(ФОТО) РАЗГОВОР СО МЕЛИНА МИЛЕСКИ – СИЛУЕТЕ: Не можам со 100 кила и брчки да нудам третмани за слабеење и убавина

Светото тројство, од здрава храна, физичка активност и третмани, се гаранција за беспрекорен изглед

Нејзиното име е асоцијација на салонот чиј сопственик е. Едното без другото не одат никогаш. Мелина Милески е Силуете и Силуете е Мелина. Така беше и за мене пред да одлучам да пишувам за неа. Тогаш дознав дека таа е и мајка. Не на едно, две или три, туку на 5 деца. И можеби тоа е нејзината единствена „неумереност“ во животот – имањето многу деца. Бидејќи низ целиот разговор постојано ја потенцираше неопходноста за сè да бидеме умерени, во секој период од животот, да научиме да балансираме и добро да се организираме.

Фото: Приватна архива

Мојата умешност да направам добра организација со времето, ми помогна да изгледам пет деца, истовремено и да одржувам салон за убавина веќе 31 година. Доброто менаџирање со нештата, вклучително и времето, ме донесоа на местото каде што сум, раскажува Мелина и продолжува:

Како мала сонував да работам нешто поврзано со туризам, сакав патувања, атласи и глобуси, па се запишав на факултетот за туризам во Охрид. Но, не мислам дека било кој, на 18 години може да ги знае сопствените квалитети за да го студира она кое му „лежи“ најмногу. Но, јас ја имав среќата, па во Охрид останав само неколку месеци и веднаш се префрлив на економија на Шефилд во Солун, каде и магистрирав Маркетинг во спа центри. Тогаш го отворив и Силуете, и паралелно студирав и менаџирав салон.

Фото: Приватна архива

И нема сомнеж дека Мелина салонот го менаџира на најдобар можен начин. Сака секогаш нашиот град да ги има најдобрите и најновите машини и методи кои даваат најдобри резултати. И што е најважно, пред да ги понуди на клиентите, ги испробува на себе за да се осигура дека се ефикасни. Но што е со менаџирањето во домот?

Да бидам искрена, не сум некој авторитет на децата, повеќе е нивниот татко. Јас сум помека и се обидувам преку разговор да им објаснам што е добро а што лошо. Ги воспитувам во христијански дух, да бидат добри и чесни луѓе, кон себе и кон окружувањето. Сите петорица се различни, и физички и карактерно (Дино 18, Лука и Лина близнаците 12, Лана – 10 и најмалиот Леонидас – 6 години), а во девојчињата ги гледам наследниците на Силуете. И двете се креативни и имаат лидерски вештини. За 2 – 3 години од сега сакам да ги внесам во работата, полека да почнат да учат и да ја пронајдат својата свера на интерес. Лина е особено одговорна, таа на некој начин е и мој асистент. Кога некаде одам сама со децата, таа ги заигрува браќата и сестрата и многу ми помага. Ретко се случува сите заедно да бидеме на трпеза за ручек, поради различниот тајминг на обврските, секое дете оди на тренинг во различно време, но затоа ги имаме викендите, кога се собираме сите заедно.

Но, Мелина нема само пет деца, туку и секое дете има по едно куче. И како успева да не полуди? Веројатно, поради личната умереност и смиреност. Како што ми кажа, сега од пет кучиња, ќе се „симнат“ на три, бидејќи две од децата не се грижат доволно за својот миленик. Ете тоа е одличен пример како без физичка казна да му се укаже на дете дека греши. Иако, признава дека секое од децата го скубнала само по еднаш. И тоа ѝ го паметат и спомнуваат и до ден денес. Секако, бидејќи било само еднаш. Споредувајќи го своето детство со ова на денешните генерации, жали што игрите надвор, возењето велосипеди и така натаму, се заменети со игри на телефон. Но, вели дека е невозможно целосно да ги ограничиме од тоа зло, бидејќи и самата таа постојано е со телефон во раце, поради работата, иако тоа не е нешто кое може да им се објасни на мали деца. Како што вели, технологијат има и бенефити, на пример нејзините деца научиле англиски многу убаво.

Од денешна перспектива, мислам дека за жената е подобро да роди на помлади години, зошто тогаш има повеќе енергија и нерви. Иако, не е закон и кај секого е индивидуално. Јас имав тешка бременост со четвртото и петото дете, можеби и затоа што бев постојано активна, не застанував што се вели. После Лана ангажирав и жена за помош, бидејќи не мислам дека бабите и дедовците треба да се главни помошници на мајката. Тие ја немаат потребната енергија за да се справат со нив, особено не, ако треба да се станува ноќе, вели нашата соговорничка.

Иако на почеткот со салонот ѝ било полесно, во смисла на тоа дека немало во Скопје салони за убавина, особено не од типот на Силуете, но тогаш и луѓето повеќе можеле да си дозвоат третмани. Денеска стандардот е намален, а тука е и Ковид како причина за застој на многу бизниси. Колку и да земе скапи машини, таа мора цените да ги прилагоди на македонскиот стандард. И покрај сè, Мелина успеа да балансира и да го одржи бизнисот на ниво. Како што самата вели, тоа не би било можно доколку не ја сака работата и не ја работи од срце. И вели дека е најсреќна кога клиентите се враќаат кај неа психо – физички подобрени, а неа тоа ѝ е најголем доказ дека води успешна приказна.

Дека Силуете е еден победнички тим, зборува и фактот што вработените се тука над 20 години, би останал ли некој во компанијата толку долго ако не му е убаво? Ова не е чиста трговија, салонот за убавина е многу повеќе – среќни и задоволни клиенти кои секогаш се враќаат, вели Мелина.

Поаѓајки и од сама себе, Мелина вели дека подобро е човек да инвестира во себе, отколку во гардероба. Што ќе ни се нови парчиња облека ако не нè собираат, а ако изгледаме и се чувстуваме убаво, и некоја постара комбинација ќе ни прилега. Како вистински професионалец на тема здравје и убавина, ја замолив да ни даде некоја насока кога требаме да започнеме со третмани. Според нејзиното искуство, таа скала би изгледала вака:

– од 20 – 30 години можеме да се одржуваме само со физичка активност (и можеби минамални третмани), во овој период и исклучоците во нездрава исхрана се дозволени зошто имаме побрз метаболизам,

– 30 – 40 балансирана исхрана, физичка активност и одредени третмани за убавина (во исклучителни ситуации и машини)

– 40 + покрај физичката активност и здравата исхрана, вклучување и на третмани со машини

Мелина е вљубеник во моторциклизмот и спортот. Фитнесот го применува отсекогаш, но смета дека тој не е корисен само за нас (за оние кои го практикуваат), туку испраќаме и порака на нашите деца, дека спортот е дел од животот, а со истиот се постигнува и дисциплина. За неа, тој е антистрес терапија, па наместо да користат антидепресиви (или алкохол и дрога), младите теба да се посветат на спортувањето.

Дали можеш да бидеш многу успешен, а да работиш без љубов? Не! Дали можеш да се чувствуваш убаво, а да не изгледаш така? Можеби, а кратки стази. Но обратно – да изгледаш убаво, а да се чувствуваш лошо – не е можно. Тоа ме научи Мелина – Силуете.

 

Слични објави

БИЛИ АЈЛИШ ОТКРИВА: Луѓето се плашат од големи гради, изгубив многу следбеници поради нив

Еспресо

СЛАВЧО ПОПОСКИ ПРОГНОЗИРА: Драстични промени, доаѓа вистинско лето!

Ј.К.Д

ПРИРОДЕН РЕЦЕПТ: Мед и лук за подобар имунитет

Еспресо

ИСТРАЖУВАЊЕ: Луѓето кои јадат повеќе млечни масти имаат помал ризик од срцеви заболувања

И. Т.

ДНЕВЕН ХОРОСКОП ЗА 24 СЕПТЕМВРИ: Некои разговори можат да придвижат нови интереси

И. Т.

Кој е индискиот гуру Моханџи чии следбеници се Новак Ѓоковиќ и неговата сопруга Јелена

И. Т.
Се вчитува....