10.8 C
Скопје
06:52 - 25 април, 2024

Полог се дави во ѓубре, Русино нe е решение!

Корпи, канти и контејнери преполни со отпадоци, ќеси со ѓубре околу нив, расфрлан смет во дијаметар од неколку метри. Лошо и неподносливо и за гледање и за мирисање. Вака изгледаа градовите и селата во Полошкиот плански регион, кој ги опфаќа Брвеница, Врапчиште, Гостивар, Желино, Јегуновце, Маврово и Ростуше, Теарце, Тетово и Боговиње откако депонијата Русино беше блокирана од граѓанската иницијатива „Стоп Русино, чист воздух за Гостивар“.

Блокадата со која се бара затворање на депонијата поради нејзиното штетно влијание врз животната средина и опасноста по здравјето на луѓето почна на втори овој месец и траеше 10 дена, но активистите вчера поднесоа ново известување до полицијата според кое протестот го продолжуваат до 22 август. Активистите не дозволуваат во Русино да се носи смет од другите општини во Полошкиот плански регион. Блокадата не важи само за отпадот од Гостивар.

Сметот во овие денови беше собран и однесен на депонија во Дебар, но и таа не може повеќе да собере поради малиот капацитет. Депонијата „Дрисла“ кај Скопје, како што велат градоначалниците, е скапо решение поради транспортните трошоци, па така, ако не се најде ново решение, за кратко време целиот Полошки плански регион ќе се претвори во една голема депонија.

– Со блокадата сакавме да го свртиме вниманието и на другите општини за да сфатат како изгледа да се живее со отпад во дворот. Оваа депонија се наоѓа на погрешно место, прво бидејќи е на височина и ветерот што дува е во правец на Гостивар. Тоа значи дека миризбата и штетните гасови од отпадот директно доаѓаат во градот. Друг проблем е што во нејзина близина има реки како и подземни води, кои се загадуваат од депонијата. Затоа нашиот став е дека оваа депонија тука не може да остане, туку мора да се најде друга локација. Од ова барање нема да отстапиме – вели Анастасија Дукоска, која е дел од граѓанската иницијатива.

Таа објаснува дека според нивните сознанија, во првата физибилити-студија која била направена за депонијата имало препорака дека тоа не е соодветна локација. Дукоска потенцира дека со парите што се предвидени за осовременување на депонијата, околу 8 милиони евра, не може да се направи тоа што е потребно.

Депонијата Русино, всушност, е обична дупка каде што само се трупа ѓубриште, и тоа среде шума. Посебен хорор за гостиварчани е кога сметот се пали бидејќи тогаш се шири неподнослива миризба.

Градоначалникот на  Гостивар, Арбен Таравари, вели дека живее на околу 700-800 метри од депонијата и поради загадувањето и тој им дава поддршка на активистите за затворање на депонијата.

– Неспорен е фактот дека депонијата преставува еколошка бомба и најголем загадувач на животната средина во Гостивар. Затоа и бараме да се најде решение што побрзо и да се размислува за нова локација за регионална депонија – вели Таравари.

Во Тетово утре (петок) ќе се одржи состанок на сите градоначaлници од Полошкиот плански регион, еколошки активисти и претставници на Министерството за животна средина, на кој ќе се разговара за проблемот со депонијата кај Русино.

The post Полог се дави во ѓубре, Русино нe е решение! appeared first on Слободен печат.


Полог се дави во ѓубре, Русино нe е решение! was first posted on август 12, 2020 at 1:07 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....