14.8 C
Скопје
19:28 - 26 април, 2024

Во Македонија, в.д. директори шефуваат и по 10 години

Се почесто во земјава на раководни функции на јавните претпријатија се поставуваат в.д. директори кои се задржуваат на функцијата повеќе од шест месеци, колку што предвидува законот. Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), пред два дена даде препорака во Србија да се престане со ваквата практика, јави спрски Блиц.

Според пишувањето на „Блиц“ во препораката од ММФ во Белград се наведува дека од в.д. директорите не може да се очекува целосна реформа на овие компании, што вклучува и професионално управување. Со други зборови, според весникот, тие побарале до крајот на годината да се распише конкурсот за избор на стручен менаџмент, а со тоа да заврши и ерата на в.д. директорите во Србија.

Изворот на „Блиц“ тврди дека претставниците на ММФ препорачале строго да се почитува Законот за јавни претпријатија, според кој в.д. директорите во јавните компании во државата можат да останат на оваа функција максимум една година.

– Подобрувањето на управувањето во јавните претпријатија е исклучително важно за ММФ и невозможно е да се помири со луѓе со привремен статус затоа што врз нив може да се изврши политички притисок. За нив е неприфатливо да останат во актерски статус неколку години и затоа им се препорачува на српските власти, овој процес да заврши што е можно поскоро “, вели изворот на „Блиц“.

Каква е ситуацијата во Македонија? 

Поранешниот премиер Зоран Заев во мај минатата година најави дека ќе има разрешување на околу 40 директори во јавните претпријатија. Владата на средината на минатата година именуваше дури 10 в.д. директори, меѓу кои Ване Цветанов на Совет за унапредување и надзор на ревизијата на РСМ, Емил Крстевски на Државен архив на Република Северна Македонија и други.

Истото се случува и во здравствените установи каде што речиси две години сите директори се в.д. и нивните договори, кои согласно законот се склучени на 6 месеци, постојано се продолжуваат. Но тоа не е практика само на сегашната политичка гарнитура на власт. И изминатите години здравствениот систем функционираше на истиот начин и имаше директори кои беа в.д. и по 3-4 години.

Како најинтересен е случајот со Јавната здравствена установа „8 Септември“, каде што ревизорите на Државниот завод за ревизија утврдиле дека оваа институција речиси 10 години била водена од страна на в.д. директори.

„Со одлука на Влада за основање на ГОБ „8 Септември“ во 2009 година, како работоводен орган на болницата, именуван е вршител на должноста директор со мандат не подолг од шест месеци, кој ја извршува функцијата вршител на должноста заклучно со месец август 2017 година. Воспоставената пракса за именување на вршител на должноста директор продолжила и во наредниот период така што, почнувајќи од август 2017 година со решение за назначување на работоводен орган – вршител на должност директор именувано е друго лице со мандат од шест месеци, кое повторно е именувано за в.д. на должноста директор во февруари 2018 година. Во известувачкиот период не е пристапено кон склучување на менаџерски договор за уредување на меѓусебните права и обврски помеѓу вршителот на должност директор и работодавачот“, стои во извештајот на ДЗР.

Оваа пракса често се спроведува и на локално ниво, па така во Општина Велес поголем дел од јавните претпријатија и установи се предводени од в.д. директори,  за што градоначалникот Аце Коцевски истакна дека поради недостиг на соодветни кадровски решенија мора да назначуваат вршители на должност.

Македонските власти се уште немаат добиено препорака од страна на Меѓународниот монетарен фонд да престанат со практиката на поставување в.д. директори во јавни компании, како што тоа го направија во Србија.

„Слободен печат“ побара одговор од Министерството за информатичко општество и администрација, дали во земјава има пристигнато таква препорака, како кај нашиот северен сосед.

– Можеме да потврдиме дека во нашето министерство, но и во Владата, засега немаме добиено ваква препорака од страна на Меѓународниот монетарен фонд – велат од МИОА.

„Слободен печат“ ја контактираше и канцеларијата на ММФ во Скопје, но засега не добивме одговор, бидејќи одговорното лице е на пат.

Според нашиот Закон за јавни претпријатија стои дека функцијата в.д. директор може да се врши шест месеци, но честопати сме сведоци дека по истекувањето на мандатите, бројни в.д. директори добиваат нови договори, а некои од нив и со години се на оваа функција.

 

The post Во Македонија, в.д. директори шефуваат и по 10 години appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....