14.8 C
Скопје
18:16 - 14 мај, 2024

Твитер конечно му објави војна на култот што шири омраза и лажни вести

Најмоќните социјални мрежи конечно почнаа акција за чистење на содржините од кјуанон, која за три години од маргинална теорија на заговор прерасна во машина за ширење опасни лажни информации, која е на списокот на ФБИ на потенцијални терористички групи, но и која веќе има опасно влијание врз политичката сцена во САД и e на прагот да влезе во Конгресот.

Платформата Твитер објави дека веќе отстранила илјадници кориснички профили поврзани со кјуанон, за кои е оценето дека „имаат потенцијал да направат штети и во реалниот живот, не само на интернет“. Платформата додава дека трајно ги суспендира сите твитови и препораки на содржини на оваа тема. Рестрикциите ќе опфатат близу 150.000 кориснички профили.

И Фејсбук најави голема операција за чистење на содржините од кјуанон, во рамките на најавената војна против генерирањето и споделувањето лажни вести. Сличен потег се очекува и од Јутјуб, на кој се споделуваат илјадници снимки со кои се шират идеите на кјуанон.

Активистите за човекови права коментираат дека било крајно време гигантите како Твитер и Фејсбук да преземат чекори против следбениците на оваа токсична теорија на заговор, која прерасна во глобален култ, наспроти повеќегодишното ширење омраза, смртни закани и реални загрозувања на животи.

Трамп води „војна со педофили“

Конспиративната теорија првпат била спомната пред три години од корисникот со име Кју на дигиталниот форум „4чан“ преполн со говор на омраза. Иако теоријата сама по себе е бизарна и апсурдна, таа привлече многумина следбеници и доби култен статус, особено во САД. Основата на оваа теорија е дека американскиот претседател Доналд Трамп води „тајна војна против елитна организација педофили што го величаат сотоната и која навлегла во владината администрација, во бизнисот и во медиумите“. Следбениците на кјуанон се убедени дека војната ќе кулминира со „Бурата“ – денот кога ќе бидат уапсени, затворени во Гвантанамо, судени по кратка постапка или егзекутирани истакнати членови на педофилската организација, како на пример Хилари Клинтон, Барак Обама или Џорџ Сорос. По завршната пресметка „светот би бил ослободен и би настапила утопија“.

Симболите на кјуанон се редовен декор на митинзите на Трамп/ EPA-EFE/CJ GUNTHER

– Суштината на оваа теорија е дека светот го управуваат мрежа од педофили што го величаат сатаната, а тоа го кријат од јавноста со контролата на медиумите, на политичарите и на Холивуд. Но, сега им се спротивставил Доналд Трамп, кој за нив знае сѐ, а бил избран за претседател токму за да ги уништи – објаснува Тревис Вју, аналитичар што го проучува феноменот на кјуанон.

Закани, убиства и тероризам

Иако далеку од разумно, стеблото посадено од Кју разви низа гранки, која од која побизарни, но и неочекувано пушти корења што продираат се подлабоко во американското општество во ерата на Доналд Трамп и веќе се поврзуваат со низа смртни закани, убиства и планирани терористички акции. Ентони Комело, на пример, кој лани беше обвинет за убиство на Френк Кали од мафијашкиот клан Гамбино, бил убеден дека неговата жртва е член на „тајната организација педофили“. Комело исто така бил убеден дека има заштита лично од претседателот Трамп за да го уапси Кали, во кого испукал десет куршуми и го убил на место. Во 2018 година, пак, Метју Рајт од Невада бил уапсен и обвинет за тероризам зашто со оклопен камион, во кој носел автоматска пушка и пиштол, го блокирал приодот кон браната Хувер. Рајт на полицајците им објаснувал дека е во мисија на кјуанон, со цел да биде објавен извештајот од истрагата на федералната полиција за Хилари Клинтон и нејзиното користење приватен сервер за електронски пораки. Пред само три месеци, пак, Џесика Прим била уапсена откако директно на социјалните мрежи го пренесувала својот обид да го „отстрани“ демократскиот претседателски кандидат Џо Бајден. Таа со неколку ножеви со себе била уапсена во Њујорк на док на кој бил вкотвен морнаричкиот болнички брод „Комфорт“, кој бил посочен како место за собирање на педофилите што го управуваат светот.

Кју се вее на митинзи

Претседателот Трамп, пак, наместо да се огради од употребата на неговото име во ваквите активности, неколкупати јавно ги поддржал следбениците на кјуанон. Неколкумина истакнати членови биле во посета на Белата куќа. Трамп неколкупати проследил твитови од следбеници на кјуанон, а на неговите предизборни и други настапи сѐ позабележливи се симпатизери со транспаренти или маички со голема буква кју или со други симболи на култот.

Многумина Американци немаат слушнато за кјуанон, но на јавните и на анонимните социјални мрежи овој култ има милиони следбеници. Десетици политичари убедени во вистинитоста на оваа бизарна теорија ќе настапат и на изборите за конгресмени во ноември. Некои, како Мерџори Тејлор Грин од Џорџија, имаат големи шанси и да влезат во Конгресот.

При објавувањето на блокадата на содржини поврзани со кјуанон, Твитер призна дека алгоритмите на платформата честопати автоматски ги препорачувале овие содржини на корисници и така придонесле за уште поголемо ширење на конспиративната теорија. Анонимни извори од Фејсбук, пак, наведуваат дека на нивната социјална мрежа има групи со десетици илјади следбеници на кјуанон.

Твитер, сепак, не ги блокираше профилите на следбениците на кјуанон што се кандидираа за конгресмени. Компанијата објави дека нема намера да направи потег што би можело да биде протолкуван како „замолкнување на кандидати“.

The post Твитер конечно му објави војна на култот што шири омраза и лажни вести appeared first on Слободен печат.


Твитер конечно му објави војна на култот што шири омраза и лажни вести was first posted on јули 24, 2020 at 9:00 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....