9.8 C
Скопје
16 октомври, 2021

(КОЛУМНА)НОВА ЕПИЗОДА ВО СЕРИЈАЛОТ НА МОИТЕ ЉУБОВНИ ЈАДОВИ: Која е етиката на однесување на прв состанок?

Излегов на состанок пред некое време за кој верувам дека беше трауматско искуство за мене. Од старт одењето на рандеву со странец е непријатна ситуација. Кој и да ви каже дека не вложува труд или е „лабав“ или не се „замара“ пред прва средба, дебело лаже.

Мораш да одделиш значајно парче од денот за да се спремиш за тој настан. Во мојот случај, од внимателно селектирање на „аутфит“, до уредување на фризура – што и да значи тоа- до шминка, која, патем, искрено, сè уште се немам научено да ја користам правилно, до вековното психолошко припремање дека всушност одиш на некое интервју…

Ама ете, договорени сме ние двајцата да се сретнеме во биртија и да пиеме ракија. стасав неколку минути подоцна, обидувајќи се да најдам совршен баланс меѓу доцнење и совршена точност. видов дека тој веќе нарачал вино.

Вино?! Со фаца која рефлектира згрозеност  протестирав на промената на договорот.

Како што си течеше вечерта, ние си „разговаравме“, а со ова мислам: тој се занесуваше со сите две книги што ги има прочитано, а јас го преполовив виното, обидувајќи се да не бидам претенциозен сноб. Една од двете книги се однесуваше на историјата на фудбалот за која беше запрепастен дека јас знам по нешто.

„Не е нормално за женско да знае“, забележа.

И на мојата природна реакција „Зошто си шовинист?“, типот малку се „оправи“:

„Па, добро, не е типично“, рече,  задоволен од себе дека го заобиколил МОЈОТ феминизам.

Знаев дека е ДЕБАКЛ од состанок.  На првата поширока мртва тишина, а јас сè попијана, си ја прифатив судбината дека сум излегла со pater chauvinist-icusи дека имам две опции: првата – да станам и да си отидам и никому ништо, другата – да си го допијам винцето и да бидам невидливо зајадлива.

Се разбира, се одлучив за втората. 

Го прашувам:

„Добро, кажи ми нешто за себе?“,

„Престанав да гледам порничи“, ми одговори.

„Зошто?“

 „За да сменам како гледам на жените“.

Перцепцијата ми се подели, снагата ми затрепери, бев готова да  рипнам преку маса, како бесна лавица, и да му ја скинам главата на тоа, тоа…

Ама, за среќа, ме фати само смеја:

„Не мислиш дека штетата е веќе направена?“, го прашав.

Ем лута, ем горда на себе што останав цивилизирана и поминав добри 40 минути објаснувајќи му зошто вибраторот е подобар и поефикасен љубовник од, на пример, еден маж, особено на некој примерок како него.

И така ја затворивме вечерта.

Се разбира, и сосема очекувано, тој – како вистински џентлмен од мајка роден- ме испрати до половина пат бидејќи солзавецот ми беше подобро друштво од него. Се разделивме уште поапсурдно од што се сретнавме. Со бакнеж од негова страна во моето теме, во стилот на „у раздељак те љубим“. 

Дома си отворив шише вино. Низ чашата ми пловеа мислите – Дали ТОЈ, всушност, примерокот, само со многу лош вкус, флертуваше со феминизмот? Дали се сите слични или не дај боже исти и дали се вакви мажите достапни (за мене) во моето општество?!

Дали ова е најлошото нешто што може да се случи?

За катастрофата да биде уште поголема се потсетив дека ова е првиот состанок на кој излегов по цели пет години!

Се струполив во кревет.  Пред да заспијам, одлучив – НЕ Е МУАБЕТОТ КАКО ПОЧНУВАШ, ТУКУ КАКО ЗАВРШУВАШ!

Слични објави

ТОП СОВЕТ ЗА СЛАБЕЕЊЕ: Зошто е важно за топење на мастите да сме малку гладни?

Еспресо

ДАЛИ СТЕ ВИЕ МЕЃУ НИВ?: Ова се најљубоморните и најпосесивните хороскопски знаци

Еспресо

(РЕЦЕПТ) ГОТВИМЕ СО ТЕА: Како да направите совршени ражничи овој викенд

jasmina.kantardzieva

(ФОТО) ЦВЕТЕН РАЈ НА 1.100 МЕТРИ НАДМОРСКА ВИСИНА: Искусна фризерка, „исфризирани“ цвеќиња!

Ј.К.Д

(ВИДЕО) 14 ГОДИНИ ТАГА ПО ТОШЕ: А кој може тебе да те заборави?

М.Т

СЛАВЧО ПОПОСКИ ПРЕЦИЗИРА: До колку степени ќе се згрееме и кога?

Ј.К.Д
Се вчитува....