21.8 C
Скопје
20:18 - 19 мај, 2024

Вирусот на „мала врата“ влезе во Белата куќа, на големо ја загрозува безбедноста на САД

Американскиот претседател Доналд Трамп и најтесниот круг негови соработници хаотично реагираат на првите регистрирани случаи на коронавирусот меѓу персоналот и советниците во Белата куќа.

До вчера попладне од Вашингтон пристигнуваа контрадикторни вести дали потпретседателот Мајк Пенс ќе се повлече во самоизолација откако на неговата прес-секретарка Кејти Милер во петокот ѝ бил позитивен тестот за ковид-19. Врз основа на изјави на анонимни функционери од Белата куќа, „Блумберг“ и други портали известија дека потпретседателот Пенс заминува во двонеделна самоизолација и дека за време на викендот ги избегнал вообичаените контакти со соработниците, вклучувајќи и состанок со претседателот Трамп. Но, неговиот личен портпарол Девин Омајли прексиноќа изјави дека Пенс нема да биде во карантин.

– Потпретседателот ќе продолжи да ги следи советите од медицинската единица на Белата куќа и не е во карантин. Освен тоа, потпретседателот Пенс беше негативен на тестирањата секој ден и утре ќе биде во Белата куќа – изјави прексиноќа Омајли.

Коронавирусот е потврден кај три лица од Белата куќа – кај поранешен морнарички офицер што служи храна и пијалаци, кај Кејти Милер, која му е прес-секретарка на потпретседателот Пенс но и сопруга на Стивен Милер, висок советник во администрацијата на Трамп, како и на личниот помошник на Иванка Трамп, ќерката на претседателот.

Додека самоизолацијата на Пенс вчера не беше потврдена, во превентивен карантин сепак заминаа тројца членови на тимот на Трамп за вонредната ситуација – вклучувајќи го и 79-годишниот доктор Ентони Фаучи, кој во изминатите недели стана синоним на борбата против коронавирусот во САД. Неговата матична агенција, Националниот институт за алергиски и инфективни болести, објави дека Фаучи бил изложен на „мал ризик“ со оглед на степенот на изложеност. Тој две недели ќе работи од дома и редовно ќе биде тестиран. Во самоизолација се и директорот на Центрите за контрола и превенција на болести доктор Роберт Редфилд и комесарот на Администрацијата за храна и лекови Стивен Хан, кои се негативни и кои биле „изложени на мал ризик“.

Високиот советник Кевин Хасет во неделата ја нарече Белата куќа „страшно место за да се оди на работа“ поради првите потврдени случаи на заразен персонал. Наспроти тоа, претседателот Трамп сѐ уште се појавува пред камерите без маска на лицето, а и упорно бара од гувернерите на сојузните држави да ги разлабават мерките за превентива за да се обнови економијата, иако  заразата во САД не стивнува.

– Неуспехот да се заштитат претседателот и потпретседателот не ја засилува довербата дека администрацијата прави сѐ што може за да ги заштити сите други. Тоа исто така ги поткопува тврдењата на претседателот дека сега е време за отворање на земјата, бидејќи јасно е дека новите зарази се реалност, дури и во Белата куќа – коментира Си-ен-ен.

Информативната мрежа укажува дека не само политичката туку и директната загрозеност на Белата куќа од пандемијата претставува огромен ризик за САД, особено поради потенцијално катастрофалните последици врз националната безбедност.

– Ризиците од заканата се реални, со директни последици врз нашата национална безбедност. Неконтролираното ширење на заразата во Белата куќа би била катастрофа. Ако бидат спречени претседателот или потпретседателот, извршната влада ќе биде критично ранлива – пишува за Си-ен-ен аналитичарката Саманта Виноград.

 

The post Вирусот на „мала врата“ влезе во Белата куќа, на големо ја загрозува безбедноста на САД appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....