13.8 C
Скопје
06:00 - 2 мај, 2024

ИНТЕРВЈУ Наум Пановски: Стравот од успехот на другиот ни го парализира умот

„Прес конферниција“ е насловот на неделното мега интервју со познати личности од сите области на јавниот живот. Од политиката, науката, културата, спортот, естрадата. Авторот на интервјуата Зоран Иванов, секоја среда на страници на весникот, за своите соговорници ќе дефинира лепеза прашања од интерес за најшироката читателска публика на Слободен печат.

По 30 години наваму натаму, САД – Македонија, Македонија – САД, без многу философирање, каде ви е домот?

– На своето долго патување од Македонија до САД во еден долг период од четириесетина години, од мојот прв престој во Америка до сега, јас загубив една земја, насилно убиена и избришана од карата на светот, одбив да бидам затворен и ограничен во една друга, мала, слепа и честопати нетолерантна и сеуште не-дородена земја, која е денес на пат да се самоукине, и полн со надеж и соништа пред триесетина години испловив во нова, огромна и ветувачка земја полна со предизвици но и со можности за секого. Но, без разлика на се, не го изгубив низ сите тие мутации и турбуленции својот вистински дом, театарот. Тој беше секогаш таму како мајчин скут, како мајчина утроба, да се свиткам во него и да стоплам. И тоа ме одржа и сеуште ме држи.

Треба ли човек да подзастари за самиот за себе да си разбере да сепак дома си е дома?

– Па. на некој начин од секогаш сум бил на некој начин стар и приврзан за она што се е нарекува дома. Без разлика каде се наоѓала таа дома за мене домата е таму каде што човек се чувствува добро, убаво, сигурно, таму кад што е комотен во својата кожа.

А со коронава, побезбени сте дома во САД или дома во Северна Македонија?

– Видете, она што сите мораме да го сфатиме, без разлика како се викаме, кои сме или што сме, е тоа дека од вирусот никој не е побезбеден никаде. Вирусот не прашува која нација сте, која религија, која класа или раса сте. Тој е опасен за сите. Ова посебно важи прво за македонските национал-клерикали и религиозно затапените верници, и второ, за сите оние усвитени албански националистички глави кои се занесуваат и изјавуваат дека тоа таму каде тие што живеат е Албанија и кои мислат дека за нив законите на Македонија не важат. Законите постојат и мора де се почитуваат и спроведуваат. Срамно е само што кукавичката и корумпирана македонска власт не го санкционира ваквото однесување. Ваквата ароганција на албанските националисти  која е резултат на нивната елементарна неписменост и примитивизам, е опасен атак и го загрозува здравјето на сите граѓани на Македонија.

За жал не се чувствувам безбедно ни овде во Америка, затоа што во моментов имаме некомпактен претседател кој мисли и работи исклучиво само за лична материјална корист. Се чувствувам како на брод без кормилар. А не би се чувствувал сигурно ни во Македонија во овој момент. Причините ги знаете вие подобро од мене.

Јас смeтам дека нешто побезбедни се само умните и разумни луѓе, кои се дел на цивилизирана заедница, која и да е тоа, во која политичарите ги донесуваат своите одлуки во корист на сите и врз основа на научни факти, а не врз основа на примитивни популистички импровизации.

Исто така верувам, од друга страна, дека само свесни поединци, можат да создадат и обезбедат безбеден колектив во ова несреќно време за а сите нас на дуњава. А тоа практично значи во овој исклучително предизвикувачки период мора да се седи дома.

Се исплатеше ли триесетгодишниот егзил од родното Скопје?

– Без лажна скромност, да.  На Америка сум ѝ благодарен за честа која ми ја укажа и за се она што ми го овозможи и пружи, отворајќи ми простор во кој можам да го реализирам моето знаење и талент. Да останев во Македонија тоа немаше да ми се случи. Инаку, да не дојде до забуна кај вашите читатели зошто сум толку благодарен на Америка. Па, верувам дека и вие би биле почестени ако една држава, голема како што е Америка, ве прима за нејзин граѓанин и државјанин според високите селективни стандарди воспоставени со законот за прием на нобеловци и творци од посебен интерес за Америка. Тоа е за мене не е само голема чест што така сум станат натурализиран Американец туку и голема обврска.

Улица Маркосва, старото предземјотресно Радио Скопје, детска радио драма, оттогаш и оттаму ли тргнаа уметничките и живот и кариера?

– Старото Радио Скопје, има исклучителна важност во мојот живот. Со оглед на тоа што татко ми, кој инаку беше шофер во Радио Скопје, ме носел во детските јасли таму, кои беа во дворот на Радиото, моите почетоци се на некој начин буквално таму. Но не ја заборавајте ни самата улица Марксова. Мојата и вашата улица. Место каде што безбедно растевме и на која се раѓаа другарства кои еве и до ден денес траат.

А за детската радио драма што да кажам. Расадник на таленти. Од Зафир, Коле, Дади, Мирче Томовски, Љупка Димитрова и Грозде Милошевска, преку Виолета Џолева, Димац Митковски, Зоран Јордановски, Владимир Милчин, Ристе Талаганов, па се до Кате Цаневска и Николчо Младенов, сé се тоа уметници, новинари, политичари, личности кои имаат оставено длабоки траги на македонската култура.

Овде онде, по разни овдешни интервјуа тврдите дека од Скопје никогаш не сте заминале. Се лажете себе или доволно е да да се има Скопје и како душевна топлина и како душевен чемер каде и да сте на топкава земјина?

– Ха ха, ха.. Да! Излезен сум одамна од Скопје, но Скопје никогаш не излегло од мене. Како што не се излезени и многу други југословенски градови.

Се извлековте од нашата транзиција, од сите наши политички кризи, од триста, четиристотини евра уметничка плата, од преку барата, како ви изгледаме?

– Збунето, дезориентирано, без компас, секојдневно измамувани од необразовани и некомпетентни политичари-манекени кои шетаат и шамбрираат пред бриселските кабинети, изигрувајќи значајни историски личности,  и постојано бомбардирани од квази новинари и кафеански пијани дрдорковци кои умислено веруваат дека со нив почнува и завршува светот. Тажен пејсаж.

Рака на срце, докажан демократ сте и борец за право и правда. Јавно го кудевте режимот, ја подржувавте шарената револуција. Но Северна ве разочара?

– Не, напротив. Не ме разочара државата туку луѓето што ја водат. Придавката „северна“ е пред се и над се прво правен, пa после идентитетски  проблем. Начинот на кој тој договор е срочен, значи правниот јазик што е употребен во него, и консеквенциите што ги сноси Македонија од членовите и одредбите во договорот е она што разочарува и револтира. А крајниот резултат на тој октроиран договор е игнорирање, да не речам бришење на македонскиот колективен идентитет. За мене договорот од Преспа е подло кукавичко јајце, снесено од итрата и агресивна грчка дипломатија, и подметнат под алчните газови на македонските  неписмени дипломати и политичари.

Ако внимателно читате во договорот постојат само правни обврски на Македонија кон Грција. Со договорат не се бараат никакви обврски од Грција кон Македонија. Грците тоа во секојдневно го злоупотребуваат, и бахато и тврдат дека само тие имаат ексклузивно право на името Македонија.

А бидејќи Nomen Est Omen, тогаш онаа скриена димензија која задира во идентитетските прашања на една огромна етничка задница која држи до својот национален идентитет и интегритет и која го брани своето човеково право да се нарекува Македонски народ испливува веднаш пред нас. За ова сум пишувал доста и не би должел повеќе.

Инаку, јас своето одбивање да ја прифатам придавката „северна“ го гледам како протест против едно насилство од страна  на грчкиот национал-клерикализам, над една етничка заедница која својата припадност ја именува како Македонија, Македонци и македонски јазик. Јас тој протест го гледам како човек кој цел свој живот го посветил на одбрана на човековите права, кој го бранел правото на слобода на изразување и самоопределување, и кој не се согласува со репресијата над луѓето било каде да се, и било како и да се викаат тие, Македонци, Албанци, Курди, Палестинци, сеедно кој.

Извинете, но не прифаќам неправедни решенија и имам отпор кон секаква репресија и наметнување на туѓа волја. Од секогаш сум се залагал за праведно решение на тој бесмислен фашизоидно наметнат спор. Затоа мислам дека немате потреба во секојдневната комуникација да се нарекувате Северна Македонија. Вие не сте обврзани со договорот да го правите тоа. Зошто прифаќате некој да ве тероризира дома?

Не сакавте Македонија да е во НАТО, да зачекори во ЕУ?

– Напротив. Отсекогаш сум са залагал и сум лобирал за европска Македонија и членство во НАТО под праведни услови, а не со уцени и плаќање огромна цена, за Македонија да биде член а не да биде потпикната под закрила на НАТО или за да влезе.

Стартувавте со Фулбрајтова стипендија, стасавте до консулатнт на фондацијата, помогнавте ли некому од татковината да тргне по вашите стапки за накај САД?

– Знаете, не сакам да лицитирам со тоа кому сé сум му помогнал на разни начини и на разни полиња. Не сметам дека е тоа чесно. Тоа го правите затоа што сакате накој да напредува, да успее во тоа што го прави, а не за да се фалите со тоа.

Левичар сте, но и не сте фан на СДСМ, имате ли свој партиски љубимец во Македонија?

– За жал моите политички љубимци се одамна починати, како на пример извонредниот дипломат Лазар Мојсов, Крсте Црвеновски, Киро Глигоров, или Вера Ацева. Тажно е што пост-југословенска Македонија се препознава по една дузина млади и неискусни, самопрогласени политичари, на кои партиските функции им беа први вработувања, и кои се учеа на државно управување на работно место. Тоа е скапо платено учење кое сè уште го плаќаат граѓаните на Македонија. За жал единствено што научија овие „јуноши” на тие функции e како да лажат и како да крадат.

А во САД?

– Па поранешниот претседателот Обама кој фасцинира со своето знаење, својот оптимизам и својата луцидност. И секако мојата фаворитка Елизабет Ворен која за жал не беше доволно поддржана како кандидатка за претседател во овој изборен циклус.

Генерално, што би пофалиле кај македонаската театарска сцена?

– Па да бидам искрен и не е нешто многу баш за фалење. Нема имагинација, нема фантазија, а нема ни добри драмски текстови. Но затоа со радост ќе ги издвојам и ќе ги пофалам глумците. Особено стариот волк Перо Арсовски, па Дац Спасовски, и уште повеќе извонредните глумици, Ирена Ристиќ и Камка Тоциновски. А меѓу нив посебно место зазема Синоличка Трпкова со својата педагошка работа.

Што ѝ забележувате?

– Па пред се партиската обоеност, клиентализам, непотизам, конфликт на интереси.

Се вртите и спрема филмот, аплицирате за макеоднски буџет, данок плаќате во САД, очекувате ли подршка од филмскиот фондот?

– Па тоа е просто. Не плаќам данок во Македонија затоа што не остварувам приход во неа. Но дали сето тоа треба да биде причина Лордан Зафрановиќ и мене да не ограничат или оневозможат да не бараме поддршка за филм кој говори за најголемото зло во Македонија, корупцијата. А расчистувањето со неа е знаете и сами еден од најбитните услови за влез на Македонија во ЕУ.

Што е сижето на вашето филмско сценарио, дејствието е овде во Македонија и во САД, нешто слично на Прашина на Манчевски или?

– Се работи за современ урбан филм. Така да се рече „женски филм“.  „Улица Орце Николов бр. 10”, кој е сега и повест а не само сцанарио, е една горчлива приказна која зборува за потрагата на една млада жена по сокриениот рецепт за лек против ракот, а открива на тој пат многу други опaсни болести. Секако, најмногу општествени болести.

По Преспанскиот и „северна ламентиравте нешто околу идентитетот, во што е проблемот, со годините ли доаѓа загриженоста за него?

– За идентитетски прашања говорам одамна. Далеку пред потпишувањето на догорат од Преспа. Во есејот од 2012 г. „Македонскиот идентитет меѓу индивидуалното  и колективното – еден поглед од егзил, меѓу другото велам: „На кој јазик говори потписникот на овие редови? Кој е, или што е неговиот идентитет? Дали потписникот на овие редови е американски режисер и теоретичар од македонско потекло, или пак е македонски режисер и теоретичар професор које со години живее во егзил во Америка и кому во меѓувреме единствена и вистинска татковина му е неговото творештво? Како ќе го дефинирате поединецот, режисер, писател, професор, кој е роден во Скопје, главниот град на Република Мекедонија, воспитан на македонски, образуван на српски во Белград, кој работел и создавал на повеке од седум јазика, во четири религиозни средини, кој е објавуван рамо до рамо со Сузан Сонтаг, и кој долги години живее како Кундерин јунак во мултикултурна Америка.

На кој јазик да се говори на просторот на кој трагите на необјавената војна сеуште се гледаат и каде што раните се уште не се залечени? Како да се зборува во светот каде што вредносните системи се извртени и девастирани? Како да се говри на просторот на кој што говорот на пазарната економија го вулгаризирал и злоуптребил цивилниот и граѓанскиот, креативниот дијалог? Како да се говори на просторот каде што говорот на нетрпеливоста и омразата брише пред себе? Како значи, да се говори на просторот на кој естетиката, имагинацијата, и креацијата не се на голема цена? Како да се создава на простор на кој што именката интелектуалец е погрден збор, а интелектуалната работа криминален чин? Како да се зборува на тој простор каде што фарисејствто, рушителите, дрвосечачите, пироманите доминираат? Таму каде неукоста, невкусот, вулгарноста и примитивизмот се врвен авторитет. Дали е тоа македонскиот идентитет?”

Се криете зад театарот како сигурно идентитеско анационално прибежиште, ви исчезнува ли македонството?

– Македонија е простор од каде што доаѓам и кој ме одбележал за секогаш. Има пален знак на мојата кожа. Токму затоа во скоро сите мои остварувања се гледа тој белег.

Веројатно ќе речете дека во Америка сите се Американци и дека и овде би требало да е така?

– Точно така. Исто како што сум јас таму Американец од македонска потекло или како што се има Американци од италијанско потекло, исто така сите граѓани на Македонија треба да бидат Македонци. Македонци од турско потекло, македонци од албанско потекло итн. Тоа е државно правана одредница, а не етничка припадност.

Инаку јас лично според анализите на мојот ДНА, 50 отсто сум Италијанец со потекло од Венето, 15 отсто Македонец, 5 отсто Албанец и останато некоја мешавина од разни азиски и  блискоисточни народи. И како сега да се идентификувам?

Добро, но во џебот го имате американскиот пасош, дали е тој и ваш идентитет или само ве прави по сигурен, побезбеден, попривилегиран од нас овде?

– Пасошот ни најмалку не го одредува мојот етнички идентитет. Дали ме прави привилегиран и безбеден? Зависи од тоа во кој крај на светот сум. Некаде дури ме става во ризични групи. Инаку мојот стар југословенски пасош беше најдобар. Можеше да ме однесе секаде во светот и да ме сочува. 1975 година на црниот пазар тој чинеше 5000 Долари.

Еминентни медиуми во САД  забележаа дека сте уметник со оригинално дело, со неисцрпна енергија и со победнички ентузијазам, со што ја освоивте уметничката Америка?

– Па мислам токму со тоа што го споменувате во вашето прашање. Со индивидуалноста и посебноста. секогаш слушајќи го својот внатрешен глас во потрага по сопствен исказ.

Ве етикетираат како комплетен човек на театарорт и ве вбојуваат во десетте најважни режисери од просотрите на поранешна Југославија, ви годи тоа?

– Да секако. Особено ако тоа доаѓа од подобрите од вас.

Овде некако како да се нема многу радост за наши успешни по светот, кое е вашето чувство?

– На знам. Се чини дека стравот од успехот на другиот ни го парализира умот и не затвора во еден затворен парохијален атар. Луѓето одбиваат поинакво мислење и помош од оние од надвор кои имаат и големо искуство и знаење и кои што сакаат да помогнат. Одговорите на тие “душегрижници” за доброто на Македонија начесто се:  “Да, да. Знам, знам! Го знаеме ние тоа не ни откривај топла вода”… или пак “што има тој или таа да ни кажува што да правиме. Што има тој или таа да не учи од таму, нека си седи таму”.

Но ве нема на македонските театарски даски, овде не ве сакаат или до вас е?

– Она што вие го нарекувате не ве сакаат, јас го нарекувам страв од другиот, страв од различитост.  Но ниту некој ме поканил ниту пак на ум не ми паѓа, да дојдам во Скопје и да работам во она стрaшило од  кич и да му дадам легитимен на Груевски и неговата налудничава мегаломанија. Ако на некои луѓе парите не им мирисаат, мене богами такви срамни чинови и те како ми смрдат.

А имате ли храброст да кажете кому од актуелните учесници во македонските изведувачки уметности му симнувате капа?

– Комплицирано прашање. Опасно како стапица в шума.  Ха, ха, ха… Видете, уметниците како и лекарите се многу нарцисоидни и суетни луѓе. Особено во Македонија. Во тој контекст никој не зборува ништо за никого. Особено не убаво. Но кај сите има потајна почит кон другите. Јас секако како изданок не овој проклет простор не сум многу поинаков од другите. Меѓутоа секогаш се трудам да бидам и објективен и коректен кон колегите. Да. Имам повеќе симпатии и наклоност кон многу автори но повеќето од нив за жал се починати. Тука пред се мислам на Киро Ценевски и на неговото Црно Семе.  Што се однесува до современиците тоа е многу сложена работа. Листата е голема. Ако некого спомнам, а друг заборавам, може да има многу лутење. А јас не сакам никого да налутам. Затоа ќе го премолчам овој предизвик.

Имате ли воопшто ваш светски идол, ваш уметнички репер?

– Секако. Без Питер Брук, Џо Чајкин, Кантор, Мирјана Миочиновиќ, Киш, Филип Давид, Кундера, или пак Камиј Палја мојот живот во уметноста би бил многу по сиромашен.

Приватно, сосема приватно, што најмногу ве радува, а што најмногу натажува?

– За тагата нема да зборувам и онака премногу ја има околу нас. Потребна ни е радост и оптимизам. А оние што добро ме познаваат знаат дека многу малку зборувам за приватниот живот. Но овде морам да споделам нешто што мислам дека ја надминува мојата приватност. Мора да кажам дека бескрајно ме радуваат две мали двојчиња, близначики, Џоуд и Мила, кои раснат и го осознаваат светот испреплетувајќи во своето раснење три култури и три јазика: македонски, арапски (онака како што тој се зборува во Јордан), и американски-англиски. Тие две секогаш насмеани плетенки родени од љубов и различитост, такви кави што се, секогаш ме радуваат и инспирираат.

The post ИНТЕРВЈУ Наум Пановски: Стравот од успехот на другиот ни го парализира умот appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....