17.8 C
Скопје
07:04 - 19 мај, 2024

Се стеснува просторот за уште едно „не“ од Брисел

Странски функционери, дипломати и политичари го поздравија вчера донесувањето на Законот за јавно обвинителство, како знак дека Македонија исполнува тоа што е потребно и дека е сериозна во намерата да се реформира за да влезе во Европската унија. Но, дури и за време на гласањето на законот имаше скептични мислења дека тој ќе ни донесе датум за преговори, иако неговото усвојување беше издигнато на ниво на услов. Националниот координатор за ЕУ, Бојан Маричиќ, веќе се огради од прогнозите со пораката – „кога ќе се изгориш на млекото, дуваш и на јогуртот“.

Аналитичарот Петар Арсовски исто така смета дека усвојувањето на Законот за ЈО не е гаранција за датумот, но дека сепак ќе го добиеме. На прашањето има ли се уште простор за резерви околу одлуката за нас, по законот и по најавата на францускиот лидер Емануел Макрон дека е подготвен да ретерира ако има позитивен извештај за Македонија, Арсовски вели – не!

– Просторот да ни кажат не за датумот сега е минимален. Според мене, тоа може да се случи само ако не се усвои новата методологија за проширување или ако земјите членки не се усогласат околу буџетот, за што договорањето е во тек. Веќе дојдоа најави од Франција и од другите скептични земји, Холандија и Данска, дека овојпат нема да не блокираат. Дотолку повеќе што за двете последни токму недонесувањето на Законот за јавно обвинителство беше причина што не блокираа – смета Петар Арсовски.

Алкео Смерили, портпарол на еврокомесарот Оливер Вархељ, не можеше да потврди за „Слободен печат“ кога точно ќе биде објавен новиот извештај за прогресот на земјата. Тоа, според него, сигурно нема да се случи неделава, а нема потврда дали ќе биде објавен идната недела. Методологијата пак ќе се најде на расправа на 25 февруари, но одлуката за неа мора да биде донесена дури на самитот на 26 март.

Според неофицијални извори од Брисел, единствена земја што има потенцијал да ја блокира Македонија е – Албанија! Поради инсистирањето на повеќе земји, меѓу кои и Италија, Германија и Франција, во октомври одлуката за двете земји беше донесена во пакет и прашањето сега е дали, ако извештајот за Албанија не е толку позитивен, ќе надвладее гласот на оние што се за разделување. Проблем е и тоа што Холандија, која имаше најсилен отпор кон Албанија, мора да ја повтори постапката во Парламентот за да ја смени одлуката и да дозволи преговори со Албанија, а слична процедура треба да се случи и во Данска.

Петар Арсовски смета дека, ако расположението за двете земји се разликува, ќе се најде начин тие да се одделат со вордингот. Такви се и неофицијалните очекувања во Брисел, односно дека секогаш постои опцијата на Албанија да и се дадат преговори со услов.

Иако нашата опозицијата со недели тврдеше дека Законот за јавно обвинителство не е важен за Унијата, тие што го поздравија не мислат така. Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жосеп Борел, веднаш го поздрави гласањето. Притоа тој оцени дека Законот е уште еден важен чекор за имплементација на реформите и покажува дека Македонија има волја да направи се што е потребно за земјата да има европска перспектива. Според него, веднаш ќе се разговара за Европскиот совет да ја отвори вратата за европска перспектива на регионот, мислејќи на министерскиот состанок вчера во Брисел.

„Сега е на ЕУ, конечно, да испорача, откако Северна Македонија го усвои Законот за Јавно обвинителство“, побрза да напише на Твитер германскиот министер за европски прашања, Михаел Рот.

Претседателката на ЕК, Урсула Фон Дер Лајен исто така порача дека Западниот Балкан е поблиску до ЕУ и дека тој е нејзин приоритет и геостратешки интерес.Според неа, новата методологија треба да ја обнови довербата помеѓу сите страни и да ги забрза структурните реформи.

„Создаваме одлична перспектива за земјите од Западен Балкан со тек на време да станат членки на ЕУ. Исто така сакаме да го отвориме патот за Северна Македонија и Албанија да започнат со преговори, ако е можно и пред самитот на ЕУ во Загреб. За самиот самит подготвуваме пакет за инвестирање и искрено се надевам дека Европскиот совет ќе даде зелено светло“, посочи Дер Лајен.

Хрватскиот претседател Андреј Пленковиќ, пак, тврдеше дека атмосферата сега е поинаква од октомври минатата година и се движи кон донесување позитивни одлуки за отпочнување на преговори со Македонија и со Албанија, нешто што треба да биде направено пред мај.

Во круговите блиски до опозицијата, со големо внимание се следат изјавите и потезите од Унијата, бидејќи се оценува дека одлуката за преговори ќе влијае клучно на исходот од изборите. Вчера симптоматична изјава во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“ даде Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ кој порача дека на Македонија и е доста од напнатост и дека на земјата и треба мир и стабилност.

„Како и да завршат изборите треба да заврши кризата и да имаме еден дух на соработка во годините кои што доаѓаат“, изјави Николовски.

The post Се стеснува просторот за уште едно „не“ од Брисел appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....