19.8 C
Скопје
18:56 - 9 мај, 2026

Зафир Хаџиманов: Светот на уметноста е пеколно суров и бара жртвување!

„Како Вардар ќе дотечам“, „Земи момче Македонче “, „Љуби ме и главата горе“, се само дел од песните на познатиот македонски пејач, композитор, поет, афирматор на македонската уметност, Зафир Хаџиманов, кој живее во Белград. Поводот за разговорот со него е реобјавувањето на неговиот албум од 1986 година „Зафир пее – Македонија пее“, во кој тој отпеа песни од познати македоснки поети.

Деновиве е реобјавен вашиот култен албум „Зафир пее – Македонија пее“, оригинално објавен во 1986 година. Кој беше иницијатор?

– Главен иницијатор е Фондацијата „Македонија презент“ на издавачката куќа „Феникс“, која деновиве ме почести со прекрасната меѓународна награда Гоцева мисла. Штом го забележаа ова, вредните уредници на „Кроација концерт“– екс „Југотон“ (Читај:Наталија Цајиќ) ми предложија да направиме реиздание на албумот „Македонија пее“ со уште две нови бонус песни и да го наречеме „Зафир пјева – Македонија пјева“.

На албумот се песни од познати македонски поети. За кои песни и поети станува збор, да потсетиме и кој ја правеше селекцијата, со кого соработувавте?

– Јас од мојот прв фестивалски настап на „Вечерта на шансони“ во Загреб во 1965 година се вљубив во пеаната поезија и до денес не се одљубив. Со оглед дека и самиот пишувам и поезија и музика, во еден момент беше нормално композиторски и интерпретаторски да се посветам на поезијата на нашите врвни поети, а Македонија отсекогаш имала посебен талент за таа фузија на добриот стих и прекрасната мелодија и ритам. Значи и идејата и изборот и реализацијата се мои. Решив на албумот секако да имам и изворен народен поет („Са ноќ седам трено“, „Зајди зајди“). Па потоа почнав со најстариот, а тоа е Константин Миладинов, па Коста Рацин, Блаже Конески, Ацо Шопов, Славко Јаневски, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Петре М. Андреевски, Радован Павловски и се разбира, на крајот еден мој авторски потпис со песните „Има ли“ и „Од љубов не се бега“. Голема, огромна помош ми подари мојот драг пријател Славе Димитров со своите аранжмани и Милка Герасимова со својата перфектна тонска снимка, а Благоја Чешљаров – Чешљар диригираше со студискиот ревиски оркестар. На крајот „изронивме“ вистински бисер – албум!

Какви чувства буди, каква порака праќа?

– Седнете дома со едно убаво кафе и барем двапати отслушајте ги песните. И чувствата ќе ви се разбудат и пораките ќе ви светнат.

Која гранка од уметноста најмногу ве исполнува, бидејќи сте сестран уметник?

– Се разбира, секоја категорија која ми е моментално активна, ме возбудува, а на крајот и исполнува со среќа и задоволство. Но мојот систем на работа е никогаш да не носам две лубеници под една мишка. Кога пеам и глумам – пеам и глумам, ништо друго не ме интересира. Кога пишувам, пишувам, кога компонирам, компонирам и точка. Секој плод од мојата дарба бара тотална посветеност.

Среќен ли сте што и вашата внука Марта ја сака музика и го чекори тој музички пат?

– Пресреќен. Но и многу загрижен. Знам точно која Одисеја ја чека. Дај боже, да е барем малку борец, на мене. Светот на уметноста е пеколно суров и бара жртвување!!!

Кога ќе се спомене Скопје што најмногу ви недостасува, кои спомени ве врзуваат?

– Сè! И мајка ми и татко ми и роднините и другарите и младоста и лудоста и љубовите Сè,Сè,Сè!

Многу емоции во вашите песни, посветени ли се некому конкретно, кои може да се каже дека се автобиографски?

Секоја вистинска уметност буди јаки емоции и силно е обоена со автобиографски радосни, среќни и светли, но и со тажни, црни и печални моменти.

Слични објави

„Љубовта е над човекот – не е само да се вљубиш, туку да станеш љубов“: Каде е денес турската актерка што ја толкуваше Аси, ликот што обележа една телевизиска ера?

Т.Ц.

Интимен момент на Антонио Бандерас и Мелани Грифит: Овој детаљ открива каков е нивниот однос по разводот

Т.Ц.

  Жељко Митровиќ ѝ го честиташе роденденот на првата сопруга – „Многу те сака твјот Жекс“

E.A.

Се воведува строго правило за Евровизија 2026 : Забранети се знамиња без сертификат

Т.Ц.

„Евровизија е за една недела, а јас сум без глас“: Членка на хрватската група „Лелек“ се бори со инфекција

Т.Ц.

Гордоста на Лидија Вукиќевиќ – Синовите Андреј и Давид се нејзиниот најголем успех

E.A.
Се вчитува....