13.8 C
Скопје
11:31 - 25 април, 2024

Не верувам дека Ахмети ќе си дозволи радикализација на Заев и СДСМ

Додека многумина, вклучувајќи ме и мене, очекуваа дефакторизација на ДУИ по изборите и нивно конечно заминување во опозиција, тие се вратија помоќни, не толку во смисол на гласови (18 илјади повеќе од 2016), колку во смисол на пратеници (дури 50% повеќе од 2016), а тоа е она што после СДСМ ги прави главен фактор за формирање на влада. Лично не очекував ДУИ да биде поразен во смисла на освојување помал број на пратеници од Алијанса и Алтернатива, но очекував разликата да биде во 1, максимум 2 пратеника (сега е 3) со тоа што, пратениците на Алијанса и Алтернатива ќе му бидат доволни на СДСМ да направи влада и да ја прати ДУИ во опозиција, нешто што е и сега возможно, но според мое лично мислење, многу опасно. Коалицијата Алијанса-Алтернатива сепак си ја заврши работата, потфрли СДСМ.

Главната причина за ваквиот резултат се пандемијата и се разбира македонските апстиненти, таканаречените „разочарани во СДСМ на Заев“ гласачи, за кои напишав дека најверојатно нема да го одлучат победникот, но секако ќе влијаат во составот на новата влада. И така испадна, Заев победи, тие ќе си останат разочарани, а ДУИ, за доброто на државата (колку и да звучи контрадикторно) ќе мора пак во влада. Колку само за потсетување, ДУИ во 2002 година освои повеќе од 145 илјади гласови и доби „само“ 16 пратеници, сега со 40 илјади помалку гласови има 15 пратеника. По првичното објавување на излезеноста на изборите, нешто над 51% очекував дека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе бидат „пата-пата“ и тоа во најдобар случај за СДСМ. Во интерни дебати со пријатели споделив мое мислење дека СДСМ нема шанси да победи со излезеност помала од 55% и ова го базирав на фактот дека ВМРО-ДПМНЕ има стабилно гласачко тело од над 300 илјади кои секогаш ќе гласаат за нив, без разлика на нивните штетни политики. И како што сум напишал во повеќе наврати, се што е над 350 илјади е резултат на уцена закана или поткуп. СДСМ пак може да собере и над 450 илјади и како опозиција (2002, 2016), но може да падне и на 200 илјади и тоа од позиција на власт (2006). Од позиција на опозиција, кога ВМРО-ДПМНЕ не ги контролира институциите, тие на парламентарни избори не можат повеќе од тоа, но сепак очекував тие 350 илјади да ги добијат. По објавувањето на резултатите се виде дека дел од тие гласачи се прелеале во Левица, Интегра и тн. Затоа ова за мене претставува една голема победа на СДСМ и огромна победа на европска Македонија, круцијална би рекол. Изборите беа своевиден „референдум“ кој јасно покажа дека граѓаните преку нивните гласови преточени во 74 пратенички мандати се определија за напред, наместо назад.

„Разочараните“ ја компликуваа малку ситуацијата, не можејќи да ја препознаат битноста на овие избори, (намерно или не, не навлегувам) но сепак не успеаја да повлечат поголем број во нивното сивило. Интересни ми се оние бивши сдсмовци кои впрочем беа и најгласни во критиките кон ова СДСМ на Заев, ликови кои додека беа дел од структурите на партијата, СДСМ редеше само порази и се исмејуваа на сегашното раководство кое ја внесе државата во НАТО и и донесе победа на партијата по цели 18 години. Постојат и едни други ликови во СДСМ, таканаречени „фотељаши“, паразити, „канцелариски пацови“, луѓе на функции, од кои Заев и СДСМ имаат повеќе штета отколку корист, луѓе кои не донесоа повеќе од еден глас (оној својот), а и не можат повеќе од тоа. Не може од нив да очекувате гласачи зашто тие не работат за партијата, работат за себе. За да работиш за партијата треба да работиш за граѓаните кои подоцна со мерак ќе ја гласаат твојата партија на основа на твоето сработено. Верувам дека Заев сега има претстава кој од неговите колку вреди меѓу граѓанството.

Албанските гласачи, од друга страна, не апстинираа. Не знам зошто некои аналитичари ја оценија како мала излезеноста кај албанското гласачко тело, колку што јас ги гледам бројките таа е константна: 2006 гласале 184 илјади, 2008 година 208 илјади, 2011 гласале 211 илјади, 2014 гласале 237 илјади, на претходните избори во 2016 гласале 210 илјади и некои 20-30 илјади за СДСМ, додека на овие избори севкупно гласале околу 215 илјади. Тоа се 10% помалку од 2016, додека кај Македонците таа разлика изнесува 25%. Ако се земе во предвид колку Албанци ја напуштија државата, како и пандемијата која ги спречи да се вратат, излезеноста е повеќе од задоволителна.

Да се вратам на темата и причините за навидум големата победа на ДУИ.

Не сакам да ставам „сол на рана“ кога се работи за албанската опозиција, но пред неколку месеци напишав, разочаран од одлуката на Алијанса да не ја вклучат БЕСА во коалицијата, дека само обединета опозиција може да го победи ДУИ. Убеден сум дека доколку ја направеа таа три-партиска коалиција сека ќе имаа повеќе гласови од ДУИ и покрај предизборниот трик на Ахмети, затоа што Албанците уште повеќе ќе се мобилизираа и придружеа кон таква една обединетост против ДУИ на што иронично нели, ги повикуваше Ахмети од самиот почеток. Тоа е првата причина, а втората е, се разбира, самиот предизборен трик, слоганот „прв Премиер Албанец“. Бев убеден (сеуште сум) дека граѓаните се уморни од националистички реторики и дека слоганот смислен „5 минути“ пред избори беше обид на ДУИ да спаси што може да се спаси и ништо повеќе. Иронично, исто мислење имаше дури и сегашниот кандидат на ДУИ за премиер, Зибери кој даде изјава само 4 дена пред да биде номиниран. Првенствените реакции на јавноста и политичарите беа јасни, за никого не е проблем Албанец да биде премиер (освен се разбира за националистичкиот дел од општеството), но е проблем тој да биде предложен од ДУИ.

И додека сите мислевме дека тоа е тоа, нема што повеќе да се дискутира на таа тема, идејата е депласирана, се случи сосема спротивното, се случи токму тоа што ДУИ сакаше да се случи, се изгуби фокусот и целата јавна дебата се насочи кон овој предлог. Од тој момент, па се до завршување на кампањата главната тема на телевизиските дебати и настапи беше „Албанец за премиер“, сите медиуми, новинари, аналитичари, политичари ја „лапнаа“ како бајадера и наместо да прашуваат за политичките програми и понудата, главниот фокус беше на овој слоган. Работата отиде до таму што ПР-от на СДСМ го советува Заев на прашањето „што ќе правиш ако ДУИ те уценува“ да одговори со „ќе земам пратеници од ВМРО-ДПМНЕ“, изјава која на ДУИ ѝ донесе најмалку 5 илјади гласови. Наместо тоа, да одговореше, „ако треба и со Ахмети ќе се договорам, само злото да остане во опозиција и државата да оди напред зошто државата е побитна и од мене и од Ахмети и од СДСМ“, ќе имаше сосема друг ефект.

Оттука Ахмети и неговиот тим излегоа многу попаметни и докажаа дека многу добро ги познаваат околностите. Се покажа дека идејата како таква најмногу имаше за цел да го спаси ДУИ од одговарање на болните прашања како што се сработеното на нивните министри, слабата инфраструктурата и недостигот на економски проекти во општините кои ги раководат, непотизмот, партизацијата на институциите, дискриминацијата на Албанците кои немаат нивна партиска книшка, ветувањата од пред 5, 10 години кои не беа реализирани, а ги препишаа во програмата, 2 километри автопат кон Косово што го градат 15 години и најмногу од се „егзодусот“ на Албанците во последните 20 години. Да беше дебата во албанскиот политички спектар на овие теми, ДУИ тешко дека ќе ги задржеше и оние 86 илјади гласови од претходните избори.

Сега имајќи во предвид колку е Ахмети политички паметен мислам дека по секоја цена ќе сака да прави влада со Заев и СДСМ, а со кого инаку, со ДПМНЕ која има 0% поддршка кај Албанците или пак Апасиев кој целата кампања ја базираше на албанофобија и исламофобија? Со Мицкоски кој има поддршка од другарите Јанша и Орбан, црните овци на Европа, или со Заев кој има поддршка од целата меѓународна заедница? Не мислам дека Ахмети ќе дозволи „радикализација“ на Заев и СДСМ, а под тоа мислам коалицирање со ДПМНЕ, нешто што е лошто и за СДСМ и за Албанците, но пред се лошо за државата. Затоа мислам дека идејата треба да биде повлечена, и не затоа што Зибери е Албанец или пак не е квалитетен, туку затоа што Заев заслужи да води влада со чист мандат по историската победа, затоа што Заев ја донесе државата на прагот на ЕУ и ја внесе во НАТО, затоа што заради Заев ДУИ го постигна тоа за што се фали дека постигнал. И уште нешто што треба Ахмети треба да има во предвид, иако мислам дека му е јасно, ДУИ доби многу од коалицијата со СДСМ, а Заев иСДСМ се тие што изгубија. Затоа мислам дека и Зибери, кој е свесен за се ова, треба самиот јавно џентлментски да се повлече и да каже дека Заев е тој што заслужил да ја предводи владата.

Квалитетот на животот на Албанците нема да се подобри со самото тоа што Албанец би бил премиер, но би се подобрил со сериозни проекти од една стабилна влада која ќе работи на евроинтеграциските процеси. Ете тоа треба се „условувањата“ на Ахмети. Поставеноста на Зибери сега би бил само симболичен чин, да се докаже дека Албанец може да биде премиер, нешто што никој не го спори, а најмалку Заев. Зибери во оваа ситуација не би можел да ги контролира пратениците на ДУИ, БЕСА, СДСМ како и министрите во идната влада, а тоа сериозно би го довело во прашање функционирањето на истата, нешто што во услови на пандемија, економска криза и преговори со ЕУ ни е најмалку потребно. Јас би сакал и Алијанса-Алтернатива и ДПА да бидат во таа влада, граѓаните понатаму би ги оценувале сите според нивните кадри поставени во владата, односно нивните достигнувања. Во таа ситуација конечно критериумот на граѓаните за кого да го дадат гласот на наредни избори би бил единствено квалитетот, но ќе видиме.

Како и да е „драги“ политичари, гласовите ги добивте, патоказот го имате, покажете дека можете да работите заедно за државата, покажете и докажете дека граѓаните се побитни од сите партиски игри и лични суети. Оставете тоа на страна и обидете се да ги вратите тие граѓани кои сеуште не земале друго државјанство и да ги задржите тие што мислат да си отидат. Ослободете го конечно судството од партиските влијанија. Фокусирајте се на борбата со злото што не снајде наречено коронавирус, и на економската криза што следи. Секои избори ги направивме „историски“, секои избори проследени со трауми, стресови, стравови, омраза, грозотии. Ставете крај на се еднаш засекогаш, направете од државата „досадна“ европска земја вредна за живеење. Можеби ова е нашата/вашата последна шанса.

The post Не верувам дека Ахмети ќе си дозволи радикализација на Заев и СДСМ appeared first on Слободен печат.


Не верувам дека Ахмети ќе си дозволи радикализација на Заев и СДСМ was first posted on јули 21, 2020 at 1:38 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....