11.8 C
Скопје
01:13 - 4 мај, 2024

Саша Шотаровски – Шоте: Немаме единство да застанеме зад некој уметник и да го промовираме во светот

Неговото име се поврзува со повеќе култни градски места, од „Кристијан“, „Галерија 8“, „Безистен“, до „Децата од нашата улица“ во Дебар Маало, сега „Бифе Тафталиџе“. И во сите овие места градското и уметноста одат рака под рака.

Ако градов го прават луѓето, тогаш еден од тие што сè уште го одржуваат градското езгро, тој си знае како, е Саша Шотаровски – Шоте, велат неговите пријатели, а со нив, секако, се согласуваат и оние кои се собираат во „Кафе Тафталиџе“. Па, некако логично ми беше муабетот со Шоте да го започнам со кратко прашање: Како?

– Со мерак – ми одговара. – Знаеш, сè можеш да купиш, да го изменаџираш, да го сокриеш зад лажна насмевка, ама меракот, не. Не можеш да лажеш. Кога треба да се направи некоја изложба или читање, или промоција на книга, јас уживам мислам повеќе од самите автори.

Каде ја гледаш денес кризата на градскиот живот и на уметноста во Скопје?

– Има уметност низ градот, за жал, не е доволно промовирана. Ја водат некои партиски луѓе кои во нормални околности не би биле ни портири во тие институции и така, еве веќе минаа триесет години. Или има или нема добра уметност. Сè е сведено на некој ситен бенефит. Музејот на современа уметност, Културно информативниот центар, се пример за убави работи. Немавме ксмет во овој живот, повеќе среќа во следното извлекување (се смее, н.з). Срце ме боли кога ќе чујам дека во Приштина има пет блуз и три-четири џез клубови. Кај нас само „Глуво куче“ тера некаква сериозна агенда. Немаме единство да застанеме зад некој уметник и да го промовираме во светот. А има и пари и, за жал, се трошат на глупости.

Денес терминот урбан/а/о се употребува „на ангро“, исто како што се употребува и терминот проект, во сите сфери, секако и во културолошката, за опис на билокаква активност. Кога и за што ти ги употребуваш?

– Урбан е веќе смешен збор, а ако некој го спомне зборот проект – станувам од маса. Го девалвираа со тие пусти пари разни Ен-џи-о, и оние што живеат на државни пари што ги делат со овие. Еве, јас сега правам една изложба на сликарот Денис Тенев со неговите ученици, кадешто ќе свират тој и децата, ќе правам голема промоција на новиот албум на „Баклава“, ќе издадам книга на Дана Силјан за филозофијата на таи чи, промоција на книга на Александар Русјаков, ќе се објави книга од едни деца што учествувале на книжевна работилница. Промоција на книгата на Отец Пимен и уште две изложби. И ништо од ова не е проект. Со убави луѓе седнуваш, се договараш за пет минути. Имам и среќа што сме тим, ги имам Љупа, Саше, Влатче, Луна, Цветан. Благословен сум што ги имам.


Препознатлив си и по бројните хуманитарни иницијативи, од идеја до реализација, си добил ли некогаш „фала“ од соодветните државни институции?

– Не го правам тоа за фала, ниту сум добил ниту ќе добијам, ниту ми треба. Најголемо ‘фала’ е кога ќе се заврши некоја таква акција и кога ќе седнеме самите ние и два дена не ни се симнува блажена насмевка од лицето.

Има ли и политичари меѓу твоите гости? Колку муабетите за актуелните политички случувања можат да се „наслушнат“ меѓу масите?

– Има, доаѓаат, почнуваат жестоко, ама јас им го терам муабетот на смеење и само ги прашувам дали ќе го сменат телефонскиот број и кога ќе ги барам ќе ми викаат ‘на состанок сум, се слушаме од понеделник’. Се караме како да го направиме Карпош подобар, но секоја кавга завршува со по некое пиво или ракија.

Маалскиот живот препознатлив за старо Скопје е пресликан, заживеан во просторот на „Бифе Тафталиџе“ без разлика на тоа од кое маало доаѓаат гостите. Дали носталгијата по ваквиот живот, блискоста, искрениот разговор со соседите се рецепт за успех во твојата работа, или има уште нешто?

– Нема филозофија. Да си дојдеш сам, а да знаеш дека ќе најдеш некој познат, да слушаш добра музика, да имаш со кого да се искараш за фудбал, политика, ама после да пиете пиво заедно и да дискутирате кого повеќе го сакала онаа црнката од „Коменски“ пред 45 години. Во овие времиња-невремиња тоа е сосема доволно. Нормално, и да бегаш од скромноумни луѓе.

 

Слични објави

„Фала Богу што сум жива“: Познатата фолкерка доживеа тешка сообраќајка, објавени сликите од автомобилот

Еспресо

„Немојте да раѓате деца и…“: Сопругата на Огњен Амиџиќ упати порака и покажа како изгледа

Еспресо

Велигден кај Бреговиќ: За сите по нешто

еспресо

Велики петок: Што (не)треба да се прави на овој ден

еспресо

Промени на добро: Три хороскопски знаци се среќлии на месец мај

еспресо

„Зошто браќа?“: На Јелена Карлеуша откажан ѝ е настап во Црна Гора

еспресо
Се вчитува....