21.8 C
Скопје
11:51 - 29 април, 2024

20 години од 5 Октомври: Демократијата во Србија во маѓепсан круг

Пред точно 20 години, на 5 Октомври 2000 година, јавната атмосфера кај северниот сосед беше во наелектризирана состојба поради закажаните демонстрации против режимот на Слободан Милошевиќ и неговото одбивање да го признае Воислав Коштуница за легитимен претседател на тогашна СР Југославија. Од тогаш, 5 Октомври во Србија се прославува како ден кој ја симболизира демократската транзиција на земјата. Но, датумот годинава се одбележува скромно, без големи државни настани, со скромни новинарски трибини од кои главната не е ниту во Белград, туку во Ниш. Односот на државата и општеството кон 5 Октомври можеби најдобро алудира на апатијата и рамнодушноста кон овој некогаш прославуван датум. Тоа се должи на фактот што после две децении тогашната надеж и ентузијазам на српските граѓани за живеење во демократска држава интергирана во Европската Унија се чини дека потполно се изгуби.

Во Република Србија денеска на власт е гарнитура која вршеше високи функции во времето на владеењето на Слободан Милошевиќ. Почнувајќи од актуелниот претседател на државата Александар Вучиќ кој беше министер за информации во служба на Милошевиќ, портпаролот на “СПС” беше сегашниот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ, актуелниот министер за одбрана Александар Вулин беше истакнат член на “ЈУЛ” на Мира Марковиќ, потпретседателката на тогашната сојузна влада Маја Гојковиќ до скоро го водеше српскиот парламент. Од друга страна, предвесниците на политичката пролет во 2000 година во кои српските граѓани ги положија своите надежи денеска ги нема. Почнувајќи од убиениот премиер Зоран Ѓинѓиќ, Воислав Коштуница е испратен во политичка пензија, а движењето “ДОС” кое беше носител на петтооктомвриската револуција одамна не постои.

Постои и фактографски доказ дека работите во поглед на демократските процеси во Србија не се менуваат. Доволно е да се погледне индексот на демократијата на “Фридом хаус” и ќе се види дека земјата денеска има иста оценка каква што имала пред 20 години, “Делумно слободна земја”. Во последниот извештај за балканот, Фридом хаус нотира дека “Претседателите на Србија и на Црна Гора, Александар Вучиќ и Мило Ѓукановиќ, продолжуваат да ги консолидираат државните моќи околу себе и своите елити”. Но како Србија успеа да “заглави” толку во барањето на слобода, зарем српските граѓани сакаат да бидат управувани со “цврста рака”? Секако дека не, феноменот на српскиот автократизам се должи на неколку фактори, кои пак гравитираат околу погрешните политики во минатото, од кои земјата се уште не може да се спаси.

Кога се зборува за критиките кон актуелниот српски политички првенец во моментов, претседателот Александар Вучиќ, кој жонглира со највисоките функции како што Новак Ѓоковиќ жонглира со тениските топчиња, јасно е дека главните замерки се движат во насока на неговото автократско владеење и задушувањето на слободата на медиумите. Но исто така мора да се каже дека Вучиќ не дојде на власт во “нормална” земја, туку во држава која беше дисфункционална дури и за балкански стандарди. Најголемата главоболка која ја наследи Вучиќ, а која најмногу се бори да ја реши (или да не ја реши) е проблемот со Косово. За Србија, Косово и Метохија се неотуѓив дел од српската територија. Иако Вучиќ беше дел од владата на Милошевиќ и истакнат дел од политичкиот фолклор од 90-тите години, сепак тој имаше минорна или речиси никаква улога во настаните кои доведоа до бомбардирањето на НАТО во 1999 и практично одземањето на косовската територија од Србија. Јасно е дека креаторот на таа политика беше Слободан Милошевиќ и делумно Мира Марковиќ. Од првото доаѓање на власт како претседател на српската влада во 2014 година Вучиќ има и прилично добри економски резултати. Со оглед на одлуката на Република Србија да остане воено неутрална земја и сосема разбирливо да не бара членство во НАТО, Вучиќ се обидува да балансира помеѓу истокот и западот, при тоа користејќи ги финансиските поволности од двете страни, стратегија која во некоја мерка ја правеше и југословенскиот Маршал Тито. Но се чини дека кај Вучиќ таа стратегија се ближи кон крајот и дека наскоро ќе мора да одбере страна, особено после потпишувањето на последниот договор со Приштина под покровителство на американскиот претседател Трамп.

Она што е јасно е дека косовскиот проблем е сидрото кое го држи српскиот брод укотвен. Европската Унија и САД бараат Србија да го признае Косово што би преставувало решение за проблемот, но за Белград тоа е речиси невозможна опција. Иако Србија ги почна преговорите со Брисел, земјата застана некаде на половина од процесот и јасно е дека без решавање на косовското прашање нема да може да мрдне напред. Иако претседателот Вучиќ и министерот Дачиќ често знаат да кажат дека политиката на САД кон косовското прашање е позитивно сменета за Србија со доаѓањето на Доналд Трамп, јасно е дека меѓусебното признавање на Белград и Приштина секогаш ќе биде некакво крајно решение. Но евентуалното решение за Косово во себе носи еден парадокс во поглед на Србија. И да остане сегашната ситуација и да се дојде до решение кое би вклучувало признавање, во двата случаи нема голема надеж за демократските процеси. Западот знае дека нерешавањето на косовското прашање е едно од главните причини за недемократските процеси во Србија, а доколку земјата се присили на признавање тоа нема да донесе ништо добро и веројатно ќе ги засили радикалните и аворитарни движења. Од друга страна официјална Приштина не сака да слушне ништо друго освен целосно признавање на својата држава. Косово засега останува гордиев јазол, чие решение ќе мора да биде покреативно од мечот на Александар.

Друга важна причина за состојбата на демократските процеси во Србија е целосното потфрлање на лидерите на тогашниот ДОС да донесат кредибилни реформи кои требаше да ја повлечат земјата напред. Периодот после 5 Октомври за српските граѓани денеска останува запаметен по убиството на Ѓинѓиќ, бројните коруптивни скандали, меѓусебните политички интриги и обвинувања на политичарите кои требаше да бидат светилници на демократијата, а кои се претворија во типични балкански мешетари. Затоа после згаснувањето на политичката звезда на Борис Тадиќ денешната опозиција нема човек кој може да се спротистави на харизмата на Александар Вучиќ. Можеби најхаризматичниот лик е Бошко Обрадовиќ кој сепак е лидер на десничарската партија “Двери” што во голема мера ја ограничува неговата моќ за политички маневри. Но Александар Вучиќ е свесен за неговиот политички монопол, како во земјата така и надвор, затоа тој ќе продолжи да се факторизира како единствен човек кој може да стави потпис на решение за Косово. Но исто така јасно е дека, иако Косово е ланец кој Србија ја држи врзана во евроинтегративните процеси, Вучиќ ќе направи се, решението да се одоговлекува доколку признавањето дојде како крајна опција.

20 години од 5 Октомври, нема голема надеж дека состојбата со демократските процеси во Србија ќе тргне на подобро. Но тоа не е добра вест ниту за Македонија. Секогаш е подобро земјава да има соседи кои се економско и декомратски развиени, бидејќи околината е еден од предусловите за развој на секоја земја.

The post 20 години од 5 Октомври: Демократијата во Србија во маѓепсан круг appeared first on Слободен печат.


20 години од 5 Октомври: Демократијата во Србија во маѓепсан круг was first posted on октомври 5, 2020 at 11:22 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....