16.8 C
Скопје
09:51 - 2 мај, 2024

Лидерите не се испазарија за датумот за избори

Лидерите на политичките партии вчера со часови лицитирале со датумот кога да се одржат предвремените парламентарни избори на лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски и не успеале да постигнат никаков договор. Лидерот на СДСМ Зоран Заев инсистирал на избори во јуни, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски не сакал да прифати избори пред септември. Единствено за што лидерите постигнале согласност е да одржат уште една лидерска средба на истата тема.

По минатата лидерска средба во петокот, претседателот Пендаровски истакна дека датумот на изборите ќе се постигне со политички договор, а Владата потоа ќе донесе нова уредба со законска сила, согласно со тој договор, во која ќе биде утврден денот на гласањето. Државната изборна комисија потоа ќе го ревидира изборниот роковник согласно договорениот датум и ќе ги пропише роковите за преостанатите изборни дејства.

Според информациите од вчерашната средба, претседателот на СДСМ Зоран Заев го повторил својот став дека изборите треба да се одржат во втората половина на јуни, пред летните горештини и очекуваниот втор бран на коронавирусот наесен. Претседателот на ДУИ Али Ахмети инсистирал изборите да се одржат најдоцна до јуни или почетокот на јули. Според него, најдобри датуми за гласање се 21 јуни или најдоцна 5 јули, а остатокот од јули и август воопшто не се опција. Доколку другите не се согласуваат со ова, Ахмети предложил изборите да се одржат во првата недела од октомври, со што би станале редовни избори, а не предвремени.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го предложил крајот на летото или последната недела до август, но откако Ахмети го одбил август како можност, Мицкоски предложил изборите да се одржат на 13 септември.

Новите коалициски партнери на СДСМ од албанскиот блок ДПА и БЕСА се согласиле со предлогот на Заев за избори во најбрз рок, а Алијансата за Албанците предложила да се гласа во август.

Средбата почна во атмосфера на жестоко спротивставени ставови на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ за денот на изборите. Заев вели дека тие треба да се одржат во првиот можен момент, затоа што здравствените власти сметаат дека излегуваме од кризата со коронавирусот.

– Во лето ќе се отворат границите, а наесен ќе работат училиштата, колективните објекти и тогаш ризикот од зараза е многу поголем. Очекувам дека ќе биде постигнат консензус со опозицијата. Нема ултиматуми за датумот, треба да се оди на избори во првиот пригоден момент. Да бидеме разумни и одговорни, треба да научиме да живееме со кризата додека не се најде вакцина и треба да бидеме разумни и да ги вратиме во функција институциите како Собранието, политичката Влада, сите тие институции што им се потребни на среден и на долг рок на граѓаните и на економијата – рече Заев во гостување на ТВ Сител.

Мицкоски е со став дека треба да преовлада разумот и свесноста за ситуацијата дека здравствената криза не е завршена.

– Очекувам да ги слушнам одговорите на алгоритамот што го усвоивме на минатиот состанок, а тоа се одговорите од Комисијата за заразни болести, од ОБСЕ и ОДИХР и што мисли ДИК, и на тој начин да го утврдиме првиот датум кога би можеле да се случат овие избори – рече Мицкоски пред средбата.
Двете партии деновиве преку соопштенија си разменуваат „рафална средба“ за датумот за изборите и се обвинуваат меѓусебно дека им мислат лошо на граѓаните. Портпаролот на СДСМ  Костадин Костадинов вчера ги повтори трите партиски приоритети – здравјето, трансформација на економијата и целосно функционални институции и посочи дека тоа ќе биде можно ако изборите се одржат во втората половина на јуни.

– Светската здравствена организација предупредува на нов здравствен ризик наесен кога се очекува нов бран од вирусот и затоа треба да се оди на избори кога условите најмногу ги дозволуваат, со целосен протокол за заштита на граѓаните. СДСМ нема да дозволи никој, ниту пак еден неодговорен политичар како Мицкоски, да ги попречи демократските процеси и вештачки да создаде криза – рече тој.

Од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека „СДСМ бара брзи избори што ќе значат организирано убиство на граѓаните. Приоритет на Заев е фотелјата, а не здравјето“.

„Заев и СДСМ ја користат епидемијата со коронавирусот да си делат милионски бизниси, концесии и да прават класичен изборен поткуп на гласачите. Заради нивното неодговорно однесување, во Македонија имавме црн викенд, а само вчера беа регистрирани нови 30 заболени и тројца починати. Со тоа Македонија ја надмина бројката од 100 жртви. Македонија е црн рекордер во регионот по смртност на милион жители и имаме повеќе жртви од Бугарија, Албанија и Грција заедно. Македонија е земја во која нема никаква стратегија за решавање на економската криза што следува по здравствената, па така имаме најмал процент од БДП одвоен за помош на економијата и на стопанството. Заев и СДСМ и по цена на животи и по цена на економски колапс брзаат да одат на избори само за да го ублажат поразот. ВМРО-ДПМНЕ ќе ги победи нивните штетни политики кога и да се одржат изборите, но интересот на граѓаните и на државата ни се пред сѐ“, соопшти партијата.

Од ДУИ се изјаснија дека се за одржување избори што побрзо, но само ако со тоа не се загрозува животот на граѓаните. Според вицепремиерот Бујар Османи, претерано одложување на изборите не е во полза на никого, ниту на власта ниту на опозицијата.

– ДУИ можеби е единствената партија на која датумот за избори не ѝ влијае врз исходот од изборите. Воопшто не калкулираме во однос на тајмингот за изборите и затоа цело време се повикувавме на здравствената состојба, на мониторингот итн. Ние сме за што побрзо организирање на изборите, затоа што сметаме дека на државата ѝ требаат институциите со полна можност за одлучување, со полн политички капацитет. Плус и поради фактот што немаме Собрание – изјави Османи.

Алексов: Потребна е нова прецизна владина уредба за изборите

Прашањето со изборите не е политика или нешто што не е изводливо, туку зборуваме за техничко-методолошко спроведување на Избирачкиот список, што е секојдневна работа на институциите. Граѓаните секој ден извршуваат дејства во услови на пандемија, кои се слични со чинот на гласањето, вели Дарко Алексов, извршен директор на граѓанската асоцијација МОСТ за емисијата  „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ.

– Со имањето конкретен датум за избори, се чисти теренот за шпекулации и институциите ќе можат лесно да ги спроведат неопходните подготовки. Тоа што треба да се случи е конструктивно да се разграничат сите моменти, пред сѐ со здравствената ситуација и во каков правен вакуум можеме да влеземе доколку не се адресира датумот за избори. Ако го имаме датумот, имаме почист простор во кој нема да може да се калкулира. Владата со уредба треба точно и прецизно да им наложи на институциите да ги спакуваат изборите – вели Алексов.

Според него, последното ажурирање на Избирачкиот список е направено на 1 мај, што значи дека без разлика што во март е завршен јавниот увид, ДИК има добиено Избирачки список со состојба до 1 мај.

Тој укажа на решението потпишано од Владата и од ДИК, дека изборите не се прекинати, туку се замрзнати поради ковид-19, а по укинувањето на вонредната состојба, според тоа Решение, се бројат 22 дена до избори.

The post Лидерите не се испазарија за датумот за избори appeared first on Слободен печат.


Лидерите не се испазарија за датумот за избори was first posted on мај 19, 2020 at 8:00 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....