20.8 C
Скопје
18:32 - 2 мај, 2024

ИНТЕРВЈУ со Бисера Алчевска, студентка во Кина: Коронавирусот ми го одзеде овој семестар во Шангај

Вие сте студентка на Њујорк Универзитетот во Шангај (New York University Shanghai ) веќе втора година, а епидемијата на коронавирусот ве затекна на зимски распуст во Скопје. Верувам дека следејќи ги информациите, неизбежна е вознемиреноста кај вас и кај вашето семејство. Дали факултетот на кој студирате ви дава насоки, совети или пак, опции, како и каде да го продолжите следниот семестар?

Откога започна ситуацијата со коронавирусот, факултетот е во комуникација со нас како студенти и ни ги посочуваат сите заштитни мерки во врска со вирусот. Заради тоа што информациите се менуваат секој ден, првичната одлука беше предавањата да почнат една недела после почетната дата (3 февруари), додека со текот на времето факултетот ни даде до знаење дека наставата на Универзитетот во Шангај нема да започнe сè додека ситуацијата со вирусот не се смири, а кинеската Влада не даде информации дека факултетите може да започнат со работа. Факултетот дава различни опции, една од нив е студентите да се преместат на друг универзитет во мрежата на факултети кои припаѓаат на Њујорк Универзитетот, на локации како Њујорк, Абу Даби, Лондон, Прага…

Проблемот со оваа опција е тоа што многу студенти не можат да добијат студентски визи во рокот што им е потребен за да ги започнат студиите навреме. Другата опција што ја добивме како студенти, е дека можеме да ја продолжиме наставата преку онлајн часови што ќе се одржуваат преку интернет систем на универзитетот. Понатаму, сите студенти имаат можност да го паузираат овој семестар (leave of absence) и да ги продолжат своите студии почнувајќи од следниот семестар.
Сега за сега имаме информација дека факултетот има план да се отвори овој семестар доколку ситуацијата во Кина се смири, при што студентите кои имаат настава преку интернет би можеле да се вратат во Кина за да го продолжат образованието таму, но само доколку сакаат.
Инаку, нашите интернати се опремени со апарати за мерење на телесна температура на студентите, со кои би ја мереле температурата на сите што влегуваат во интернатот, хируршки маски, не е задолжително вакцинирањето против грип, како и други заштитни мерки. Самиот универзитет има вработен медицински персонал што би помогнал при евентуална појава на коронавирусот кај некој од студентите, за да се осигураат дека нема да има проширување на вирусот меѓу учениците на факултетот. Без разлика на тоа, никој од студентите не е принуден да се врати во Кина овој семестар.

Дали веќе ја донесовте одлуката како понатаму, и постои ли кај вас двоумење дали да влезете во ризикот и да се вратите во Шангај?

– Во моментот сè уште немам донесено сигурна одлука, и сум во контакт со факултетот за да дознаам дали би можела да добијам виза за универзитетите во Њујорк или Абу Даби. Но, ако тоа не се случи во следните неколку денови, мојата следна одлука би била да присуствувам на онлајн часовите што се пренесуваат преку интернет. Без разлика на овие опции, јас сум сигурна дека овој семестар нема да се вратам во Кина дури и факултетот да продолжи со предавања, бидејќи сметам дека моето здравје е на прво место и сакам да се заштитам на највисоко ниво.

Сигурно во овие безмалку две години меѓу студентите стекнавте блиски и драги луѓе со кои ги поминувате студентските денови далеку од дома. Дали дел од нив се вратија во Шангај да го продолжат семестарот и ако има такви, дали ве информираат за атмосферата во 24-милионскиот град и за начинот на кој се живее сега таму, затоа што, според медиумите, овој огромен кинески град сега е тажно празен и опустошен поради стравот што владее меѓу граѓаните поради смртоносната закана?

– Бидејќи овој факултет е меѓународен, моите пријатели се од различни земји низ светот. Некои од нив се вратија во Кина со нивните првични планови, но по согледувањето на ситуацијата, факултетот се погрижи за нив со тоа што им обезбеди летови за да се вратат дома. Во овој момент, никој од моите колеги-странци не живеат во Кина.

Според нивните искуства, ситуацијата во Шангај е многу лоша и животот на луѓето таму им е сменет од корен. Сите улици во овој град, кој во нормални услови е полн со луѓе, се празни. Многу продавници се испразнети и затворени, а аптеките имаат недостиг од маски. Мојата пријателка од Америка престојуваше три дена во Шангај, и во тие три дена се хранеше со ограничени производи што ги донела од Америка. Исто така, во Шангај се апелира да се внимава при купувањето на храна. Луѓето не смеат да се движат по улиците без маски, додека аеродромите во Шангај се полни со луѓе кои очајно се обидуваат да излезат од државата.

А, како е да се биде студент во Шангај во нормални услови, што нуди тој за младите?

– Шангај е многу голем град кој нуди услови и можности за студентите. Мојот факултет нуди часови што се одржуваат од познати професори, при што сите студенти добиваат квалитетна настава. Во Шангај има многу кинески и меѓународни компании кои се во контакт со факултетот, при што студентите имаат можност да добијат работно искуство. Шангај е многу развиен град, превозот со метро е најефикасен што овозможува брзо движење низ овој голем град. Метроата се обично многу полни и се прва опција за превоз низ Шангај. Во последниве неколку дена, метрото низ Шангај е празно и нема движење на луѓе.

Како се справуваат со ситуацијата вашите колеги, дали и ним им се нудат опции за побезбедно студирање додека трае заканата од ширење на вирусот?

– Првично, факултетот им ги понуди истите можности на моите колеги од Кина како и на останатите. Но, бидејќи многу земји преземаат превентивни мерки за жителите на Кина, нивните опции стануваат лимитирани. Додека еден од моите колеги бил на аеродром, подготвен да ги започне своите часови во Њујорк Универзитетот во Тел Авив, бил известен дека Израел не дозволува влез на луѓе кои доаѓаат од Кина. Тој мораше да се врати дома, и да избере дали сака да продолжи со интернет часови или пак, да паузира овој семестар.

Според моите пријатели што беа во Кина, жителите во Кина немаат многу информации за ситуацијата, бидејќи кинеските медиуми даваат само одредени информации и се обидуваат да не предизвикаат паника меѓу народот.

Бисера, кој беше клучниот мотив за да заминеш на студии во Кина и со што те збогати престојот во Шангај, не мислејќи овде само на едукативниот момент, туку воопшто на целокупното живеење.

– Едукацијата беше најважниот фактор кога јас ја носев одлуката за продолжување на моето образование. Понудата што ја добив од универзитетот и фактот што Шангај е еден од најнапредните градови во светот, во поглед на технологијата и иновацијата, придонесоа за мојата одлука образованието да го продолжам во Кина. Иако животот во Шангај е многу различен од животот во Скопје, имав поддршка од мојот факултет за адаптирање на новата средина.

The post ИНТЕРВЈУ со Бисера Алчевска, студентка во Кина: Коронавирусот ми го одзеде овој семестар во Шангај appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....