12.8 C
Скопје
05:22 - 15 мај, 2024

(РАЗГОВОР) ИРИНА ДИШОВСКА, ПЛАНИНАРКА КОЈА ГО ОСВОИ АМА ДАБЛАМ: Борбата со сама себе е најтешка, но победата е најслатка!

Ирина Дишовска, планинарката која го освои хималајскиот врв Ама Даблам, е природна и дружељубива личност, не користи многу шминка, најчесто се движи во спортска облека. Речиси секој ден може да ја сретнете на Водно. Во „гепек“ секогаш има полна опрема за планинарење. Дома редовно готви за себе, ретко јаде во ресторани. Вели дека е една нормална жена во своите доцни дваесетти или рани триесетти години.

Ние бевме на врвот на Ама Даблам, а на само 15 км од нас, буквално од спротива, се издига Монт Еверест. Чувството треба да се доживее, не може да се објасни со зборови. Бев горда на себе, горда на Лазе, и горда што македонското знаме го извадивме на врвот насмеани, живи и здрави. Фото – приватна архива

Со планинарење почнала да се занимава во пубертетот, на 15-годишна возраст го искачила врвот Љуботен, како прв врв во нејзината планинарска приказна. До 20 години планинарела само низ Македонија. Потоа, од Тетово се преселила во Скопје, започнала за викенди да оди на организирани тури, а во последниве седум години е многу активна, со по неколку планински врвови искачени месечно. Љубовта кон планината ја наследила од татко ѝ. Вели, татко ѝ бил човек кој инсистирал целото семејство секој викенд да го поминат на високо, излетничко место. Младата планинарка Ирина Дишовска неодамна го искачи врвот Ама Даблам на Хималаите, висок  6812 метри, и со тоа стана втора Македонка, по Илина Арсова, која успеа во тешкиот подвиг. 

Ирина и Лазе на Камп 2 на Ама Даблам, фото приватна архива

 

Зошто го одбра токму тој врв, тој предизвик?

– Јас не го одбрав овој врв, туку мојот партнер Лазе (Лазо Миновски,н.з). Нему му била огромна желба и ми кажа дека има план да го искачи, но дека му треба партнер. Веднаш се согласив, иако, верувам, и да не се согласев, Лазе ќе одеше сам на овој врв. Знаев дека Илина и Илија се првите Македонци кои беа на Ама Даблам, и имав желба да го искачам, меѓутоа некако мислев дека е недостижен за мене. Но, по предлогот на Лазе, започнавме да разговараме и двајцата одлучивме дека тоа е вистинскиот врв за нас. Иако сите наши драги пријатели планинари и алпинисти не веруваа дека тоа е правилна одлука.

Колку долго се подготвуваше, каде и како?

– Од моментот кога одлучивме дека ќе одиме на Ама Даблам, подготовките започнаа, во септември 2020 г., а се упативме на Хималаите во октомври 2021 г. Значи цела година имавме исцрпувачки тренинзи, кои опфаќаа искачување на уште два други високогорски врвови – Ухуру во Африка, познат како Килиманџаро, 5.895 м, кој го искачивме на 17 февруари 2021 г., и Елбрус 5.642 м во Русија, кој го искачивме на 27 август 2021 г. Во меѓувреме, правевме тренинзи во фитнес-центар, тренинзи на Матка, трчање, возење велосипед, планинарење секој викенд и зимски кампинг на Шара, некогаш и по два-три пати неделно. Цела година имавме пеколни подготовки сè до моментот на поаѓање, 3 октомври.

На патувањето замина со партнерот и тренер Лазо Миновски, колку ти значеше неговата поддршка и во што најмногу ја добиваше?

– Лазе ми е тренер во велосипедизам бидејќи тој е поранешен професионален велосипедист. Во однос на кондициски тренинзи ми помагаше премногу, буквално ме пријавуваше на трки за да можам да излезам од мојата комфор-зона и да си ги поместам бариерите доколку ги имам. Во техничките подготовки тој е одличен качувач, меѓутоа, јас сум повеќе години во овој спорт, па некако со мене се консултираше за сè што не беше сто отсто сигурен. Така се надополнувавме одлично. А неговата поддршка ми беше и сè уште ми е најважна од сите. Сепак, тој што се искачува заедно со тебе и што го поминува истото што и ти, тој треба да верува во тебе, а не остатокот од светот што го следи искачувањето преку социјалните мрежи. Едноставно доволно беше само да ми каже „го можеш ова.“

Ирина на врвот Мирска вода, Македонија. Фото – приватна архива

Како изгледаше организацијата, се соочивте ли со одложувања, чекање подобро време или сè одеше добро?

– На Хималаите секогаш има одложувања, не сум слушнала некоја експедиција да заврши баш без проблеми. На првиот обид да се искачиме имавме одложување поради нефиксирани јажиња под врвот. Пробавме да преговараме со шерпасите и луѓето кои се одговорни за поставување на тие јажиња, и тие ни забранија да тргнеме нагоре сè додека не се поставени јажињата до самиот врв. Се испостави дека залудно чекавме, бидејќи по нашето искачување истите тие јажиња испаднаа од своите лежишта, анкерите попуштија, па врвот го симнувавме без користење на јажињата сѐ до Камп 3. Така, дури и да тргневме претходно, немаше да имаме проблеми. Второ одложување беше поради големото невреме што го зафати регионот на Ама Даблам, и буквално нè затрупа снег од базниот камп па нагоре. Како што одевме нагоре по камповите, наидувавме на шатори што беа искршени и онеспособени за користење од тежината на снегот. За среќа, нашите шатори го издржаа ова невреме, иако пет дена чекавме во базниот камп да престане да паѓа снегот пред да тргнеме кон врвот.

Колку искачувањето претставува борба со самата себе, поместување на сопствените граници на издржливост, ги помести ли тие граници?

– Границите се поместени од моментот кога ја донесовме одлуката. Знаеме каде одиме, знаеме што ќе нè очекува и знаеме колку треба да имаме беспрекорна состојба на телото и умот за да може да се издржи тоа. Борбата со сама себе е најтешка, но победата е најслатка. Откако ги поместивме тие внатрешни граници, кај нас двајцата само се зголемија апетитите за уште еден ваков врв во блиска иднина.

На Татри, Полска. Фото – приватна архива
На Татри, Полска. Фото – приватна архива

На што мислеше додека се искачуваше, особено кога ти беше најтешко?

– На тоа дека жртвував цела една година во која се одреков од многу работи кои се секому пријатни и дека морам да ја издржам ноќта за целата моја жртва да се исплати. Со излегување на првиот сончев зрак, веќе не го чувствуваме толку силно студот и едноставно се искачуваме кон врвот зашто веќе знаеме дека е многу блиску.

Со излегување на првиот сончев зрак, веќе не го чувствуваме толку силно студот и едноставно се искачуваме кон врвот зашто веќе знаеме дека е многу блиску. Фото – приватна архива

Кој е твој следен предизвик?

– Овие денови очекувам одговор дали ќе добијам финансиска поддршка од моите спонзори. Сакам да се обидам да искачам еден врв над 8.000 метри во Пакистан, меѓутоа тие што се искачуваат знаат колку се скапи овие дозволи за искачување на вакви врвови. Потоа, авионски карти, опрема, користење на услугите во базни логори итн… Така, буквално сè ќе зависи од тоа дали Федерација на планинарски спортови и спонзорите ќе ме поддржат во мојата следна цел.

 

 

Слични објави

Мерил Стрип ја доби почесната Златна палма на отворањето на Канскиот филмски фестивал: „Толку сум среќна што не сте уморни од моето лице“

еспресо

(Фото) Прва фотографија од третиот внук на Цеца, се огласи Анастасија Ражнатовиќ: „Срце теткино“

еспресо

Надвор од Србија: Јелена Карлеуша откри каде ќе го продолжат своето образование нејзините наследнички

Еспресо

Се огласи „Евровизија“: Вистината за дисквалификацијата на Холандија

еспресо

„Ни упадна во становите“: Марко Миљковиќ дивеел, се огласи соседот кој го гаѓаше со јајца

Еспресо

(Фото) Јована Јеремиќ добро се испотила, мокрите хеланки ѝ се залепиле за задникот

Еспресо
Се вчитува....