови. Оваа меркa следуваше по низата апели и препораки да се намали излегувањето од дома, со цел да се спречи ширење на коронавирусот.

Денеска во Македонија ја имаме и првата жртва од новиот вирус, 57 годишна жена од Куманово.

Од Министерството за здравство соопштија дека во текот на изминатото деноноќие се регистрирани 29 нови случаи на заразени со коронавирус во Македонија. Вкупниот број на заболени сега изнесува 114. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во моментов се хоспитализирани 24 пациенти.

Во повеќе европски земји, бројот на заболени од коронавирусот е поголем, но се уште не е донесена одлука за ограничено движење на граѓаните.

Нашиот соговорник Ѓорѓи Ѓорѓев кој со семејството живее во Антверпен (Antwerp) ни ја пренесува состојбата во Белгија.

– Не е официјално прогласена вонредна состојба, но има многу рестрикции. Транспорт е дозволен само за да стигнеме до работа, аптека или за до маркет. Банките се затворени, ама банкоматите работат. (Банките се достапни преку електронска пошта и телефон). Полициски час не е воведен ама продавниците за храна имаат дозвола да работат само до 22 часот. Дозволено ни е да излегуваме надвор, ама не повеќе од две лица. Прошетките не се забранети, но доколку фамилија со деца излезе на прошетка не смее да има контакт со други лица. Угостителските објекти се затворени. Јавниот превоз работи скоро нормално, ама нема многу патници, и тие што го користат мора да држат растојание од 1,5 метар. Граѓаните не се затворени дома, но има многу полиција и строги контроли, вели Ѓорѓи.

До вчера во Белгија имаше 1.089 хоспитализирани, а 75 мртви како последица од коронавирусот.

Ограничено движење нема ниту во Германија, иако се смета за земја од висок ризик. Нашинци кои живеат во Бад Кроицнах (Bad Kreuznach) за Слободен печат ја пренесуваат состојбата во Германија. Тие велат дека канцеларката Ангела Меркел денеска на вонредна прес конференција не најавила ограничено движење, односно полициски час, туку само дала препораки да се седи дома. Слично како и во Белгија, може да се излегува надвор, ама само по двајца.

– Полицијата врши проверка на податоци од лична карта. Може да излезат надвор заедно само двајца и тоа од иста адреса на живеење. На пример не може да се договориш со пријател и да се сретнеш во парк. Рестораните и угостителските објекти досега работеа до 18, од денеска ќе работат само за нарачка на храна. Јавниот превоз не е укинат, но ретко може да се видат луѓе надвор. Препораките многу се почитуваат, вели триесет и тригодишниот М. М. од Германија.

До денеска во Германија заболени од коронавирус се 23.974, од нив оздравеле 266, а починале 92 лица.

Полициски час нема ниту во Норвешка.

Нашата соговорничка Славица Савеска Кењереш од Осло (Oslo), Норвешка вели дека во оваа скандинавска држава се уште не е прогласена вонредна состојба.

– Првично до 26 март затворени ќе бидат училиштата, градинките, фитнес центрите. Не може да се преспива во викендици, секој треба да си биде во својата општина. Границите се затворени, но норвежаните можат да се вратат дома, а за нив е задолжителна 14 дневна изолација. Јавниот превоз вози по стандарден возен ред, автобусите се дезинфицираат, а предната врата е затворена за да се заштитат возачите. Движењето не е ограничено, дури и за тие што се во излолација, ама без симптоми. Болните се во карантин. Моменталната бројка е 2.182 заразени од 49.000 тестирани. Има и седум мртви, од кои првите 5 пациенти се со просечна старост од 89 години, вели Славица.

Полициски час не е е воведен ниту во Малта. Ова за Слободен печат го вели Ивана која веќе една година живее таму.

– Државата нема воведено полициски час, но нема ниту мртви од коронавирус. Заразени се 90 граѓани, границите се затворени само за одредени држави како Италија, Франција, Германија и Шпанија. Училиштата се затворени еден месец, рестораните и клубовите не работат, а се друго функционира нормално. Сепак, се појави паника кај населението, повеќе од економски аспект бидејќи голем дел од луѓето останаа без работа, вели Ивана.

Полициски час има воведено Австрија.

Даниела, која речиси цел живот живее во Виена, вработена е во болница и го споделува искуството со коронавирусот.

– Од 19 до 7 часот другиот ден не е дозволено да се излегува од дома. Работат само продавници за храна, друго ништо не работи. Превозот на патници се одвива нормално во градот, но од државата никој не смее ниту да излезе ни да влезе. Градинките и училиштата не работат. Пред воведувањето на забрана за движење, можам да кажам дека многумина не ги почитуваа препораките од Владата. Во Австрија моментално има 3.244 заболени, а 9 починати од вирусот, вели Даниела.

The post Во земјите каде се почитуваат препораките, не се воведува полициски час appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....