20.8 C
Скопје
19:56 - 29 април, 2024

Самоувереноста на Заев

Откако Зоран Заев синоќа му соопшти на ДУИ дека е време да оди во опозиција, за очекување е дека ДУИ до недела ќе го промени ставот дека се за избори на 5 јули. Ако заради ништо друго, тогаш за да го понижат Заев со тоа што ќе му покажат дека, дури и за договор за самиот датум за избори, тие се јазичето на вагата кое одлучува во кавгите помеѓу власта и опозицијата. А и за на сите да им докажат дека се сериозни со инсистирањето идниот премиер да биде Албанец – како одговор на претрпениот шок од предизборната коалиција на СДСМ и БЕСА.

ВМРО-ДПМНЕ и понатаму си молчи. Ова е прв пат СДСМ да им е толку длабоко влезен во „шеснаесетникот“ на „национал-популистичките“ теми („премиер Албанец“!), а таму да нема ни кого да „дриблаат“, бидејќи целата „национална одбрана“ на ВМРО е разбегана, сосе голманот, на некој од резервните терени.

Занимливо, етно-ултиматумот на Али Ахмети не наиде на никакво големо (па ни мало) воодушевување во етно-албанските кругови во земјава. Во најдобар случај, се третира како уште една контроверза на ДУИ, како импровизација за привлекување албански гласови под притисокот од своите политички конкуренти. Прашање е зошто Ахмети се одлучи пред, а не откако ќе се договори датумот за избори, да излезе со таков предлог, но „студениот туш“ што им го приреди самиот Заев истото попладне по соопштувањето на тој проект, им го „скина“ чаламот што требаше да го уживаат барем неколку дена по фрлената етно-политичка „коска за глодање“.

Со своите продолжени остри реакции на барањето на Ахмети, Заев како едвај да дочека да покаже дека му е „прекипено“ од толерирањето на ДУИ во тригодишното заедничко владеење, во кое тој мораше да голта разни, главно криминално-кадровски „кнедли“ сервирани од Ахмети во напорот да го сочува деликатниот баланс помеѓу амбициозната политичка агенда и „тенкото“ владино мнозинство во Собранието. Прашање е дали многу етнички Албанци – а и не само тие – кои гласаа за СДСМ на претходните избори токму за да го видат ова задоцнето, сегашно пророштво на Заев за заминување на ДУИ во „заслужена“ опозиција, ќе имаат мотив и на наредните избори да му ја дадат поддршката на СДСМ (и БЕСА)?

На луѓето им е одамна здодеано од добри изговори, а има и голем број Албанци кои се чувствуваат сто пати прелажани! Иако овој пат ќе имаат не две, туку избор меѓу цели три опции за гласање: СДСМ/БЕСА, ДУИ и Алијанса/Алтернатива. Четвртата е да си останат дома и ништо да не ги интересира.

Додуша, никој не му текнува да го праша Заев што ќе се случи доколку на изборите победи, но сепак да не може да формира влада без поддршка на ДУИ? Подготвен ли е, тогаш, да поддржи малцинска влада меѓу Мицкоски и Ахмети, ако ДУИ и понатаму инсистира премиерот да е Албанец?

Сепак, Ахмети сите ги изненади, Заев инстантно му возврати, со реакции се изредија и сите други албански партии, а на крајот ќе се испостави дека токму со немањето став најскапиот политички цех ќе го плати ВМРО-ДПМНЕ. Затоа Заев – „Подобро е да имаш лош став, отколку да немаш став во политиката“ – самоуверено им порачува дека, поразени, ќе си седат со ДУИ во „здрава опозиција“ и ќе се прашуваат: „Каде згрешивме?“… Долг е тој список за размислување.

Останува уште „датумот“! Бреее, што „датуми“ драматично се изначекавме во минатово, човек да помисли дека календарите во Македонија имаат по 24 месеци годишно, со 45 дена месечно!

 

The post Самоувереноста на Заев appeared first on Слободен печат.


Самоувереноста на Заев was first posted on јуни 12, 2020 at 8:40 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....