13.8 C
Скопје
20:18 - 3 мај, 2024

Културна еволуција што се темели на заборав

Механичкото чудо што во 1901 година било извлечено од останки од потонат брод покрај грчкото острово Антикитера е можеби еден од поочигледните докази за нестабилноста и непостојаноста на човечкото знаење и паметење, и секако, јасен знак за религиската и неисториска основа на глобалната верба во непрекинатиот напредок на човечката култура. Механизмот од Антикитера беше предмет на многу научни изучувања, а последните – воедно и најтемелните и најсистематичните – се направени во изминатава деценија. Мистеријата за намената и функционирањето на механизмот ја чинеше тешко решлива токму сеприсутната предрасуда дека толку софистицирана машина, за која денес се знае дека е првиот веродостоен аналоген компјутер не било можно да се направи во претпоставениот ниво на научни и инженерски знаења, како и техничко-технолошки умеења од вториот век пред нашата ера, кога Антикитера механизмот бил најверојатно создаден.

Реконструираните останки од механизмот содржеле 30 бронзени запчаници, меѓу кои најголемиот бил 14 сантиметри во дијаметар и содржел 223 запци, а научниците претпоставуваат дека оригиналот се состоел од 37 запчаници, совршено прецизно вклопени еден во друг во сложен – на часовник сличен – механизам на ексцентрично устроен апарат што обезбедувал предвидувања на сложените епициклични движења на небеските тела од таа доба. Снимките на механизмот што се направени со современа компјутерска рендгенска томографија откриле и низа на написи на запчениците и другите делови на Коине грчкиот јазик од античко време, од што можело да се реконструира со голема точност дека механизмот бил, всушност, вид на астрономски компјутер што можел да ги симулира и предвидува епицикличните движења на небеските тела на небото.

Линија што прави мали кружници

Епициклата е кружница која не е исцртана со радијално закривена линија, туку со линија што прави мали кружници, движејќи се по кружна траекторија, што изгледа како да сме исцртале круг со растегната пружина. Небеските тела и ден денес по нашето небо се движат по епицикли, односно таква е нивната траекторија доколку внимателно ја набљудуваме и бележиме, само што ние во меѓувреме ја сменивме точката на гледиштето, па во нашиот денешен научен поглед на сончевиот систем планетите и месечината се движат по приближно правилни елипсоиди. Но, јас заталкав во небитни објаснувања…

Она што сакав да го потенцирам е дека нивото на научното и стручно знаење од областа на астрономијата, механиката, технологијата на метали и нивна обработка, мајсторијата на изработка на прецизни механизми што веродостојно пресметуваат и предвидуваат астрономски појави, тоа ниво на развој Европа го достигнала дури 1800 години подоцна. Антикитера механизмот е повеќе од убедлив доказ дека огромните знаења и умеења од хеленистичката доба – за коишто практично не знаеме ништо – биле изгубени и заборавени во текот на историјата. А, маките во реконструирањето и одгатнувањето на тајната на механизмот дополнително укажуваат дека никогаш нема да сознаеме ниту микронско делче од тој исчезнат свет на чудесии и езотерични знаења и умеења.

Еден поприземен пример за пропаста и заборавот на цел еден развиен свет на супер софистицирано урбано живеење веќе опишував: тоа е јонското гратче Приене, во близината на туристичкото место Кушадаси во Турција. Гратчето решиле да го изградат со здружени сили – кој? – нашиот Александар Трети Македонски и карејскиот сатрап Маузолос (уште едно познато име), и тоа како град модел, па изграденото Приене станало и до ден денес останало идеален и преубав суперград, едно вистинско урбанистичко чудо, што како модел доживеало да не биде достигнато од ниту еден друг град. За Приене можам да раскажувам долго, но во оваа пригода би ја повторил само сликата за урбаното живеење во него, за инфраструктурната и санитарната култура што приенчани ја одгледувале како нормалност.

Иако градот бил изграден на терен со наклон и до 100 отсто, повеќе од третина од сите градби имале тоалет и снабдување со свежа вода за пиење, која во куќите била дистрибуирана и во бањите и во кујните, и била одведувана надвор од градот со канализациски систем. Кога шетате по уличките на подископаното и запустено Приене и ден-денес можете да видите феноменално изработени теракотни шахти со кинети, поставени среде раскрсниците, во кои со цевководи дотекувале искористените води и канализацијата од куќите. За споредба, 1946 година 76 отсто од Французите немале канализација во своите куќи, а во исто време повеќе од 90 отсто од сите работнички куќи и згради за домување во Велика Британија немале водовод, а за канализација можеле само да сонуваат.

Културно поместување низ времето

За до го достаса хеленистичкото културно ниво и стандардот на урбано живеење од едно мало провинциско јонско гратче, што и во својот цут не било ниту регионален центар, на Лондон и Париз – вистинските метрополиси на модерниот свет – им требале небаре 2000 години. И, внимавајте, почитувани читатели, тука не се споредуваат некои Атлантиди, некои далечни или митски исчезнати цивилизации, туку оваа иста, таканаречена западна цивилизација, во нејзините антички корени и во нејзиниот денешен перформанс. Она што се случува со културите е токму обратно од она што учевме за нив, и што денес е сè уште општоприфатената верзија за културната еволуција и нејзиното основно својство на паметење, пренесување, развивање и надградување низ времето. Испаѓа дека културната еволуција, всушност, е процес на културно поместување низ време, едно случајно талкање чијашто основна карактеристика е заборавот за патот што сме го поминале и апсолутното непознавање на патот што е пред нас.

Во тоа светло гледани, нашиот тотален заборав за тоа што се случувало во Југославија – нашата родителка и колепка, и потоа – што знаевме и што можевме во деведесеттите, и уште повеќе – што се случуваше во деценијата од фашисоидната партократија на ВМРО, тој заборав и не изгледа како културна пропаст, туку како општо место на општочовечката склоност кон заборавот. Да, нашите талкања потпрени со сеќавања што не досегаат ни два месеци наназад изгледаат како нормален човечки перформанс! Но, може ли тоа да ни биде утеха?

The post Културна еволуција што се темели на заборав appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....