0.8 C
Скопје
22:50 - 9 ноември, 2024

Валентина Дисоска за жените во претприемништвото: „До сега формиравме десетина Совети во општините, очекуваме нови во блиска иднина“

Претседателката на Националната платформа за женско претприемништво Валентина Дисоска заедно со својот тим активно дејствуваат во креирање предлог јавни политики, поточно во креирање цело движење за развој на женското претприемништво. Вели дека ја радуваат секојдневните мали извојувани битки, секој чекор направен кон постигнување на целта – од споделување информации до лобирање да се одработи мала промена во општеството, со осврт на потребата за економско јакнење на жената преку креирање на поволна средина за јакнење на женското претприемништво. Што смета за најголема победа досега?

„Тоа што успеавме во нашава држава темата за женско претприемништво да стане препознатлива и да ги убедиме сите чинители дека вреди да се работи на оваа тема, од Националната стратегија што беше донесена во 2019 година, па потоа пренесување локално ниво, сè до оформените совети што досега ги имаме десетина во различни општини и новонајавените што очекуваме да се формираат во блиска иднина, сето тоа за мене е победа“, вели Дисоска и додава: „Создавањето движење каде што активно работат за да се направи промена и подобрување на условите за развој на женското претприемништво, многу институции, невладини, приватен сектор, и промените што се веќе видливи, тоа за мене претставува најголемата победа досега“.

Што претставуваат хабовите низ Македонија, а што советите во градовите што ги формирате и како дејствуваат? Кои се конкретните резултати што досега би ги издвоиле како значајни и реализирани од советите?

– Хабовите се наши претставници во осумте плански региони, нив ги предводат лица што се избрани да нè претставуваат и да нè претставуваат во планските региони, со што тие ја шират нашата идеологија, нашата цел што сакаме да ја оствариме. Од квалитетот на нашите претставници зависи и нашиот успех во самите плански региони и затоа гордо можам да кажам дека имаме успешен тим, со кој успешно ги спроведуваме зацртаните цели. Со самото формирање совети во општините веќе еден чекор е постигнат, сега се работи на креирање стратегии за развој на женското претприемништво во секој регион посебно, а општините и советите, пак, креираат акциски планови и одвојуваат средства и креираат активности според своите потреби. Така, на пример, имаме општини каде што се издвоија сериозни средства за поддршка на жените во креирањето за бизнисите, во едукација, менторство, бизнис-поврзување, па и доделување парични средства. Активните совети што работат во општините и големиот број заинтересирани жени и девојки да ги користат овие поволности се најзначајните резултати и се надеваме на уште поголеми резултати и креирање позитивни примери на успешни претприемачки.

Преку новоотворените совети ќе се споделуваат информациите и на локално ниво каде што веќе се креираат гласила за женско претприемништво на локално ниво.

Како регионално жените што сакаат да почнат сопствен бизнис може да се информираат за можностите и за бизнис-потребите, а како може да станат дел од активностите на Платформата?

Платформата е составена од организации и институции кои, секоја посебно, работат за подобрување на условите за женско претприемништво. Секоја организација што работи со членство како што е Здружението на бизнис-жени нуди можност за зачленување. Информациите за можностите што постојат, ние ги споделуваме на веб-сајтот на Платформата, како и на социјалните мрежи на Здружението на бизнис-жени и на Платформата. Преку новоотворените совети ќе се споделуваат информациите и на локално ниво каде што веќе се креираат гласила за женско претприемништво на локално ниво. Исто така, заинтересираните жени можат лично да се обратат до членовите на советите како и до локалните координаторки што ги претставуваат хабовите и преку нив да дојдат до информации. Креираме многу можности и се надевам дека заинтересираните ќе ги искористат.

Каква е соработката со градоначалниците? Какво е расположението за вклучување повеќе жени во општините и во локалните градски совети?

– Соработката со градоначалниците засега оди добро, ја препознаваат нашата идеја и се приклучуваат кон движењето, се разбира со различна динамика во согласност со нивните приоритети. Но, јас сум многу задоволна дека досега не наидовме на затворена врата, дека сите со кои досега разговаравме препознаа можност во ова што го работиме и се приклучија на движењето. Воспоставувањето Совети за женско претприемништво навистина претставува голем чекор во вклучувањето на жените во институционалната работа и во процесите на одлучување. Сметаме дека со ова ги градиме и капацитетите на жените понатаму да влезат и во советите на општините и да се залагаат за своите потреби, така што ова претставува процес на градење на капацитети на повеќе нивоа.

Кои се актуелните пречки со кои се соочувате, на што моментно е насочена најмногу вашата енергија?

– Сериозни пречки во ова што сега го работиме немаме, кога гледаме дека нема слух од другата страна само продолжуваме понатаму со надеж дека еден ден другата страна ќе се свести дека навистина има потреба од развој на тема како што е женското претприемништво и ќе се приклучи на движењето, бидејќи знаете дека добрата практика и допрен глас се најдобрата мотивација, па ние целиме дека во блиска иднина ќе имаме Совети за женско претприемништво во сите општини што ќе се развијат како резултат на позитивните пракси од другите општини.

Ретки се професиите каде што може без искуство да се стекне доволно знаење за да се отвори сопствен бизнис, токму затоа препорачувам да се стекне знаење преку работа, а сега веќе се наоѓаме во ситуација каде во секоја бранша се бараат работници.

Каков совет би ѝ дале на една жена доколку Ви пријде со желба да започне сопствен бизнис, но и со искрено признание дека не знае од каде да почне и дека стравува дали ќе биде успешна?  

– Лично сум љубител на креирање знаење преку практика, преку споделено знаење и информирање. Ретки се професиите каде што може без искуство да се стекне доволно знаење за да се отвори сопствен бизнис, токму затоа препорачувам да се стекне знаење преку работа, а сега веќе се наоѓаме во ситуација каде во секоја бранша се бараат работници. Секако тука се и курсевите, VET едукации, менторства. Ние како здружение даваме исто така совети и разработуваме бизнис планови, менторираме. Можности има многу, но најважно е да се почне, секој поминат ден е изгубен ден доколку не сме тргнале кон целта!

 

Слични објави

Почина мајката на Сања Маринковиќ: Водителката ја дознала трагичната вест на снимањето на емисијата

Еспресо

(Видео) Цеца Ражнатовиќ без грам шминка: Пејачката само во бањарка, ужива покрај море

Еспресо

(Фото) Среќа во домот на Даниел Кајмакоски: Пристигна малечката Емилија!

Еспресо

Татјана Пецакова, дипл. медицинска сестра, болница „Санте Плус“: Есента и новороденчињата

Еспресо

Сораја има стан вреден 8 милиони евра: Старлетата живее во 440 метри квадратни, има три паркинг места и приватен парк

Еспресо

(Фото) Јована Јеремиќ откако се врати од Америка доби специјален подарок: Во кутијата имаше и посебна порака

Еспресо
Се вчитува....