18.8 C
Скопје
22:07 - 29 април, 2024

Политизирање на дарежливоста?

Речиси и да нема аспект на здравственава криза во која ВМРО-ДПМНЕ добро се снаоѓа. Толку е очигледно дека се уплашени од тоа што сегашната власт – во која и тие, парадоксално, технички учествуваат – добро се носи со предизвиците без преседан по здравјето и опстанокот на нацијата и дека тоа, апстрактно речено, ним им нанесува „политичка штета“. Зошто? Бидејќи само враќање на власт им е во главата. Ништо друго.

Затоа досегашното успешно менаџирање со кризата ја прави опозицијата политички парализирана како уплашен зајак кој на сред пат ќе биде осветлен од фаровите на камион што доаѓа. Само е прашање на момент кога навистина ќе летнат во ендек.

Цела недела потрошија за пропагандно да докажат дека тие, како партија, благодарејќи на пријателството со Орбан и Јанша, донеле медицинска помош во државата… Добро. Браво. Ај сега одморете малку… А додека паузираат, убаво би било да смислат став зошто не сакаат да се откажат барем од дел од државните пари наменети за партиите, бидејќи со тие милиони навистина би можело многу повеќе да се помогне во кризава.

На свој начин, и нашата опозиција е дел од еден светски тренд на политизација на медицинската помош. Во таа работа најдалеку е отидена Кина, се разбира. Откако смртоносниот вирус се прошири низ целиот свет од пазарите за храна со преполни тезги од егзотични животинки во Вухан, Кинезите влегоа во голема здравствена, но и пропагандна операција за поправање на својот разнишан глобален углед. Жозеф Борел, шефот на ЕУ за надворешна политика, на крајот од март оцени дека во овој кинески напор има „гео-политичка компонента“, вклучувајќи и борба за влијание преку спинување на „политиката на дарежливост“.

Но, бројни угледни медиуми низ Европа и светот (Блумберг, БиБиСи, Ла Стампа и други) во последните недели објавуваат стории за проблематичните аспекти на кинеските комерцијални и донаторски медицински испораки. На пример, Словачката влада потрошила 16 милиони долари за да набави „брзи“ кинески тестови за вирусот, за откако ја провериле нивната точност, словачкиот премиер да изјави дека тие се толку несигурни, што најдобро би било „директно да се фрлат во Дунав“. Шпанците, заради слични причини, вратиле назад во Кина 50.000 брзо-тестирачки китови. Во Чешка просекот на точноста на тие тестови потфрла со дури 30 проценти, а во Турција, која во март набавила неколку илјади слични кинески тестови, официјално е констатирано дека нивната сигурност е под 35 отсто од случаите. (Во Турција потоа се набавени тестови од друга кинеска компанија, со точност од 90%.)

Слично е и со некои други кинески производи наменети за борба против корона-вирусот. На пример, Холандија на крајот од март ја откажала набавката на 600.000 заштитни маски од Кина, бидејќи не ги исполнувале неопходните медицински стандарди. Истите маски се користат и во САД и во Хонгконг, иако е констатирано дека специјалните филтери им се сосема неадекватни. Во повеќе земји од ЕУ таа опрема веќе е забранета за употреба.

Зборот ми е, нема донаторска помош (па и комерцијални зделки во разни стратегиски области), во кои нема политика. Откако САД, благодарејќи на претседателот Трамп, се откажаа од водечката улога на Американците во низа меѓународни сфери, тој простор нормално е дека ќе сакаат да го пополнат други големи играчи. Кинезите сè поагресивно влегуваат во тој релативен меѓународен вакуум.

Кога е некој во неволjа – а (кинескава) вирусна пандемија е со глобални катастрофални размери – не гледа многу во „забите“ на „подарениот коњ“. Но, не треба да се заборави дека во меѓународните односи не постојат такви работи како „бесплатни ручеци“, „евтини кредити“, „големи донации“… Цената, обично, е вклучена во „пакувањето“ што се испорачува подоцна.

Факт е дека ниту Кина, а ниту кој било друг во светот, не беше подготвен за оваа вирусна пандемија. Всушност, тоа ви е како со земјотресите – чиј здравствен или кој било друг систем во државите може да каже дека е подготвен за такви ненадејни тектонски катастрофи?! Туку, откако ќе се случат, некој подобро, а некој полошо се носи со последиците.

ЕУ и НАТО изгубија неколку месеци во тоа сопствено кризно престројување. Сега веќе се соземаа, па затоа и нивната политика на донации и помош станува сè поефикасна и позначајна под „чадорот“ на земјите што ги покриваат. Македонија е на тој „список“, официјално во НАТО, кандидатски во ЕУ. Да се нема сомневање, ТОА е меѓународната платформа што ќе ни помогне да излеземе на крај и со оваа криза. И така, меѓу другото, се „исплатат“ сите инвестиции што ги направивме за да влеземе во тоа евро-атлантско друштво.

Треба да се биде благодарен на сите медицински и други донации што, поради кризава, пристигнуваат и во Македонија. И за оние од Кина, и за оние од Орбан и Јанша, од Турција, и за многукратно поголемите од ЕУ и НАТО.

А најмногу благодарност треба да се искаже кон знајните и незнајните донатори од земјава. Тоа се патриотски гестови за почит.

The post Политизирање на дарежливоста? appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....