17.8 C
Скопје
14:01 - 20 април, 2024

ФОТО+ВИДЕО | Од подиумот на Макфест до професорска кариера во Австралија – Маријана Димовска порачува: Следете го својот сон и не отстапувајте од тој пат колку и да е макотрпен

Кога им ги „запеав“ хитовите на Маријана Димовска на мои блиски, ми рекоа: „Е да, сум ја заборавил/а таа песна, ама сега се сетив. Што прави таа девојка, каде е, зошто не пее веќе?“ Јас на неа и на нејзиниот глас никогаш не заборавив и затоа ја побарав да поразговараме буквално за сè.

За себе таа вели дека е едноставна скопска девојка, родена во 1978 година. Како мала растела по малку во Тафталиџе, Дебар Маало, па Аеродром, па Козле, а веќе 11 години живее од другата страна на планетата во Сиднеј, Австралија.

Детството во Скопје и трауматичната 2001-ва

– Менувајќи населби во Скопје, променив и неколку основни училишта, завршив гимназија во Јосип Броз-Тито како првенец на генерација и Филолошки факултет на катедрата по италијански јазик. По професија професор и преведувач по италијански јазик пред доаѓањето во Австралија, а овде и професор и преведувач по англиски јазик, но и тренер за неколку други сертификати кои успеав да ги завршам во првите 5 години овде во Австралија, раскажува Маријана.

Фото: Приватна архива

Еве како таа го опишува своето детство, со сите свои убави и помалку убави нешта:

-Прекрасно, со премногу игра надвор од дома, ластик, џамија, сакате ли војска, но и и оние арамбашките, црешите и каjсиите на комшиите, на пример …хахахаха. Ние бевме генерации кои се прибираа дома само за вечера, или на по лепче со паштета во трчање и пак надвор. Долги денови на игра и смеа надвор од дома, па залутување по други маала, искршеници на раце, нозе и по некој конец. Детство што би им го посакала и на денешните генерации, детство кое од нас направи индивидуи кои знаат што е другарство. За жал младите генерации живеат во некој поинаков свет и се изградуваат во поинакви личности.

Војната во 2001 година Маријана ја одвојува како една од најголемите трауми која може да му се случи на било кој млад човек, па така и на неа, и додава:

– Јас настапував за време на истата, а се случуваше хеликоптери да надлетуваат над Тетово. Мора да бевме многу храбри или луди кога се решававме да патуваме од Скопје за Тетово, а се случуваше после 2-3 дена да чуеме за киднапирање на истиот тој пат или нешто слично. Бевме млади и некако тоа беше наш отпор против целото тоа лудило од таа 2001-ва. За време на истата таа 2001 и мојот брат имаше несреќа да заврши 48 часа на работ помеѓу животот и смртта како резултат на една навидум мала улична пресметка.

Маријана вели дека пред време созреала поради разводот на нејзините родители и прераната смрт на татко ѝ. Овие искуства, како што вели, од неа создале зрела личност, со цврст карактер, борбеност и независност, кој ја следи и до ден денес и ѝ помага во најтешките животни предизвици.

Музичките почетоци и хитовите од Макфест

За нејзината љубов кон музиката, таа раскажува:

– Со музиката сме од мали нозе, таа е мојата прва пасија, почнувајќи  од хорот во основно, па хорот во средно училиште, па сè до првите живи свирки на околу 17 години и моите први студиски почетоци тогаш. Како резултат на тоа дојдоа Макфест 1999, Макфест 2000 и Макфест 2003. Многу настапи во живо, полни дискотеки и турнеи ширум Македонија.

Фото: Приватна архива

Маријана вели дека перцепцијата за „популарност“ во Австралија е сосема поинаква од нашата македонска. Имено, таму за успех се смета и пеењето на свадби, а самата таа никогаш не се стремела кон голема слава на полето на музиката, бидејќи, како што раскажува, постојано некаде во главата и стоела мислата дека уметниците, особено во Македонија не се почитувани и вреднувани, без разлика на нивниот квалитет, и додава:

– Овој мој став се гледа и при уписот во јазичната гимназија Јосип Броз –Тито, иако срцето ме влечеше кон средното музичко училиште Илија Николовски –Луј. Имајќи предвид дека малата Маријана созреа  набрзина таа одлучи да се посвети на своја едукација и на борба напред за себе и за своите најблиски, а музиката и состојбата во тие води, која е и до ден денес таква во Македонија,  не нудеше никаква гаранција за стабилност во иднина. И некако, на крајот, работите така и се испоставија. Моите колеги од Македонија, кои ги сакам и почитувам, се во секојдневна борба за подобар статус на уметниците во нашата земја. Истите тие, во изминативе 10 години уживаат огромна поддршка од моја страна при нивните настапи во Австралија. На некој начин, се обидувам со тоа да им се оддолжам и помогнам во овие тешки времиња за сите нас. Музиката е моја најголема љубов и пасија и затоа и до ден денес, настапувам од време на време и тоа го правам со огромно задоволство. Последниот настап беше во саботата (22. 05) на ревијален интернационален фестивал.

Заминувањето во Австралија и остварувањето на соништата

Фото: Приватна архива

Што се однесува до заминувањето од татковината, за Маријана била пресудна „лутината“ кон системот на изместени вредности, исполитизираност во сите полиња, социјален систем кој никако да се воспостави и профункционира, едноставно сакала својот живот да го продолжи  во земја во која владеат реални вредности, како во секојдневниот живот, така и на професионален план… да се бори за подобра иднина на себе и на своето семејство.

– Животот во Австралија е многу побрз и во секоја смисла многу поразличен од животот во Макеоднија. Живеам на некои 200 метри од плажата Брајтон Л Сендс, што како дете ми беше животна желба, имено да живеам близу вода. Работни обврски од понеделник до петок, но од друга страна добиваме можност да живееме  во едно високо – развиено  општество и држава која успеа, на пример да се справи со короната на второ или трето место светот. Земја која покажа како  треба да функционира еден  систем на ниво, кое за нас, на балканските простори и понатаму е мисловна именка.

Маријана, сепак, признава дека ѝ недостига семејството и пријателите од младоста, особено последните 3 години, колку што нема дојдено во Македонија, а со носталгија се сеќава и на хамбургерот од 7мица и ќебапчињата од Дестан, и продолжува:

– Кој и да заминал од својата родна земја размислува барем после заминување во пензија да се врати назад, да шета на некој од нашите зелени пазари, да ужива во погледот кон Охридското Езеро, но  никогаш не вели никогаш. Можеби некоја добра работа понуда  исто така би предизвик да се работи онаму каде што се нашите почетоци.

Фото: Приватна архива

Маријана Димовска, овој разговор го завршува со порака до сите нас:

– Следете го својот сон и не отстапувајте од тој пат, па макар тој да биде и макотрпен. Ако нешто навистина го сакате со целото свое битие, универзумот ќе се потруди да ви помогне во остварување на истиот. Се разбира, притоа ќе има многу напорни денови и ноќи и многумина кои ќе се обидат да ве одвратат. Ама не сте свесни колку е големо задоволството кога ќе се израдувате на успех кој е резултат само и единствено на вашиот труд и посветеност!

Слични објави

(Фото) Поради неа ја оставил мисицата: Починатата водителка Бојана има сестра близначка како јајце слична на неа

еспресо

Неделен хороскоп, од 22 до 28 април: Среќно небо за Овните, добра вест за Лавовите, љубовни искри за Водолиите…

еспресо

Колегите на водителката Бојана Јанковиќ во шок: Пред смртта била најсреќна личност во светот

еспресо

Водителката Бојана Јанковиќ пронајдена мртва во стан, се чека на обдукција на телото

еспресо

Астропрогноза за сабота, 20 април: Вагите да посветат внимание на партнерот, Водолиите да се отворат за нови познанства

еспресо

Личниот живот им „пука“: Три хороскопски знаци наскоро ќе ја изгубат љубовта

еспресо
Се вчитува....