17.8 C
Скопје
21:31 - 29 април, 2024

За асистентите и децата со посебни потреби учебната година заврши уште во март

За стотици ученици со посебни образовни потреби оваа учебна година не заврши денеска, како за другите деца, туку уште во март, кога беа затворени училиштата, а со тоа заврши и ангажманот на асистентите што беа ангажирани за помош на дел од овие деца. Иако асистентите требаше да работат до крајот на школската година, поради состојбата со коронавирусот и затварањето на училиштата, тие нагло и непредвидено останаа без работниот ангажман што требаше да им обезбеди работно искуство, конкурентност на пазарот на трудот и полесно вработување на овие позиции кога државата ќе почне да вработува образовни и лични асистенти.

Дел од нив се револтирани, за, како што велат, лошата комуникација со надлежните и прекинот на договорот за услугата.

– Јас сум дипломиран специјален едукатор и рехабилитатор и работев како асистент на дете во училиште во Општина Карпош. Чекавме два месеци за еден одговор од Општината Карпош, секој ден пишувавме, но на крај ни дадоа само одговор ,,договорот ви е прекинат“. Образовниот процес кај нас не се прекина, повеќето од нас работеа со децата. Во самиот договор нема клаузула за прекинување на договорот поради виша сила. Во него стои дека може да се прекине од страна на една странка ако се извести 15 дена однапред. Чекавме одговор два месеци и во време на вондредна состојба ние бевме лишени од скромната сума од 7.000 денари месечно – вели асистентката која сакаше да остане анонимна.

Таа додава дека системот не обезбедил да продолжи образовниот процес и кај децата со посебни образовни потреби преку он-лајн наставата.

– Децата беа тргнати од тој синџир. Буквално кренаа раце сите. Родителите уште толку водеа битка со системот. Испративме барање за средба во Министерството за образование и наука и побаравме образовните и личните асистенти да се вработат од септември 2020 година и да се гледаат како тело во оваа држава, затоа што се многу се битни за образованието за децата со посебни потреби. Но, за жал ништо не ни вратија – вели таа.

Низ училиштата во Македонија во оваа учебна година беа ангажирани 316 асистенти преку програмата за општинско-корисна работа која е дел од Оперативниот план на Владата за вработување, а се спроведува во партнерство со УНДП. Од УНДП велат дека ангажманот на асистентите завршил на 10 март.

– По одлуката на Владата за продолжување со он-лајн наставата до крајот на школската година Проектниот одбор составен од претставници на Министерството за труд, Агенцијата за вработување, МОН и УНДП кои се вклучени во реализацијата на програмата за општинско-корисна работа, во услови кога МОН нема протокол за обезбедување на овие услуги при настава на далечина, донесе одлука за престанок/завршување на услугата „образовна и лична асистенција“ во овој проектен циклус на програмата преку која што и беа работно ангажирани овие лица. На ангажираните невработени лица последен пат им е исплатен надоместок за оној месец и за кој имале реален ангажман. Во случајов беа исплатени заклучно со месец март 2020 година, во полн износ на надоместокот, иако на 10  март настана престанокот на наставата – велат од УНДП.

Оттаму објаснуваат дека за оваа програма УНДП потпишува договор со Општините и со Агенцијата за вработување, а општините понатаму склучуваат договори директно со невработените лица за времен работен ангажман, чија цел е стекнување работно искуство и испорака на социјални услуги на локално ниво. Следниот циклус на програмата се планира за септември.

Од Општина Карпош, пак, велат дека во училиштата во Карпош биле ангажирани 39 образовни и лични асистенти.

– Од нив, 22 беа ангажирани преку УНДП, што значи и исплаќани од нив, а 17 преку Општина Карпош. Нивниот ангажман според договорите за ангажирање подразбира да го следат детето во  текот на образовниот процес, односно да бидат директно поврзани со детето за време на учењето и во таа насока да му бидат поддршка. Со сплетот на околности, односно со настанување на коронакризата, дојде до прекин на наставата, односно на учебната година, официјално на 10 март. Со тоа е прекинат и нивниот ангажман околу децата. Нивните договори се прекинати и за тоа се писмено известени од надлежната служба во Општината. Општина Карпош во целост ги исплати образовните асистенти за нивната асистенција додека траеше. Последната исплата им е за март, односно исплатени се за цел месец март, иако беа ангажирани до 10 март – објаснуваат од Општина Карпош.

Во Скопскиот регион во учебната 2019/20 година учеа 1.236 ученици со посебни образовни потреби, а беа ангажирани само 139 асистенти, од кои 88 образовни и 51 личен асистент. Најмногу  асистенти беа ангажирани во општина Карпош, 44, потоа во Кисела Вода 29, во Ѓорче Петров 13 итн, а во 9 општини од Скопскиот регион – Чаир, Шуто Оризари, Илинден, Чучер Сандево, Петровец, Сопиште, Зелениково, Арачиново и Студеничани – немаа ниту еден образовен асистент, според податоците од извештајот на Народниот правобранител за тоа како и колку се остварува правото на образование на децата со ПОП во училишта во Скопскиот регион.

Децата со аутизам тешко го остваруваат правото на асистент

 

The post За асистентите и децата со посебни потреби учебната година заврши уште во март appeared first on Слободен печат.


За асистентите и децата со посебни потреби учебната година заврши уште во март was first posted on јуни 10, 2020 at 5:01 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....