25.8 C
Скопје
17:37 - 19 мај, 2024

Како со бавни преговори брзо ќе се состави влада?

Иако корона-кризата и последиците од неа наметнуваа брзо составување на законодавната и на извршната власт, сепак новото Собрание ќе се конституира во последниот ден од уставниот рок, а се очекува и преговорите за состав на новата влада да траат до почетокот на септември. Конститутивната седница на Собранието во вторник ќе почне со верификација на мандатите на новите пратеници, но најверојатно ќе биде прекината на точката за избор за идниот собраниски претседател, за кој е потребно мнозинство од 61 пратеник, кое пак сѐ уште не е формирано и за него победничката коалиција „Можеме“ на СДСМ официјално ќе преговара по Илинден.

Според Уставот, претседателот Стево Пендаровски до 14 август треба да го додели мандатот за состав на владата на партијата, односно на партиите што имаат собраниско мнозинство, а мандатарот потоа во рок да 20 дена, до 3 септември, е должен пред Собранието да го предложи составот и програмата за работа на владата, која се избира со 61 глас.

Собранието ќе почека за спикер

Во јавноста се очекува мандатар да биде лидерот на СДСМ Зоран Заев, чија коалиција освои 46 пратеници, а според сигналите преговорите прво ќе се водат со довчерашниот партнер во владата ДУИ, која освои 15 пратеници и со која СДСМ веќе почнала неформални разговори. Второпласираната албанска коалиција „Сега е време“ на Алијансата на Албанците и Алтернатива најави дека ќе го почека исходот од разговорите на ДУИ, со надеж дека ако не успеат да се изборат нивниот кандидат Насер Зибери да биде првиот премиер Албанец, партијата да оди во опозиција. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, и покрај подготвеноста да преговара за извршната власт, навестува дека не очекува дека тој ќе го составува парламентарното мнозинство и најави: „Ако никој не успее да формира влада, не ја исклучувам можноста за нови парламентарни избори наесен“.

Според аналитичарите, преговорите ќе траат до последниот уставен рок, а во вторник на конститутивната седница на Собранието нема да биде избран спикер. Политикологот Петар Арсовски вели дека на СДСМ очигледно не му се брза да ја состави Владата.

– Сѐ уште не е јасно кој ќе биде дел од идното парламентарно мнозинство и затоа на конститутивната седница очекувам само верификација на мандатите, по што седницата ќе прекине. Собранискиот спикер е важна фигура при поделбата на функциите во преговорите за влада и за неа допрва ќе се разговара. Штом ќе биде договорено мнозинството, конститутивната седница ќе продолжи и ќе се избере спикер – вели Арсовски.

Шефот на државата Стево Пендаровски повтори дека ќе го додели мандатот на оној претставник од изборните листи што ќе го увери дека има мнозинство од 61 пратеник, што значи дека СДСМ и ДУИ нема да имаат многу долг рок за прелиминарната соработка и ќе треба да се договорат за мнозинството.

– Уставната норма од членот 90 за доделување на мандатот е кристално јасна, мандатот го добива кандидатот на партијата или партиите што имаат мнозинство во Собранието и тука претседателот нема буквално никаков маневарски простор. Не се предвидени никакви дополнителни условувања, од типот барање гаранции за унитарниот карактер на државата, реформи во службите за безбедност итн., сето она што го гледавме во 2017 година и што претставуваше флагрантно кршење на највисокиот правен акт. Најконкретно, ќе го доделам мандатот на кој било претставник на која било од шесте изборни листи што освоија пратеници во парламентот, кој ќе ме увери дека има мнозинство од 61 пратеник – потенцира Пендаровски во интервју за „Фокус“.

Неизвесно е на кој начин Пендаровски ќе бара уверување дека мандатарот го има мнозинството за да преговара за влада. Претходно од неговиот кабинет за „Слободен печат“ најавија дека претседателот ќе одржи консултации со партиите пред да го додели мандатот.

– Нема прецизна одредба во Уставот на кој начин шефот на државата ќе бара гаранции дека мандатарот има мнозинство, тоа е негова одлука. Поранешниот претседател Бранко Црвенковски на Никола Груевски не му бараше гаранции пред да му го даде мандатот, а во друг случај Ѓорге Иванов бараше писмени гаранции од Заев – вели Арсовски.

Спасовски најави брзо формирање влада

Премиерот Оливер Спасовски вчера најави дека новата влада ќе биде формирана многу брзо по конституирањето на Собранието, а обвинувањата од Мицкоски дека СДСМ поткупува пратеници на ВМРО-ДПМНЕ ги отфрли како небулоза.

– Изборите поминаа. Победникот е јасен, тоа е СДСМ. Ние сме насочени кон формирање нова влада. Мора да имаме функционални институции што ќе можат да носат одлуки. Тоа што Мицкоски го зборува е дел од неговото секојдневие – да менува ставови. Ние почнуваме со преговори по празникот 2 Август. Секако дека разговараме со политичките партии, но официјалните преговори ќе почнат по Илинден. Ќе разговараме со проевропските партии што ги поддржуваат принципите за напредок на Република Северна Македонија – рече Спасовски  за емисијата „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ.

Тој додаде дека имаат сериозен пристап во преговорите за идната влада.

– Низ дијалог и врз база на принципите за кои се залагаме ќе побараме поддршка во Собранието. И врз база на тие принципи ќе ја формираме владата и мислам дека тоа ќе биде многу брзо по конститутивната седница на Собранието – рече вчера Спасовски.

Мицкоски, пак, во интервју за ТВ Алфа за преговорите за влада рече дека во моментов се случува „мерење на политичките сили“ и нема ништо конкретно што би можел да го истакне. Напомна дека е јасно оти Заев ќе го добие мандатот за состав на идната влада и дека ова што се прави сега е „само театар“.

– Но, не би ме изненадило ако наесен има нови парламентарни избори во случај да не успееме ниту ние ниту друга партија да собере мнозинство. Гледаме дека и ДУИ го бара мандатот – рече Мицковски.

Тој обвини дека повеќе од 10 милиони евра пред изборите биле поделени „на рака“, но тоа не го објавиле пред изборите бидејќи, како што рече, одлучиле да се борат витешки.

– За жал, сето тоа не мислам дека ќе биде предмет на опсервација на Обвинителството, затоа што им се поинтересни други работи. Ние одлучивме да се бориме витешки, но очигледно противникот не бил витез и не сакавме да ставиме дамка на преговарачкиот процес со ЕУ. Ценевме дека ќе се спротивставиме на терен, но очигледно дека не сме успеале и должам извинување на сите граѓани и вината ја преземам врз себе – рече Мицкоски и додаде дека е кукавички да поднесе оставка кога раководството на партијата му доделило доверба да преговара за влада.

На Албанците само им се зголемува апетитот

И во албанскиот политички блок се категорични дека сѐ уште не се водат официјални преговори за влада. Деновиве имаше шпекулации дека СДСМ и ДУИ договараат ротирачки  премиер, односно три години премиерот да е од СДСМ, а една од ДУИ, но и двете партии тоа го демантираа. Во меѓувреме и лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, го зголеми додворувањето кон албанското население и своето учество во владата го услови со именување на албанскиот јазик во Уставот.

– ДУИ низ целата кампања имаше само едно ветување за Албанец премиер. Нека го прави, ние нема да ја спречиме во таа цел. Ако не успее, таа сама треба да си оди во опозиција. Нема мандатар уште. Откако ќе се конституира Собранието, тогаш некој ќе си добие мандат и почнуваат преговорите. Ако ние почнеме преговори, еден од условите е албанскиот јазик да влезе во Уставот, а не како сега да се води како јазикот на над 20 проценти од населението – рече Села.

Бујар Османи од ДУИ по средбата со холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп преку фејсбук-статус порача дека водечките политички претставници треба да обезбедат стабилно парламентарно мнозинство. „Констатирав дека со својот глас граѓаните ни дадоа јасна порака за тоа што очекуваат, каква сакаат да биде, како и тоа кој тие сметаат дека треба да ја предводи идната влада. Останува на водечките политички претставници да обезбедат стабилно политичко мнозинство преку кое ќе ја оправдаат оваа доверба и ќе ги реализираат легитимните барања на граѓаните“, напиша Османи.

Што ако мандатарот не состави влада?

Ако мандатарот не успее да состави влада, должен е да го врати мандатот, но во македонскиот Устав нема јасна одредба што се прави потоа. Тоа се случи токму на претходните парламентарни избори во 2017 година, кога лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски не состави влада во првиот рок, па претседателот Ѓорге Иванов мандатот го додели и по вторпат, на лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој успеа да состави влада.

И во 1992 година Љубчо Георгиевски како лидер на ВМРО-ДПМНЕ со освоени 37 пратеници не состави влада и го врати мандатот. Потоа претседателот Киро Глигоров му го додели на СДСМ, кој прво за мандатар го определи Петар Гошев, кој исто така не состави влада. Но, во преговорите Гошев обезбеди парламентарно мнозинство, па мандатот повторно го доби СДСМ врз основа на тоа мнозинство, односно од третиот обид Бранко Црвенковски состави влада.

The post Како со бавни преговори брзо ќе се состави влада? appeared first on Слободен печат.


Како со бавни преговори брзо ќе се состави влада? was first posted on август 1, 2020 at 8:30 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....