24.8 C
Скопје
13:24 - 8 мај, 2024

Ширењето на коронавирусот не ги менува плановите: ДИК ги проверува листите и се подготвува за избори

На предвремените парламентарни избори на 12 април граѓаните ќе можат да гласаат за четири коалиции и за 9 политички партии, кои во рокот до 12 март на полноќ поднесоа кандидатски листи до Државната изборна комисија. Гласачите ќе гласаат во шест изборни единици, а ДИК проверува 7.508 пријави пристигнати од дијаспората и ќе донесе одлука дали и иселениците ќе гласаат.

Кандидатски листи за шесте изборни единици и за дијаспората доставија коалициите „Можеме“ предводена од СДСМ и Беса, „Обнова на Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, „Никогаш Северна, секогаш Македонија“, во која се здружени партијата Единствена Македонија, вмровската фракција Фродем и здружението „Тврдокорни“, како и партиите Интегра и Демократи. Листи со кандидати за пратеници за шесте изборни единици доставиле коалицијата помеѓу Алијанса за Албанците и Алтернатива, како и Левица и Работничката партија. Партијата ДПА ќе учествува со кандидати во изборните единици 1, 2, 3, 5 и 6, а партиите СДУ, ГДУ и Глас за Македонија ќе учествуваат во единиците 1, 2, 3, 4 и 5. Најмладата, Твоја партија на овие избори ќе учествува во првата, втората и петтата ИЕ.

На овие избори ќе нема независни листи.

Замена на 2.000 здравствени работници од ОИК

По поднесувањето на листите ДИК во рок од 48 часа треба да ги провери дали пријавите се во согласност со Изборниот законик. Откако ДИК ќе ги утврди кандидатите, односно од утре 14 март до почетокот на кампањата на 23 март, забранети се какви било промотивни предизборни активности, а прекршувањето на оваа одредба се казнува со глоба од 8.000 евра.

Претседателот на ДИК Оливер Дерковски за „Слободен печат“ вели дека во Комисијата сите активности се одвиваат редовно и се запазуваат изборните рокови.

– Ги следиме сите препораки и упатствата од Кризниот штаб во врска со ширењето на коронавирусот и мерките што се предлагаат и истовремено се подготвуваме за гласањето на 12 април, затоа што роковите ни течат. Сега ги проверуваме листите, испраќаме дописи до другите институции за да ги извршиме потребните проверки. Од општинските изборни комисии повлекуваме повеќе од 2.000 здравствени работници што беа ангажирани за спроведување на изборите и деновиве ги заменуваме со нови членови што ги регрутираме од администрацијата. Исто така, одредени обуки што ги вршевме на нашите членови сега се сопрени, согласно со препораките и забраните за одржување настани, но тоа нема да влијае врз изборниот процес. Половина од тие обуки досега ги завршивме, а останатиот дел ќе го дозавршиме со поинтензивни тренинзи – вели Дерковски.

Откако ДИК ќе ги провери листите, ако има неправилности, партиите имаат право да ги заменат кандидатите. Редоследот на листите на партиите и коалициите на избирачкото ливче ќе се утврди со ждрепка што треба да се одржи најдоцна до 20 март, а листите треба да бидат официјално објавени на 21 март.

Сите се уверени во победа

Дамјан Манчевски од СДСМ и Аријанит Хоџа од Беса по доставувањето на кандидатските листи, истакнаа дека очекуваат победа на нивната коалиција „Можеме“.

– На оваа листа се 120 имиња на одговорни граѓани, кои ја сакаат својата земја и кои се спремни да направат се за своите граѓани, да се вложат со професионална работа во независен парламент. Ова е најголемата коалиција во моментот составена од различни политички партии, кои се обединети околу она што е важно за граѓаните како што се членството во НАТО и ЕУ, економскиот раст, поголеми плати и пензии, грижа за сите, правда и праведна држава и здрава животна средина – рече Манчевски.

Генералниот секретар на Беса, Хоџа, истакна дека нивната коалиција како победник на овие избори ќе владее со државата.

– Ние очекуваме дека различностите и придобивките што ги нудиме во општеството, ќе се сфатат најпозитивно и така победнички ќе владееме – рече Хоџа.

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев по поднесувањето на кандидатските листи рече дека тоа се победнички листи со кои ќе остварат огромна, историска победа за обнова на Македонија.

– Со ова практично го завршуваме овој дел од преткампањата. Не очекуваат неколку дена што ќе ги поминеме, пред сè, во однос на барање на алтернативни начини како да останеме во непосреден контакт со граѓаните, притоа почитувајќи ги препораките и мерките во врска со коронавирусот – рече Јанушев.

И Манчевски и Јанушев истакнаа дека е најважно здравјето на граѓаните и дека кампањата ќе ја прилагодат на условите.

– Прерано е да се каже уште отсега што ќе се случува. Ги следиме упатствата, така што каква и да е состојбата ние ќе се прилагодиме. Приоритет е здравјето на граѓаните, а ние ќе најдеме алтернативни начини како нашите пораки да стасаат до нашите сограѓани – рече Манчевски.

The post Ширењето на коронавирусот не ги менува плановите: ДИК ги проверува листите и се подготвува за избори appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....