11.8 C
Скопје
13:16 - 25 април, 2024

Како Анета од Скопје го надмина својот најголем страв

Не можела ни да замисли дека еден ден и самата ќе биде една од оние кои не ги разбирала

Велат стравот се надминува со  кога ќе се соочиме со него. Страв врз страв… двете сестри штотуку го надминале својот најголем страв, им се создал нов, уште поголем. Сепак, оваа приказна има среќен крај.

– Целиот наш живот, и јас и сестра ми, имавме страв од кучиња. Кога и од далеку ќе забележев било какво куче по улица, мало или големо, се враќав дома или скршнував по друго патче. Додека одев на училиште како мала, секогаш одев со придружба на баба ми, која ми даваше сигурност дека сум „безбедна” од кучиња, бидејќи тие ми беа најголем „проблем”. И дури и да поминам покрај некое, и да не ме задева, јас ќе почнев да  кревам паника и да го бркам. Едно утро, се сеќавам, додека одевме заедно со сестра ми на училиште, позади нас одеше едно мало бело кученце  кое секогаш одеше по луѓето кои поминуваа на улицата, но никогаш не ги задеваше. Кога јас и сестра ми го забележавме дека е позади нас, во паника почнавме да трчаме, и така испотени и преморени од трчање, со ранци тешки олово, едвај стигнавме на час. Не сакавме ниту да погалиме кученце. Едноставно се плашевме, раскажува Анета Ѓорѓиевска за својот најголем страв.

Анета Ѓорѓиевска / Приватна архива

Таа не можела да ги разбере луѓето кои чувале миленици, особено не оние кои чувале кучиња внатре во домот, но имала разбирање за таквите што чуваат куче во дворот. Генерално ставот на целото нејзино семејство бил дека куче не треба да се чува во домашни услови. Не можела ни да замисли дека еден ден и самата ќе биде една од оние кои не ги разбирала.

Анета и Уна / Приватна архива

– Последниве 2 години сестра ми честопати знаеше да спомене дека сака кученце некое да си има дома. Ако нешто еднаш се спомне, се заборава, но кога нешто се повторува, веќе станува вистина. За да бидам сигурна дека тоа го посакува, ја прашав дали навистина сака кученце. Да, таа беше решена да земе куче, порано или подоцна. Но, не беше сигурна дали ќе дозволат нашите родители, бидејќи татко ми не сакаше ниту да чуе, а не да вдоми милениче. Одлучив јас да ѝ подарам кученце, малтешка пудлица, за нејзиниот роденден минатата година, но ниту јас не бев сигурна како ќе го прифатат моите родители. Така поминаа 2 месеци од нејзиниот роденден, а јас сèуште ништо ѝ немав подарено. По еднонеделно пребарување да вдомиме кученце малтешка пудлица, конечно најдов во Куманово кај жена која се занимава со одгледување и продавање на расни кучиња. Дури имав најдено и  имиња типични за кученца, а кои имаат убаво значење.  Сакав да ја изненадам и да заминам сама со братучет ми за Куманово, но сепак ѝ кажав претходно, со цел да ја израдувам и да ѝ ги насочам мислите кон кученцето. Дојде и таа. Имаше 2 кученца за продавање, но она што го земавме самото тргна по сестра ми. Имаше многу мила фаца. Првиот момент кога го донесовме дома, татко ми не беше пријатно изненаден, а мајка ми помалку и се плашеше, не во буквална смисла, но имаше некое чувство на страв бидејќи како мала имала непријатен настан со некое куче. Јас, исто така, не бев целосно опуштена, да го погалам, допрам, ни ги грицкаше прстите, папучите, и тоа мене ми беше “шубе” но гледав да го сокријам колку што можам таквото чувство пред другите, иако беше повеќе од очигледно. Ја викавме Уна – една, единствена, посебна. Првите 2 дена кученцето беше во ред, весело, пргаво, јадеше. Третиот ден, додека јас сè уште спиев, според она што ми кажаа мајка ми и сестра ми, одбивало да јаде и не реагирало многу. Сестра ми во паника го однела на ветеринарот близу нас. Кога се разбудив таа веќе беше таму, а се врати сама додека јас сè уште го пиев утринското кафе. Цела во солзи кажа дека Уна е на инфузии, дека има парво вироза и дека тешко дека ќе преживее. Наредните два дена ја носевме на третмани со вбризгување серуми со надеж дека ќе преживее. Во тие два три дена кучето наликуваше на робот, едвај се движеше. Му ја пруживме сета нега, но беше жално да се гледа како се мачи и умира. Плачеше, знаеше дека ќе нè напушти. Ноќта кога умре очите му беа отворени, жалеше. Сите плачевме дома. Не ми се веруваше дека ние ќе плачеме за толку мало суштество, животинче кое толку многу го засакавме за само неколку дена, детално ни раскажува Анета, бидејќи за неа и нејзиното семејство ова навистина бил несекојдневен настан.

Уна / Приватна архива

Ја побарале телефонски жената од каде што ја земале Уна, а таа била збунете, бидејќи, според нејзиното кажување, кученцето, две недели претходно било вакцинрано против парво вирусот. Сестрата на Анета многу плачела, всушност била скршена од болка, а жената која им го ддала кутрето, како да го забележала тоа и по два дена ги контактирала за да им каже дека има кученце за нив. Кутрето било ветено на некоја жена, но таа не сакала да го земе толку мало, туку кога ќе подпорасне.

Уна / Приватна архива

– Велат дека за да го прежалиш првото куче, веднаш земи друго, инаку тагата лошо влијае. Така и направивме. Овој пат отидовме јас, сестра ми и татко ми. Штом влеговме внатре, здогледавме едно мило, белко, дебелко кученце кое едвај чекаше да нè види. Шеткаше низ продавницата и штом нè здогледа, веднаш се упати кон татко ми и сестра ми. Како едвај да чекаше да си ја земеме со нас. Бевме заљубени во Уна како име, па и второто кутре решивме така да го викаме. Уна пристигна дома. Имаше само 3 месеци. Сè и беше ново, нова средина, нови луѓе. Трчаше по цел стан за да го почувствува секое место во просторот. Скокаше и си играше со едно гумено топче. Сакаше да ѝ го фрлаш, а таа да трча по него. Навиките за физиолошки потреби, многу брзо ги совлада. Сама бараше да оди надвор штом еднаш веќе ја изнесовме. Многу е дружољубива и мила. Сака да се гали и сака луѓе. Многу сака дечиња,  па штом ја изнесеме надвор веднаш трча да ги бакне и да си игра со нив. Исто се однесува и кога некој ќе дојде на гости кај нас. Сака да јаде од нашата храна и често кога јадеме доаѓа до нас. Најсреќна е кога сме сите заедно, дома. Спие заедно со мене и сестра ми, и секое утро, уште пред да се разбудиме, таа е веќе будна. Додека не нè стане од кревет е многу пргава. Штом станеме, тогаш таа легнува да спие и никој не дава да ја вознемирува. Многу интересно и паметно кученце. Уна е весело куче но истовремено и многу емотивно. Не знам, веројатно се соживува со членовите од семејството, па реагира идентично. Ако нешто не е во ред, знае да лае за да алармира. Поинаку лае во такви ситуации. Ако е некој болен, веднаш легнува до него. Многу е приврзана за нас. Ако некој не е дома, таа е тажна и легнува на неговото место. Јас и сестра ми не излегуваме без неа, секаде ја земаме со нас освен онаму каде што не може. За жал кај нас многу ретко, да не речам воопшто, нема pets friendly локали, па во тој случај задолжително некоја од нас двете останува дома со неа. Мајка ми е постојано цел ден со неа. Неа и татко ми најмногу ги сака. Со мајка ми позаштитнички се однесува бидејќи кога не сме дома, таа се грижи за неа и ѝ дава храна. Ја доживува како мајка. Со мене и со татко ми е подинамична, потемпераментна, па знае да нè грицка и да се задева. Така си игра. Првото излегување наутро и  е со татко ми. Тој почесто е отсутен во текот на денот, па едвај чека да дојде. Кога ќе го здогледа врти со опавчето, се радува, а ако е лута што долго го нема, штом го види почнува да лае во знак на револт. Штом се вратиме од работа веднаш доаѓа да нè пречека и да се гали или лае, во зависност колку долго нè нема дома. Но, бидејќи премногу е галена и мазена, многу брзо се љути, страшна љутка е. Тогаш се тргнува на страна, лежи испружена и со очињата лево десно само ќе погледне накосо. На 9 Мај ѝ е роденден. Таа и сестра ми го слават заедно, бидејќи на сестра ми и е на 8 Мај. За првиот роденден ѝ купивме торта со нејзина слика,  а таа подарокот на сестра ми, лично ѝ го даде. Сега веќе една цела година  е со  нас, а ние не можеме да си го замислиме животот без неа. Таа ни е нашиот најдобар и најверен пријател.

Уна / Приватна архива

Слични објави

(Видео) Вељко го исполни ветувањето: Расплакана Цеца му шепна емотивни реченици на синот по мечот

Еспресо

Канје Вест се впушта во порно бизнис, отвора студио: Советничка му е ексљубовницата на Трамп,Сторми Даниелс

еспресо

Почина познатиот менаџер Велибор Џаровски-Џаро

еспресо

Раста се огласи од болница, мора итно на операција: „На безобразните им посакувам исто да ги снајде“

еспресо

Се огласи сопругата на Никола Роквиќ: „И ние тргнуваме на пат за Грција…“

еспресо

Астропрогноза за четврток, 25 април: Скорпиите да не преземаат ризик, за Девиците неочекувани обврски

еспресо
Се вчитува....