14.8 C
Скопје
18:50 - 3 мај, 2024

Се вози ли некој од ќеиф во автобус?

Пред некој ден на социјалните мрежи се појави фотографија од автобус на ЈСП, направена во утринските часови,  на која граѓани се гужваат да влезат во возилото, во обид да стигнат навреме на своите работни места. Повеќето со маски и ракавици, како што налагаат препораките за заштита од коронавирусот, колку да не си дишат директно лице в лице, затоа што, веројатно најважната препорака, да се држи соодветно растојание еден од друг, во такви услови е невозможно да се почитува. Под фотографијата стотици коментари од граѓани, дел од нив со барање да се зголеми бројот на автобуси, но повеќето со осуда, гнев, па дури и гнасни навреди упатени кон луѓето што биле принудени да се гмечат во автобус. Главната поента од сите – седете си дома, кај сте тргнале?

А дали има некој што во вакви услови не сака да седи дома и да си го заштити своето и здравјето на своите најблиски? Има ли таков? Постои ли човек што во овие невремиња сака да се вози во автобус секое утро, онака, за ќеиф? Едноставно, во овој град има луѓе што мораат да одат на работа и да стасаат некако таму. Сакале тие или не, никој не ги прашува! Исто така, има и граѓани кои не можат да си дозволат поинаков превоз до работа. Да, немаат! И затоа кога се плука и навредува по социјалните мрежи треба да се има малку усул. Па да се размисли дали за гужвата во автобусите се виновни граѓаните или оние на кои им текнало дека со помал број возила ќе се намали гужвата во градскиот превоз. Опасна некоја логика!

Една од поновите владини мерки е да се држи растојание од два метри од еден до друг патник во градскиот превоз. Скопје нема толку автобуси за да се исполни оваа препорака. Ниту автобусите имаат таков капацитет. Евентуално во еден автобус да се возат по три-четворица, а во кинеските двајца долу и двајца на кат. Настрана шегата, оваа препорака е невозможно да се почитува. Ниту има кој да ја спроведе.

Го слушам премиерот Оливер Спасовски  дека се размислувало сосема да се укине јавниот градски превоз поради короната. Дали тоа значи дека ќе се забрани и одење на работа во тој период. Дека сосема ќе запре животот во Скопје? Затоа што мене не ми паѓа на ум ниеден друг начин за некој кому автобускиот превоз му е единствена опција, на пример од Драчево,  или од Ченто, Бутел, Волково или од Ѓорче да стигне на работа во друг дел од градот.

Ситуацијата е таква во која секој од нас жртвува многу за да се заштити од опасниот вирус. Препораките за заштита мора да се почитуваат. Тешка е самоизолацијата, недостига социјалниот живот, но исто така им е тешко на оние граѓани кои мора да одат на работа, затоа што немаат друг избор, изложувајќи се на ризик при секое излегување. Дајте повеќе автобуси, не само на неколку линии, за да се заштити и здравјето на оние кои немаат друг избор освен да се качат во градските возила. За сето ова што не снајде, да помине со помалку последици за сите.

 

 

The post Се вози ли некој од ќеиф во автобус? appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....