13.8 C
Скопје
20:50 - 3 мај, 2024

Владата со закон ќе биде обврзана да ги „слуша“ младите!

Од следната година во секоја државна и локална институција младите ќе ги пречекува „службеник за млади“ кој ќе им ги одговара прашањата од доменот на неговата институција, како на пример за самовработувањето, за програмите во министерствата и сè што ги интересира, а досега немало кој подробно да им го објасни. Овие работни места се предвидени со новиот Закон за млади, кој пред два дена беше изгласан во Собранието.

Во секоја општина ќе има и канцеларија за млади и младински центри, кои е предвидено да бидат мултифункционални и да служат за дебати и работилници. За првпат официјално, младинските организации, партиските подмладоци и чадор организациите ќе ја советуваат Владата какви политики да носи и на што да се фокусира, за што се формира Национално советодавно тело на млади, во кое ќе учествуваат девет младински претставници и осум претставници на владините ресори. Без советите на младинските претставници, како што вели пратеничката Ивана Туфегџиќ, која е еден од предлагачите на законот, нема да може да се донесе ниедна стратегија или политика што ги засега лицата на возраст од 15 до 29 години. Главното тело кое ќе ги застапува интересите на младите при носењето на законите и на политиките на државно и на локално ниво е „Националното собрание на млади“.

– На ова советодавно тело не можевме да му дадеме моќ да носи одлуки, но мислењето на неговите претставници ќе биде многу важно во случаите кога Владата ќе ја усвојува стратегијата за млади, политиките кои се однесуваат на буџетот за млади, стратегијата за спречување „одлив на мозоци“ итн. – вели за „Слободен печат“ пратеничката во Собранието на Република Северна Македонија и предлагач на законот, Ивана Туфегџиќ.

Законот е правен по литвански и словенечки терк, а причината поради која е донесен е тоа што веќе со години во Македонија нема официјално младинско тело кое ќе ги застапува интересите на оваа категорија граѓани при носењето закони и политики на државно и на локално ниво.

– Со ова советодавно тело младинските организации директно ќе можат да бидат на терен и директно да ѝ пренесуваат на Владата што се случува во важните ресори, како на пример во Агенцијата за вработување. Агенцијата за вработување спроведува политики за вработување на млади и ние последниве години имаме проблем со таа политика. Имаме мерки за самовработување и колку ги бива? Имаме Фонд за иновации, а колку иновации имаме, не мериме. Со законот ќе може да се врши мерење на ефикасноста на политиките што се однесуваат на младите. Всушност, со закон Владата ќе мора да ги слуша младинските здруженија за проблемите што ги засегаат нив – додава Туфегџиќ.

За почетно спроведување на Законот за младинско учество и младински политики од буџетот се одделени осум милиони денари. Дел од парите ќе се користат и во Агенцијата за млади и спорт, каде ќе се формира истражувачки центар што ќе ги собира сите истражувања на невладините организации, кои досега беа раштркани.

– Ни недостасуваше политичко учество на младите во Македонија. Партиските подмладоци мобилизираат најголем број луѓе. Првпат се отвора дијалог меѓу младите и партиските подмладоци. Се надевам дека во новиот пратенички состав ќе има повеќе млади пратеници за да може да го продолжат имплементирањето на Законот – ни рече Туфегџиќ.

Интересно за ова законско решение е што е донесено со учество на сите релевантни младински фактори во земјава, како партиски подмладоци, младински организации, пратеници од различни политички партии. Во 2011 година постоеше обид да се донесе вакво законско решение, но тој беше неуспешен, за на крајот под притисок на младинскиот сектор идејата да се реактуализира, со цел учество на младите и на национално и на локално ниво.

Стефан Андоновски, претставник на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, во работната група за носење на законот, вели дека за првпат со ова решение политичките подмладоци се препознаени како форма на здружување во закон, со што им се отвора простор да се вклучуваат во локалните младински совети во општините и да ја зголемат внатрепартиската демократичност.

– За жал, овој закон нема за цел да ги реши економските и егзистенцијалните проблеми на младите, нема да ја намали невработеноста и да го спречи иселувањето, но го гледаме како форум, за младите да ги искажат своите проблеми и да не се носат повеќе одлуки без консултација со нив – ни рече Андоновски.

Заев: Ова е победа на младите

Претседателот на СДСМ Зоран Заев им го честиташе на младите донесувањето на Законот за младинско учество и младински политики.

– Млади, ова е ваша победа, бидете будни, критикувајте, правете промени, затоа што само вие, младите, знаете што е добро за вас! Отсега сите политики за млади, идеи и решенија во насока на креирање на подобар животен стандард за младите ќе бидат носени заедно со младите и младинските организации во еден транспарентен и инклузивен процес, со цел заеднички да го подобриме статусот на младите луѓе во општеството – посочи Заев.

Тој потенцираше дека за првпат во историјата на Република Северна Македонија постои закон што овозможува поголема вклученост на младите во процесите на носење одлуки и признавање на формите на организирање на младите.

The post Владата со закон ќе биде обврзана да ги „слуша“ младите! appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....