4.8 C
Скопје
16:04 - 25 декември, 2024

На слоештички кавијар кај Ирена и Сергеј Андреевски

Сте биле ли некогаш во селото Слоештица, родната грутка на нашиот литерарен гениј, Петре М. Андреевски. Ако сè уште не сте биле, задолжително да одите уште овој викенд. Ние бевме, минатиов викенд, во домот на уметничкото семејство Андреевски, кај Ирена и кај нашиот познат сликар Сергеј. Најдомаќински нè пречекаа и нè послужија со нивниот специјалитет, кој со многу љубов е подготвуван, а се вика – слоештички кавијар. Превкусен е! Ирена и Сергеј ни објаснија дека традиционалната македонска кујна е дел од културната дипломатија на нивното „Арт Поинт- Гумно“.

Уметност и во печењето и во редењето

– Вградивме 17 години целосна посветеност, успешно профилирајќи го уметничкото гумно во село Слоештица, во ова место за кое гостите велат дека рајот постои. Меѓу другото, мисијата на овој рај е да биде расадник на културни амбасадори за Македонија. За разлика од амбасадорите што ги именуваат нашите влади, овие нашиве, не се акредитирани. Но, својата мисија успешно ја извршуваат, и тоа од срце, без никаков надомест – вели Ирена Андреевска.

Низ годиниве, над 40 реномирани уметници од целиот свет биле гости на уметничката резиденција на гумното во Слоештица. Овде доаѓале, за да остават дел од својот оригинален, уметнички израз, и на најавтентичен начин и нас да нè запознаат со културата на земјите коишто ги претставуваат, а заминувале со силни импресии за селото Слоештица, и за Македонија, за потоа истите да ги искажат во јавноста, во своите земји.

Готвиме од срце, вели Ирена

Гастрономска дипломатија

На уметничкото мени кај Ирена и Сергеј се специјалитети од традиционалната македонска трпеза, локални и регионални, подготвени – што би рекла Ирена – според рецептите на нашите баби и филозофијата на „Слоу Фуд“ (бавната храна).

– Деновиве, интензивно се подготвуваме за зимата и за следната уметничка резиденција, односно за „Високата школа за културна дипломатија“. Штотуку ја направивме и втората тура од нашиот надалеку прочуен кавијар – ајвар од „Арт Поинт – Гумно“. Уште ненаправен, а веќе е изеден! – вели Ирена.

Рецептот за слоештичкиот кавијар Ирена несебично го сподели со нас, односно со вас.

Како да го подготвите?

Потребни ви се квалитетни ајварски или селски, благи, месести пиперки и неколку убаво лути пиперки.

-Ние ајварските пиперки ги купуваме од посветените и врвни градинари, а тоа се Невена од село Идинаковци, Даскалот од село Света или Николевци од село Бучин, а лутите пиперки се од село Вардино или од село Бараково. Сите се од нивите близу Црна Река, ѓубрени со шталски „гној“ и вообичаено омеѓени со џунџулиња, босилек и коњско опавче – објаснува Ирена.

На секои 10 килограми пиперки се додава по едно мало филџанче киселина и едно мало филџанче шеќер.

-Ова го воведовме годинава, откако го пробавме врвниот ајвар на Каролина од Димовци. Ние користевме домашна јаболкова киселина, купена од вредните калуѓерки од манастирот во село Слепче – вели таа.

Понатаму, на 10 килограми пиперки следува максимум еден литар квалитетно сончогледово масло за пржење и ситна морска сол по вкус.

-Пиперките се печат на не многу „силен“ оган, за да не се препечени. Откако ќе се изладат, се лупат, им се вадат семките и се оставаат да се исцедат преку ноќ. Следниот ден се мелат и се ставаат во соодветно големо тенџере за пржење заедно со киселината и шеќерот, а маслото се додава постепено, од самиот почеток. За доза од 10 килограми, пржењето не би требало да трае подолго од еден час. При крајот на пржењето, се додава солта. Смесата треба да има конзистенција на густ мајонез, маслото не смее да плива на површината. Готовиот ајвар се става во жешки тегли. Полните тегли се оставаат во рерната на загаснатиот шпорет додека да се оладат – со сласт ни објаснува Ирена Андреевска и додава:

– Ете, тоа е нашата тајна. Храната што ја приготвуваме потекнува од луѓе со име и презиме, како и рецептите и намирниците. И зачинета е со многу љубов.

За количини над 30 килограми користиме специјален сад од росфај со мешалка – дел од опремата за приготвување на пиво, вели Ирена
Финалниот производ – слоештички кавијар

Инаку, менито во „Арт Поинт – Гумно“ е раскошно: слоештичка салата, салатата на Зорка од Јоновци, питулици и питуличиња, мазник со коприви, битолски зелник, сармички од лозов лист и од лист од дуња, комитско макало, палеж, свирипиле, жулени пиперки, кајгана од селски јајца со најразлични додатоци, како на пример, со печурки, козјо сирење, селски пиперки или домати, чорби од тикви, од риби, од месо…, слоештичко гравче на разни начини, бумбар ќофте, чомлек и царе-чорба од баба Весела, мусака со праз од баба Пандура, селско месо подготвено од највистинско „селско месо“ од село Сопотница и кичевски колбаси, понатаму – пилешко на ориз од домашно пиле од село Кутретино, пастрмка на разни начини од локалните рибници на Црна Река, полнети пиперки, суви пиперки по рецептот на Славка од Крстевци, влашка лутеница, домашен леб „А’ла Војнеица“, па ПОНАТАМУ – обична торта и ладен чај од нане од баба Јованка Кочовска, ќулумовска алва и уште многу други автентични и заводливи надразнувачи за очите, носот и непцето, залиени со домашна сливова ракија, домашно пиво и изворска вода од Плакенска Планина.

Прочитавте сè? Ех, знаеме, ни позавидувавте?!

Море, „крв да ни се стори“.

А, за нашите домаќини, Ирена и Сергеј Андреевски, едно големо – алал да ви е на домаќинлукот.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....