16:03 - 17 јули, 2026

Тројански коњ во природна големина, импресивна актерска постава… Сè што можеби не сте знаеле за филмот „Одисеја“

Од вчера (16 јули), македонската публика има можност да го погледне најновото остварување на режисерот Кристофер Нолан, филмот „Одисеја“. Во продолжение ви пренесуваме некои од најинтересните досега откриени факти за снимањето на филмот.

Нолан не сакал митот да изгледа како фантазија

Нолан сакал светот на „Одисеја“ да добие физичка тежина и публиката да сфати колку патувањето по море можело да биде застрашувачко за луѓето кои немале карти, мотори, прецизни временски прогнози и современа технологија.

IMAX-камерите, вистинските бродови, немирното море, далечните пештери и суровите пејзажи служат за гледачот да не го набљудува патувањето на Одисеј од безбедна дистанца. Нолан сакал публиката да биде на бродот, да го почувствува стравот од океанот и гневот на Посејдон заедно со луѓето на екранот.

До филмската Итака екипата секој ден се искачувала пеш

Замокот Кастело ди Санта Катерина на островот Фавињана се наоѓал на идеална локација за Нолановата верзија на Итака, но постоел еден сериозен продукциски проблем. До урнатините немало пат доволно широк за камиони, опрема и за стотиците луѓе кои секојдневно работеле на филмот.

Планот за изградба на нов пристапен пат никогаш не бил реализиран, па поголемиот дел од екипата две недели секое утро пешачел околу 275 метри нагорнина. Актерите се искачувале во костими и сандали, додека опремата и луѓето кои не можеле да пешачат биле превезувани со хеликоптери. На падината на планината била изградена платформа од скелиња, која за време на паузата за ручек можела да прими околу 200 членови на екипата.

Локациите претставуваат различни делови од митскиот свет

Снимањето се одвивало во Мароко, Грција, Италија, Исланд, Шкотска и во големиот воден базен на студиото „Универзал“ во Лос Анџелес.

Меѓу грчките локации се плажата Воидокилија, Несторовата пештера, тврдината Метони, плажата Алмиролака и Акрокоринт.

Италијанскиот остров Фавињана и тврдината Кастело ди Санта Катерина претставуваат делови од Итака. Еолските Острови – Липари, Вулкано и Базилуцо – биле искористени за други станици на патувањето на Одисеј, додека Исланд, со својот црн песок, пештерите, реките и речиси вонземските пејзажи, станал филмска верзија на подземниот свет. Шкотска, пак, ги обезбедила суровите брегови, разбрануваното море, урнатините на замокот Финдлејтер и шумите во областа Калбин.

И морето во филмот е вистинско

Голем дел од сцените на море биле снимени на отворено, каде што Нолан не можел да ги контролира брановите, ветерот, дождот и промените на времето. Една од најпредизвикувачките секвенци била снимена на дрвен брод долг околу 35 метри покрај шкотскиот брег, додека актерите, статистите и членовите на екипата со часови работеле на разбрануваното море.

Нолан сакал камерата да ја забележи вистинската нестабилност, замор и непријатност што ги чувствувале луѓето на палубата. Како што самиот вели, некои од спонтаните моменти што настанале во текот на тој исклучително тежок ден се меѓу неговите омилени кадри во филмот. Мет Дејмон, пак, целото снимање го опишал како физички најнапорната продукција во која учествувал.

Викиншкиот брод во филмот всушност е пловило од бронзеното време

Едно од главните пловила на Одисеј е „Дракен Харалд Хорфагре“, функционален дрвен брод инспириран од викиншката бродоградба. Бродот е изработен со традиционални методи, има дабов труп, јарболи, јажиња и едра со кои навистина може да плови по отворено море.

Во снимањето учествувале и членовите на неговиот вистински екипаж, а бродот морал да биде доволно способен за пловидба за да ја следи продукцијата од Мароко, преку Грција, до Италија.

Односот на Нолан кон практичните ефекти не се задржал само на бродовите и Тројанскиот коњ. Мет Дејмон го открил тоа за време на гостување во поткаст, кога раскажал дека за сцената со Полифем бил изработен модел на Киклоп висок околу 18 метри, поставен во вистинска пештера.

Кога во кадарот се гледаат бројни бродови и војници, тие навистина биле таму

Том Холанд го опишал своето прво доаѓање на снимањето во Мароко како прошетка низ историска реконструкција. Половина час поминал покрај војници, бродови и сценографија, а никаде не можел да ги пронајде вообичаените знаци на филмски сет. Сè било изградено и распоредено така што светот пред камерата функционирал како целина.

Мет Дејмон објаснил сличен пристап со зборовите дека, кога Нолан сакал илјада луѓе во кадарот, донесувале илјада луѓе, а кога сакал бродови во заднината, на локацијата навистина се наоѓале вистински бродови.

Дигиталните ефекти биле користени за спојување и довршување на сликата, додека нејзиниот главен дел го сочинувале вистински луѓе, пловила, костими, градби и пејзажи.

Тројанскиот коњ бил изработен во природна големина

Продукцијата изградила голем физички модел на Тројанскиот коњ, кој бил поставен на вистинска плажа. Во Нолановата верзија коњот не стои уредно оставен на брегот како дар од Грците, како што најчесто бил прикажуван овој настан во филмовите и во популарната култура.

Морето го исфрла на брегот, а потоа Тројанците го извлекуваат од водата и со тркала го пренесуваат до градот. Нолан ја објаснил оваа промена со логиката на самата сцена. Доколку коњот потонел во песокот и изгледало дека плимата ќе го однесе, Тројанците не би очекувале дека во него се наоѓаат војници.

Сепак, тие ја проверуваат конструкцијата пред да го внесат во градот, додека Одисеј и неговите луѓе во него се обидуваат да останат целосно мирни.

Импресивна актерска постава

Големата актерска постава на филмот ги обединува Мет Дејмон, Ен Хатавеј, Том Холанд, Зендаја, Роберт Патинсон, Шарлиз Терон, Лупита Њонго, Флоренс Пју, Џон Бернтал, Џон Легуизамо, Миа Гот, Химеш Пател, Елиот Пејџ и многу други. Нолан неодамна се пошегувал дека би било полесно да се набројат познатите актери кои не се појавуваат во овој филм.

Колку неговото име е доволно за актерите да прифатат улога најдобро покажува анегдотата со Роберт Патинсон. Кога Нолан му се јавил, Патинсон му одговорил дека едвај чека да го прочита сценариото. Режисерот изненадено го прашал дали навистина сака да го прочита, објаснувајќи дека сите останати едноставно се согласиле без воопшто да знаат како всушност ќе изгледа филмот.

Нолан за светот на Хомер размислувал повеќе од 20 години

Нолан уште на почетокот на 2000-тите преговарал за режирање на филмот „Троја“, заснован на „Илијада“, но на крајот се откажал од проектот. Идејата за голем „хомерски филм“ останала со него во следните две децении, додека снимал филмови за Готам, вселената, Втората светска војна и создавањето на атомската бомба.

Дури успехот на „Опенхајмер“, кој заработи речиси милијарда долари и освои седум награди „Оскар“, му овозможил слобода да побара средства за проект од вакви размери.

Нолан истакнал дека му било необично што „Одисеја“ никогаш не добила современа студиска адаптација која ја користи целосната моќ на големиот холивудски спектакл.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Odyssey Movie (@theodysseymovie)

Слични објави

(Фото) Најзгодната српска актерка покажа како ја одржува линијата – се качи на шипка, се истегнуваше и висеше наопаку

Еспресо

(Фото) Емина Јаховиќ ужива во рајот на Земјата – замина во едно од најлуксузните турски одморалишта

Еспресо

Клуб масите од орев и епоксидна смола на Wood Room – детали што го претвораат домот во уметничко дело

Еспресо

(Фото) Северина не ја крие среќата — со емотивна објава покажа како ужива на море со синот

Еспресо

Нивес Целзиус се отвори за љубовниот живот: Поради ова бирам да бидам сама

Еспресо

(Фото) Новите фотографии од Бали-бег од плажа ги изненадија обожавателите: „Дали е можно да е тој?!“

Еспресо
Се вчитува....