24.8 C
Скопје
13:37 - 6 мај, 2024

Пропагандни дибеци на прес-конференции

Стратегијата на „капка по капка систем“ во ширењето на лажни вести, колку што е одвратна, толку е и опасна за менталното здравје на нацијата, особено во вонредни ситуации, каква што е оваа во која сега се наоѓаме. Во такви општествени состојби, јавноста има ескалирани чувства на страв, несигурност, збунетост, сомневање, и е податлива цел за секакви манипулации и ширење злобни гласишта.

Време на „специјална војна“, што викаа во ЈНА. Време на организирано ширење на лажни вести, што рече некни Пендаровски.

Оној Дибек што седи на прес-конференциите на Филипче, кој секогаш „се тепа“ да постави прв 5-6 прашања (кои се секогаш контекстуализирани, реторички, бидејќи одговорот, во суштина, не го ни интересира), а зад кого работи цела фабрика за измислување фејк-њуз и чијшто портал е измислен за труење на јавноста, е таква една „капка“, ако не и цела „чешма“. Смислата на неговото постоење е да се легитимираат секакви полувистини, конструкции, шпекулации и глупости како да се професионален новинарски производ, за потоа да можат да бидат превземани и цитирани од целата останата, за нијанса „попристојна“ пропагандна машинерија, во стилот: „како што пишуваат некои медиуми“ – за да следуваат дополнителни лопати лепешки врз што и кого ќе им текне.

Едно од главните правила во пропагандата е кој ја контролира пораката, кој го контролира темпото, кој ја има иницијативата. Наметнувањето теми во јавноста – какви и да се тие – се дел од таа стратегија. На пример: јадете лук мешан со дренки – лечи против корона!

Не е дури ни важно како и колку, правовремено или задоцнето, ќе се успее со официјални или лични деманти на тие злобни конструкции. Не е дури ни важно дали нивните гласноговорници се претходно осудувани за клевети и навреди и ширење лаги. Во време на интернет, тие си имаат своја бројна публика која ги шерува и лајкува, која лечи лични и политички фрустрации „низ“ нив, која функционира според принципот „Виде како му кажа!? Алал да му е!“ и слично.

Тие се дел од новата медиумска реалност во светот и тука речиси и да нема лек. Речиси…

Имено, едно друго клучно правило во пропагандата се нарекува „споделување кредибилитет“ – најпросто речено, доколку вие стоите до признат експерт или универзитетски професор кога кажувате одредена произволност или невистина, а уште подобро ако тоа се случува во аулата на некој познат универзитет, тогаш барем дел од публиката со право си вели дека „овој тоа што го зборува – лагата – мора да е точно, оти до него стои признатиот експерт, а и не би го пуштиле да дава изјави на универзитет, ако е лажго“!

Е, па, тоа сега нам ни се случува: разни дибеци и фолиранти седат, „блендирани“ меѓу професионални новинари, по прес-конференции кај претседатели, премиери, во Влада и по кризни комитети, за кои, кога веќе им дозволиле да поставуваат прашања, барем дел од јавноста мисли дека се кредибилни извори на информации – оти, си вели тој дел од јавноста, зошто инаку ги пуштиле таму?!

Некои од официјалните лица се повешти да одговорат на тие провокации, некои и не се толку вешти, а и сериозноста на сегашната состојба е таква што тие внимаваат на секој свој искажан збор или гестикулација, обврска што ја немаат пропагандните провокатори.

Заради тоа, во „нормалниот“ свет на политиката и медиумите постојат системи на акредитации и воспоставено професионално селектирање, процес на проверка кој може, а кој не може да седи на официјални прес-конференции. На пример, луѓе кои доаѓаат по куси пантолони или по рамбо-маички на такви настани, кои се претходно осудувани за ширење омраза и лаги или кои тврдат дека Земјата е рамна – не добиваат, од надлежните прес-служби, акредитации за присуство на вакви прес-конференции. И околу тоа не се водат големи дебати.

Од дома – за жал – и понатаму можат да пишуваат што сакаат, но со „кредибилитетот“ на својата спална соба.

Во Македонија има доволен број професионални новинари и медиуми со поблиски или подалечни вредносни уверувања кон опозицијата или кон власта (или кон никого!), кои можат слободно да ја извршуваат функцијата за информирање на критичката јавност и за разоткривање на евентуалните злоупотреби на политичарите.

Време е – во ова невреме – медиумските дибеци да се вратат во произволноста и „неограничената слобода“ на нивните спални соби, пред да го преминат прагот на некоја официјална прес-конференција.

The post Пропагандни дибеци на прес-конференции appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....