7.8 C
Скопје
06:39 - 29 април, 2024

Партиските водства тргнаа со ветувања и со фалби: Можеме ли против обнова на омразата?

Почна трката по гласови за парламентарните избори на 15 јули по патеки кои поради корона-кризата се драстично поинакви од сѐ што досега сме навикнале да го гледаме под името изборна кампања. И големите и малите партии се еднакви пред вирусот што ги принуди да се откажат од митинзи и поголеми партиски собирања, кампања во која главниот фокус ќе биде ставен на индиректната комуникација со гласачите преку спотови, билборди, снимени обраќања и слично.

Најголемите партии сепак не се откажуваат целосно од директна комуникација со гласачите, која им е најважна, па ќе организираат помали настани на отворено со максимум педесетина граѓани и со почитување на протоколите за заштита, а малите партии најавија дека нема да имаат средби со гласачи, туку ќе ги користат медиумите и социјалните мрежи.

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се сметаат за најдобри

Владејачката СДСМ со слоганот „Можеме“ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ кампањата вчера ја почнаа со снимени видео-обраќања на генералните секретари и шефови на изборните штабови Љупчо Николовски и Игор Јанушев, кои претставија дел од предизборните програми и разменија по еден „рафал“. Николовски порача дека ВМРО-ДПМНЕ ќе остане во минатото, а Јанушев дека ќе победи со двоцифрена разлика во бројот на пратеници.

– За кратко време СДСМ и коалицијата направивме многу успеси и бараме чист мандат за да направиме уште повеќе. Бидејќи можеме! Замислете, минималната плата беше 9.000 денари, срамота! Успеавме за две и пол години да ја покачиме на 14.500 денари, а до крајот на следниот мандат предвидуваме раст до 20.000 денари. Можеме уште подобро во земјоделството каде што годишно ќе се добиваат 200 милиони евра и нафтата за земјоделска механизација ќе биде 100 отсто покриена од државата. Можеме подобро во слободата на живеење и работење и наместо заробени и украдени бизниси, ќе подржуваме микро и мали претпријатија со по 10.000 евра за нивно развивање и ќе помагаме женско и младинско претприемништво со грантови од 5.000 до 15.000 евра за почеток на сопствен бизнис – рече Николовски.

Тој вети 260 километри автопати, 300 километри експресни патишта, 950 километри локални патишта и рехабилитација на 1.500 километри од постојните патишта. Вети и 777 социјални станови за период од две години, еднаков развој на сите градови.

– Програмата е навистина најдобрата досега. Ветувањата се реални бидејќи работевме домаќински, а со членството во НАТО и преговорите со ЕУ ќе направиме уште повеќе зашто ни се отвораат врати што отсекогаш ни биле затворени. А ги затворија оние што десетина години на власт развиваа само корупција и непотизам, сееја страв и наместо кај граѓаните, парите ги насочуваа кон џебот на бегалецот од Будимпешта, кој нескриено раководи со мајсторите за лажни вести од ВМРО на чело со Мицкоски како кукла на конци. Но, тие се во минатото. Доаѓаат убави години и треба да ги искористиме – вели Николовски.

Јанушев, пак, порача дека не очекува фер, транспарентна и демократска кампања од СДСМ затоа што се „нервозни бидејќи знаат дека губат“ и таа нервоза преткампањата ја направила нефер и недемократска.

– ВМРО-ДПМНЕ ќе води кампања преку која ќе биде помеѓу народот низ улиците во градовите и во селата. Секој носител со кандидатите за пратеници ќе бидат присутни на терен на средби со граѓаните според препораките на здравствените власти. На овие избори ќе имаме двојна задача, да ја поразиме корона-заразата и да го поразиме поголемиот вирус, вирусот на криминал и корупција, а тоа е оваа власт. Ние ја претставивме нашата програма и мерки што се дел од проектот „Обнова“ со кој е обврзуваме на подобар живот. Ја имаме најдобрата програма во однос на власта, која нема ништо освен лаги и манипулации. Очекуваме убедлива победа со двоцифрена разлика во бројот на пратеници во однос на СДСМ – вели Јанушев.

Тој го претстави изборниот слоган на ВМРО-ДПМНЕ, „Исправи се, Македонијо! Одбери обнова“ и потенцира дека само со гласање на изборите може да дојде до промени кон подобро.

Малите партии само онлајн

Најголем дел од помалите партии нема да организираат непосредни средби со граѓаните туку пораките ќе ги испраќаат преку медиумите и социјалните мрежи.

Од Левица соопштија дека ќе водат креативна кампања без масовни собирања и митинзи под слоганот „Државата за народот – Левица во парламент“, а ќе отворат неколку локални канцеларии каде што ќе се почитуваат здравствените протоколи. „Веќе не е прашање дали, туку со колку пратеници влегуваме во македонското Собрание! Оттука, Левица повикува на водење достоинствена и цивилизирана позитивна кампања, почитувајќи ги личноста и дигнитетот на нашите политички опоненти“, соопшти партијата.

Петар Богојески од Македонски концепт, која на изборите настапува заедно со партијата СДУ, вчера порача дека изборите се борба на доброто и лошото.

– Ние се обраќаме на сите граѓани. Редно е да ја преземеме контролата во наши раце. Сакаме правда и сигурност, децата да имаат подобра иднина од нас. Сакаме држава во која политичарите ќе бидат слуги на народот – рече Богојески.

И Твоја партија ќе води кампања без директен контакт и средби со граѓаните, но и без печатен материјал. Гласачите ќе ги бара само на Фејсбук, Твитер и Инстаграм, преку настапите во живо на нивниот Јутјуб-канал, како и со настапи на телевизиите и на радиостаниците.

– Ние сме ориентирани само кон одредена група граѓани. Многумина го препознаваат нашиот начин на комуникација. Тоа се претежно луѓе што не ги интересирала политиката, се држеле настана и не сакале да учествуваат во работата на политичките партии или се неопределени. Ним им се потребни информации, осмислена програма, алтернативни решенија за долгорочните проблеми – вели професорката Мирјана Најческа за МИА.

БЕСА, коалицискиот партнер на СДСМ, исто така најавува позитивна кампања, со конкретна понуда што може да се реализира, односно справување со здравствената и со економската криза, зачувување на работните места и нови инвестиции, развојна и рамноправна политика, современо образование и целосна реформа на судскиот систем.

– Имаме доволно опозициско искуство да знаеме точно како да се справиме со проблемите. Зад нас не стојат никакви хипотеки од минатото, што би нѐ спречиле да ги исполниме барањата на граѓаните – вели портпаролот на БЕСА, Аријанит Хоџа.

За време на кампањата тие ќе имаат до 20 директни средби со граѓани дневно, а ќе имаат и заеднички настапи со СДСМ.

Обвинителството формира комисија против нерегуларности

Привремена комисија во Јавното обвинителство проактивно ќе ги следи изборите, со цел превентивно да делува против евентуални нерегуларности односно кривични дела против изборите и гласањето. Комисијата е формирана со одлука на Јавниот обвинител, нејзин претседател е обвинителот Џељаљ Бајрами, а членови се обвинители од вишите јавни обвинителства и од ОЈО Скопје.

Комисијата на дневна основа ќе ги следи сите настани поврзани со организирање и спроведување на изборите. За оние настани што индицираат нерегуларности, известувањата веднаш ќе се проследат до соодветното основно јавно обвинителство и ќе се дадат задолженија за итно постапување. Јавното обвинителство  ги повикува граѓанските организации, политичките партии, домашните и меѓународни институции и сите лица што сметаат дека во некоја постапка има индиции за сторено кривично дело поврзано со изборниот процес да достават поднесок/пријава до Комисијата за следење на изборни нерегуларности на електронската адреса [email protected].

Спасовски: Гласањето нема да го загрози здравјето

Премиерот Оливер Спасовски повика на фер и демократски избори со максимално почитување на мерките за заштита од коронавирусот и потенцира дека изборите се решение за излез од здравствената, социјална и економска криза, затоа што тоа е можно само со целосно функционални институции.

– Правото на граѓаните да го искористат своето право на глас нема да го загрози нивото здравје. Се повикувам на епидемиолозите што потенцираат дека гласањето не ги изложува граѓаните на ризик ако ги почитуваат мерките. На гласачките места се задржуваме три до пет минути, помалку од одење во маркет и на пазар, битно е да носиме маски и да држиме дистанца – рече вчера Спасовски.

Тој порача дека не смее да има никакви злоупотреби во текот на изборниот процес, посебно не од државните функционери.

The post Партиските водства тргнаа со ветувања и со фалби: Можеме ли против обнова на омразата? appeared first on Слободен печат.


Партиските водства тргнаа со ветувања и со фалби: Можеме ли против обнова на омразата? was first posted on јуни 25, 2020 at 7:30 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....