13.8 C
Скопје
07:03 - 2 мај, 2024

Во Македонија се дарува крв исто како да нема пандемија!

Над 28 илјади дарувања на крв се реализирани во земјава од почетокот на годината до крајот на август. Пандемијата со коронавирусот ја покажа хуманоста на граѓаните, а Македонија, не само што не кубуреше со крвни резерви, туку и постојано обезбедуваше крвни единици за ниеден живот да не биде загрозен. Но, сето ова не е коинциденција, туку е резултат на стратегија и осмислен план на раководството на Институтот за трансфузиона медицина и на Црвениот крст, кои се подготвуваат и за есенскиот период кога е можно влошување на пандемијата и затоа се потребни нови чекори.

Доктор Горан Андонов, раководител на одделението за организација, планирање и реализација на крводарителството, за ,,Слободен печат” открива дека во соработка со Исламската верска заедница во Скопје ќе бидат организирани крводарителски акции во џамиите, а ќе се реализира и стратегијата за мобилизирање на младите крводарители, од средните училишта и од универзитетите.

Д-р Горан Андонов, раководител на одделение за организација планирање и реализација на крводарителство/ Фото: Слободен печат

– Уште од почетокот на пандемијата постоеше ризик да се намали бројот на дарители на крв, поради тоа што се затворија училиштата, факултетите, а и многу компании не работеа, но со осмислени решенија, Институтот и Црвениот крст успеаја да ги задржат крвните резерви на ниво како да нема пандемија. Крв и крвни продукти не недостасуваат во ниту еден од 21 центри ширум земјава, затоа што уште од почетокот се следела епидемиолошката состојба во градовите, па акциите се организирале онаму каде што има помал број новозаразени, за да се заштити медицинскиот персонал и самите дарители. Се организираа акции со јавни личности, политичари, директори на клиники, амбасадори и лекари, кои претставуваа пример за другите граѓани дека да се дарува крв во време на ковид-19 е безбедно, бидејќи вирусот се шири по респираторен пат, а не преку крвта, вели Андонов.

Дури и во времето кога на сила беше мерката на владата за ограничено движење, крводарителските акции течеле непречено. Директорот на Институтот за трансфузиона медицина, доктор Садула Усеини посочува дека резултатите од сите преземени активности годинава, покажуваат стабилна состојба со крвните резерви ширум земјава, исто како во периодот пред пандемијата со коронавирусот.

Д-р Садула Усеини, директор на институт за трансфузиона медицина/ Фото: Слободен печат

– Организиравме крводарителски акции во соработка со Црвениот крст, а помогнаа и градоначалниците на градовите каде што нема инфицирани и тоа во време кога беше активна мерката за полициски час. Значи, самите крводарители имаа краток временски период за движење и издвојуваа од нивното драгоцено време за да учествуваат во акциите. Морам да кажам дека во нашата земја, долго време крводарителството е многу развиено во однос на бројката. Во последните 10 години, колку ќе планираме, толку остваруваме. Стопроцентно е планот остварен. Резултатот на сите акивности што ги презмавме е дека годинава, до крајот на август, има 28.024 има крводарувања. Тоа е одлична бројка и е многу мал процент помалку во однос на минатата година. Горди сме на тоа што се движиме како да не сме во време на пандемија, вели доктор Усеини.

Во наредниот период се прават планови како во време на можен засилен бран да се одржи истото темпо и континуитет во врска со крвните резерви во сите градови.Планот е преку телефонски центар да се повикуваат средношколците да даруваат крв, почнувајќи од средното медицинско училиште. Нема да изостане ниту студентската популација која ќе биде мобилизирана, а ќе се користат и социјалните мрежи за оваа цел.

– Ги следевме сите земји од регионот. Германија објави дека има 30-процентно намалување на крводарувањето. Во сите регионални трансфузиски центри имаше криза и официјално кажуваа дека има недостаток на крвни единици. Кај нас тоа не се случи. Имаме хумана популација. Кога се затворија средните училишта, телефонски ги повикувавме учениците со навршени 18 години да даруваат крв и тоа беше многу успешна приказна. Имавме акции на битолскиот универзитет, каде се собраа околу 300 единици. Сите активности ги направивме континуирано за да има прилив на крвни единици во нашата институција, објаснува Усеини.

Оваа година не е фрлена ниту една капка крв која била донирана на Институтот и регионалните центри. Воспоставена е контрола на рокот на еритроцитниот концнтрат во сите служби па така, тие кога не можат да ја издадат крвната единица, се обврзани да ја испратат за Скопје седум дена пред истекот на рокот, за да таа се издаде кон скопските клиники каде побарувачката е поголема.

Институт за трансфузиологија/Фото: Слободен печат

Доктор Андонов најавува соработка со ИВЗ каде ќе се спроведува крводарителска кампања која ќе трае со години, а ќе почне на 2 октомври. Планот е во скопските џамии, во петок да има екипа од трансфузиологија и доколку некој од верниците по обредите сака да дарува крв, тоа ќе може да го стори преку оваа хумана мисија. Овој принцип веќе функционира во тетовските џамии, каде секој петок во договор со оџата се најавуваат акциите и граѓаните донираат крв.

Овие активности се преземаат зашто раководството сака да ги намали можните ризици. Во оваа институција направени се бројни промени и унапредувања. На пример, воведен е електронски систем за следење на крвта кој регистрира што се случува со крвта од моментот кога потенцијален донор ќе стапне во салата, до моментот кога крвта е издадена кон некој пациент на кого му е итно потребна.

Уште од почетокот на пандемијата Македонија обезбеди протоколи од американската асоцијација и крвна банка, кој беше усвоен од етичката комисија при Медицинскиот факултет. Така, земјава е обврзана, сите податоци од терапискиот ефект на конваленсцената плазма да ги испраќа во Американската асоцијација за крвна банка, за да се изврши детална анализа.

Досега се обезбедени 112 единици конвалесцентна плазма

Искуствата во сите земји, па и во нашата, покажаа дека конвалесцентната плазма има тераписки ефект. Доктор Усеини вели дека имаме навистина хумана популација и дека пациентите што прележале ковид-19 почнале да се јавуваат и да донираат конвалесцентна плазма.

– За да им олесниме на потенцијалните донори, со ИЈЗ и со Клиниката за инфективни болести овозможивме донорот да доаѓа во посебна просторија на Инфективната клиника каде се тестира, се зема брис. Понатаму им се зема комплетна лабораторија, им се прави контрола на трансмисивни заболувања и се прави испитување на концентрација на антитела кај потенцијалниот донор. Доколку тој е погоден за донирање, тогаш доаѓа кај нас, вели доктор Усеини.

Има две процедури за дарување конвалесцентна плазма, едната преку плазмафереза што се прави на клеточен сепаратор и се издвојува само плазмата, а останатите крвни продукти му се враќаат на донорот. И втората е преку стандардно дарување на крв.

– Преку стандардно дарување на крв се обезбедува само една единица за третман на еден пациент. А преку плазмафереза се обезбедуваат и до 3 единици од еден донор. Досега имаме 79 дарители од кои 26 дарувале преку аферезна процедура, и 53 дарители преку стандардно дарување на крв. Вкупно има 112 единици и околу 100 пациенти кои веќе примиле плазма, вели директорот Усеини.

The post Во Македонија се дарува крв исто како да нема пандемија! appeared first on Слободен печат.


Во Македонија се дарува крв исто како да нема пандемија! was first posted on септември 20, 2020 at 10:48 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....