18.8 C
Скопје
13:57 - 26 април, 2024

Марио Манов – Душо: Понижуван во Виница, најдобар во Равенсбург

Марио Манов – Душо својот пат го започнува од сведочењото за булингот во Виница, за денес, во Равенсбург, Германија, да биде најдобар на секое поле.

Фото: Приватна архива

Висок е 190 см, има само 21 година, 60.000 следбеници на Инстаграм и еден тон товар што го носи од најрана возраст. Но, поради сето тоа, Марио Манов денес е тоа што е. За неговите следбеници тој е Душо. За родителите е најдобриот син на светот, за професорите – еден од најдобрите студенти, за работодавците – еден од најдобрите вработени, а за неговиот менаџерски тим – тој е најдобриот „газда“. Единствено, за врсниците и соучениците, не секогаш бил меѓу добрите. За булингот што го преживувал во најчувствителната возраст, денес знаат неговите родители, но тогаш Марио молчел. Тоа молчење имало своја цена, која можеби ја отплаќа и до ден-денес со анксиозност и панични напади. Поради ова, тој порачува дека ниту едно дете не треба да се срами поради тоа што е, ниту да сокрива од блиските доколку сведочи за булинг.

Од булинг во Виница до сите десетки во Равенсбург

– Преселбата во Германија за мене беше едно огромно олеснување. Веднаш штом стапнав на тоа тло, се почувствував слободен. Во Виница бев и физички и психички заробен, дури и ден-денес одбегнувам да одам таму. Одлуката на моите родители да се иселиме од Македонија е најдобрата можна одлука, искрен е Марио.

Фото: Приватна архива

Покрај врсничкиот булинг, Марио раскажува и за замижувањето пред него од страна на наставниците. Истите тие, кои децата ги оставаат на дополнителна настава за поголема оценка, а во таа група често се наоѓал и тој. Денес, во Германија е оценет со сите петки во средно и сите десетки на факултет. Желбата да им се докаже на „понижувачите“ е неговата водилка за сиот денешен успех. Иако, како што самиот вели, тоа е погрешен пат. Секогаш треба да дејствуваме поради личното задоволство и среќа, не поради докажување пред некого.

Фото: Приватна архива

– Сепак, имам среќа да го работам тоа што го сакам, и на Инстаграм и на официјалното работно место. Инспирација за „Македонските мајки“ црпам од настани на кои лично сум сведочел или ми ги прераскажал некој близок. Периодов го намалив објавувањето нови видеа, бидејќи почувствував дека ми станаа рутина, дека ги снимам механички, а не сакам да се случи да бидам тоа што не сум. Наскоро ќе биде објавена последната епизода од овој серијал на „Македонски мајки“, а веќе подготвувам еден друг, се надевам, уште поинтересен контент, вели Манов.

Медицинско лице и инфлуенсер

Како инфлуенсер, природно се наметна и темата за инфлуенсерите. Марио не го бендисува овој збор, затоа што смета дека инфлуенсер е човек што има позитивно влијание врз некого, па макар тоа да е и врз еден човек. Во спротивно, доколку т.н. инфлуенсер има само бројка, а притоа неговото влијание не е никакво или е негативно, тогаш, ниту ја заслужува титулата ниту следбениците. Во трката по пари и бројки, смета Марио, многумина се губат себеси, ја губат првичната автентичност и стануваат исти како и некои други 100 „профили“. Во таа насока вели:

– Не ми јасно, како луѓето можат да следат голем број профили, кои целосно наликуваат еден на друг, како под калап направени. Многу е важно секој инфлуенсер да биде свој, а не како првиот, вториот… десеттиот со сличен контент. Исто така, сакам да нагласам дека, и на Инстаграм и на Јутјуб, не поддржувам личности што шират омраза, кои омаловажуваат друг за да се издигнат себеси. Конструктивна критика е едно, а навреда нешто сосема друго. Мора да сфатат дека она што тие го гледаат како бројка се, всушност, живи човечки суштества, најчесто млади што се наоѓаат во најчувствителната возраст кога го формираат својот карактер. Низ сличен процес поминуваше и мојот помал брат. Морав да му укажам и објаснам дека работите што ги гледа, не секогаш треба да ги прифаќа како добри, независно што се пласираат во јавноста и по социјалните мрежи. Кога тие деца ќе прифатат некого како идол, не рационализираат што тој зборува или каква порака испраќа. Едноставно прават, зборуваат, сакаат, се залагаат… за сè што нивниот идол „им порачува“. Во тој контекст, ние имаме должност да внимаваме што промовираме. Комичарката која ми беше омилена, ми се „одмили“ и не ја следам повеќе бидејќи почна да употребува навреди и да испраќа погрешни пораки.

Фото: Приватна архива

Марио Манов е искрен за тоа дека многу ретко она што следбениците го гледаат како фотографија или видео е реална слика за тоа како инфлуенсерот изгледа или се чувствува. Затоа, во периодот што следува планира да покаже дел и од својот приватен живот, повторно во насока на пренесување позитивна порака. Дел од плановите, а ги има многу повеќе од неговите години, Марио ќе лансира колекција гардероба, која, како што вели, ќе биде достапна за секого, и во контекст на цена и во контекст на возраст и пол.

– Доколку дојде денот да морам да одберам една работа на која ќе бидам целосно посветен, тоа дефинитивно ќе биде факултетот што го учам и работата која во моментов ја работам – психијатар и психотерапевт за зависници од алкохол и дрога. Тоа е она во кое се пронаоѓам целосно, завршува Марио.

До исполнување на зацртаните цели, ние му посакуваме на ова младо и амбициозно момче, да ја задржи љубовта и волјата со кои дише.

Мими Стојановска

Слични објави

Хана Хуљиќ проговори за љубовта со Петар Грашо и нивната ќерка Алба: Уживам во секој момент

Еспресо

Не е добра ситуацијата: Плановите за погреб на кралот Чарлс Трети постојано се ажурираат

еспресо

(Фото) Раста има посебен гостин во болница: Не сака да се експонира

еспресо

Пејачка почина среде концерт, се сопнала од фустанот: Фатален удар на главата

еспресо

(Фото) Харис Џиновиќ се подмлади: Пејачот го промени имиџот и не носи веќе шешир

еспресо

Астропрогноза за петок, 26 април: Важни вести за Близнаците, добри можности за Биковите

еспресо
Се вчитува....