21.8 C
Скопје
12:53 - 29 март, 2024

ИНТЕРВЈУ психолог Марија Котевска-Димовска: Потребни ни се долготрајни мерки за заштита на менталното здравје во време на пандемија

Состојбата со ковид-19 како и натаму е критична, а есенскиот период и редовниот сезонски грип секако дека нема да помогнат за нејзино подобрување. За тоа како евентуалното повторно воведување на рестриктивни мерки, а во најлошо сценарио и карантин, би влијаело од психолошки аспект на луѓето, поразговаравме со психологот Марија Котевска-Димовска, која смета дека е потребно сериозно да се сфати влијанието на кризата врз менталното здравје на луѓето и да се понудат интервенции од страна на стручни лица на колективен и индивидуален план за сите возрасни нивоа низ различни институционални форми.

Какви можат сега да бидат психолошките последици, генерално врз масата, ако повторно се воведат рестриктивни мерки?

– Ситуацијата во која се наоѓа целото човештво предизвикува страв и неизвесност и силно влијае на однесувањето на луѓето. Заразната пандемија може да предизвика низа на стресни реакции како вознемиреност, анксиозност, здравствено ризични однесувања,  неконтролирана  употреба на медикаменти, алкохол, цигари… но може и да доведе до појава на психосоматски тегоби и други нефункционални однесувања. Сето ова може да да ја ограничи можноста на реализирање на личниот и професионален потенцијал за успешно носење со стресот и да предизвика ментални растројства како депресија и анксиозност. Истражувањата веќе го покажаа влијанието на пандемијата врз глобалното ментално и психолошко здравје на населението.

Мерките за заштита на здравјето во услови на пандемија кои имаат превентивна улога, како што се физичка дистанца, носење маски, социјална изолација, карантин и сл. значајно го менуваат животот на поединецот и на заедницата, што дополнително влијае на стресот и на менталното здравје. Кога се во состојба на стрес, луѓето имаат потреба да го намалат неговиот интензитет, а за тоа користат различни стратегии и однесувања, некои се ефективни, а некои не.  Кога станува збор за воведување на мерки на заштита на физичкото здравје, парадоксален е фактот што тие може да предизвикаат  отпор,  фрустрација и незадоволство од една страна, но од друга страна тоа може да го ублажи чувството на безнадежност, немоќ и препуштеност сами на себе со сознанието дека постои  некој систематизиран пристап кој се грижи за здравјето на населението. Потребно е одговорно да пристапиме кон проценките на превентивните  мерки, со фокус на суштествените причини за нивно воведување и да ги поставиме вистинските приоритети во вакви кризни времиња, а  животот и здравјето на нашите најблиски, нашите сограѓани и секако на нас самите е  најголемото богатство кое треба да го сочуваме.

Со оглед на потенцијалот за долгорочни последици кои ќе се протегаат многу подолго од траењето на оваа епидемија, неопходно е да се дефинираат мерки и  активности што може да се  преземат  за да се  заштити физичкото, но и менталното здравје и психолошката благосостојба. Потребно е сериозно да се  сфати  влијанието на кризата врз менталното здравје на луѓето и да се  понудат интервенции од страна на стручни лица на колективен и индивидуален план за  сите возрасни нивоа  низ различни институционални форми за тоа како да се носиме со стравот и како да го управуваме доживувањето на опасност и ризик. Овие мерки треба да се применуваат за да помогнат во намалувањето или спречувањето на секундарните трауматски реакции на стрес и други психолошки проблеми, и да влијаат  на зголемена свесност кај луѓето дека  мора да се остане оптимистичен  и физички и психички здрав,  бидејќи тоа е клучно за психолошката еластичност во надминувањето на овој предизвик.

Многу луѓе поради пандемијата останаа без работа, на други им беа намалени приходите. Во најлошо сценарио, сега повторно е можен карантин, како тоа би им влијаело на тие луѓе?

– Изолацијата и карантинот се методи кои епидемиолозите ги предлагаат за време на оваа епидемија со цел, колку што е можно, да управуваат со ширењето на инфекцијата и товарот врз здравствениот систем. Овие вклучуваат самоизолација, карантин, изолација и престој дома. Останувањето дома различно се доживува, за некои  е предизвик и  промена, а за други дури и драматичен пресврт на нормалниот дневен ритам и начин на живот. За многумина, самата промена на рутината е стресна, а на притисокот се додава одвојување и ограничувања на движењето.

Доколку би се повторил карантинот, секако дека би се појавиле непријатни емоции, но сето тоа се нормални и здрави човечки емоции, кои со рационален и здраворазумски пристап  ќе помогнат да во справување  со ситуацијата. Свесноста дека со почитување на рестриктивните мерки  секој од нас  исполнува социјална обврска –  начин да се  помогне да не се шири инфекцијата и да се заштити здравјето, ќе ни даде сила и храброст да го  прифатиме како акт на хуманост и истрајност.

Кога станува збор за губење на работата тоа е веќе егзистенцијален проблем, кој заедно со сите стресогени фактори  може да доведе до драматични реакции на страв, немир, тага, гнев, конфузија. Тука најповикани се институциите на системот да им помогнат на ваквите случаи, за кои да се надеваме дека нема да бидат во голем број. Сепак и човечката хуманост треба да дојде до полн израз во вакви непредвидени ситуации. Во наша човечка природа е да се грижиме едни за други и истовремено да бараме социјална и емоционална поддршка од другите. Ефектите на ковид-19 ни даваат можност да го сториме тоа, можност да се грижиме едни за други, да бидеме грижливи и чувствителни на уникатните потреби за ментално здравје на оние за кои се грижиме.

Што е со учениците, колку ќе загубат од социјалниот живот преку онлајн наставата, очигледно е дека ова е голема промена за нив. Најмалите тргнуваат на училиште со маски и во поинаква атмосфера, колку сето тоа може да има влијание врз нивниот развој?

– Животот  на децата, како и на возрасните се смени, а промените се многубројни и нагли. Настава преку Интернет, предавање преку телевизиски канали, виртуелни часови се нова  реалност во животот на децата и родителите. Нагласувањето на континуитетот на училишните перформанси и учењето е важно, но не и единствениот императив во овие тешки моменти. Акцентот е ставен првенствено на одржување на здравјето – физичко, но исто така и ментално и, се разбира, одржување на хигиенски навики.

Децата сигурно ќе бидат фрустрирани и немотивирани во одреден момент, ќе им недостасува социјалниот аспект, дружење со другарчиња како извор на развој на  социјални вештини низ игра, кој е многу значаен во детска возраст. Што е она што треба да се направи за да се ублажат можните последици по психичкото, социјалното и менталното здравје? Потребно е да се мобилизираат сите институционални механизми и да се искористи интелектуалниот капитал на стручните лица, пред се психолози, кои ќе помогнат во надминување на опасностите во детскиот развој. Потребно е да се понудат адекватни пристапи кон прифаќање на новите навики, а во тој процес треба да бидат вклучени и  родителите и наставниците. Тие се првите кои треба да  им помогнат  на децата да ја  разберат ситуацијата. Децата треба да разберат зошто треба да го прават она што го прават, и да не го прават она што можеле порано.

Потребно е да им помогнеме да се справат со непријатните емоции. Родителите имаат голем број дилеми за тоа како и на кој начин да го дизајнираат денот, активностите и времето. Да им дадеме на децата време да се прилагодат, да им дадеме простор и на нас самите и на нив да ги откриеме заедно методите и стратегиите што најдобро функционираат за нас. Децата на училишна возраст се навикнати на структура, тоа е нивниот начин на функционирање, затоа  дизајнирањето на нова структура е императив во овие стресни денови. Во време на криза, структурата несомнено значи безбедност што доведува до чувство на предвидливост.
Само со заеднички сили  на целото општество може да им се обезбеди на децата  да останат  здрави, безбедни и да продолжат да учат, затоа што децата се најголемо богатство, тие се пред се друго!

The post ИНТЕРВЈУ психолог Марија Котевска-Димовска: Потребни ни се долготрајни мерки за заштита на менталното здравје во време на пандемија appeared first on Слободен печат.


ИНТЕРВЈУ психолог Марија Котевска-Димовска: Потребни ни се долготрајни мерки за заштита на менталното здравје во време на пандемија was first posted on октомври 5, 2020 at 11:46 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....