6.8 C
Скопје
01:30 - 1 ноември, 2024

Езерата се повлекуваат во себе, се срамат од луѓето!

Со ова темпо на намалување на Преспанското Езеро, минимумот на водостојот може да биде достигнат уште кон крајот на октомври или почетокот на ноември, тврдат експерти. Откако со Мавровското, пак, го „допревме дното“, сега ќе почнело да се полни, велат други експерти. Оние исти експерти, од државните електрани (ЕСМ), што се задолжени за „умно користење“ на акумулациските езера. Трети експерти велат дека „како последица на елементарна непогода во рудниците во РЕК Битола, поради која се намалило производството од термоелектраните, потребите за струја на земјава се надополнувале од хидроелектраните, а тоа влијаело на поголемата експлоатација на водните акумулации“.

Не ми се допаѓаат овие струи во круговите жедни за профит од македонскиот, за среќа, богат воден потенцијал. Од толку експерти, немаме експертиза како да се спасат езерата. Додека сите се занимаваме со Преспанското и другите подиспразнети вештачки акумулации (Дебарско Езеро, Козјак…), на Шар Планина, пред и формално да биде прогласена за национален парк, хидромафијата, како што ја нарекуваат еко-активистите, продолжува со злочинот врз една од нашите најубави и најбогати планини. Зад грбот на јавноста веќе се потпишани договори за концесија за мали хидроцентрали, со други зборови – истурање бетон во зелената оаза. Токму на Лешница во моментов забрзано се градат две мали хидроцентрали!

Прашање е колку сите ние навистина „профитираме“, пред сè, еколошки, од бескрупулозното трошење на националното водно богатство. Да не зборуваме за поврзаноста на еко-системите и за загрозата врз биодиверзитетот. Или кажано со едноставен речник – ќе има ли каде да пијат вода Лиса и Филипче, наследниците на омилениот ни рис Марко, кому му се изгуби трагата… Како ли ќе преживеат срните, зајаците и другите „бубачки и шумски ѕверки“ во време на бетонизација на зеленилото?

Колку што глобалното затоплување го „таложи својот седимент“ врз бистрите врутоци, толку и одговорот, глобален и локален, е обратнопропорционален од потребата за итен спас. Премиерот Еди Рама, наместо да постира погрешни фотографии, па да се извинува, нека праша дали албанската страна ги исполнува своите обврски од трилатералниот Договор за заштита и одржлив развој на пределот на Преспа паркот, потпишан од Грција, Албанија и Македонија.

Меѓу приоритетите на оваа Влада е и екологијата. Короната ја наметна оваа нужност со уште поголем интензитет. Затворените граници во изминатово лето нè вратија во нашите гори и на езерата, колку да се потсетиме што ни дарила природата кон која немилосрдно се однесуваме. Знам дека треба да се живее од економијата, но бруталното уништување на животната средина заради профит, многу често и со кршење на законите, е постепено, тивко колективно самоубиство. Сите оние што ги бројат еврата во полните џебови, забораваат дека нашите деца додека шетаат по улиците и дишат ПМ-честички, стануваат астматичари уште пред пубертетот. Македонски градови во зимски денови се често меѓу топ-10 со најзагаден воздух. Но, не е само воздухот загрозен, туку и почвата и водата.

Зиме најчесто се занимаваме со воздухот, а налето – со водите. Речиси сите наши водни богатства се под директна закана од „тиња“. Онаа општествена „тиња од луѓе“ кои едно зборуваат, а друго прават. Затоа езерата ни се повлекуваат во себе. Се срамат од нас што молчиме!

The post Езерата се повлекуваат во себе, се срамат од луѓето! appeared first on Слободен печат.


Езерата се повлекуваат во себе, се срамат од луѓето! was first posted on септември 30, 2020 at 11:23 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....