Под златниот слој чедар се кријат макарони во млечен сос со пармезан и малку дижонски сенф. Ова е рецепт на британската готвачка Мери Бери за деновите кога сакате топол ручек, а немате време да готвите од почеток. Макароните се подготвуваат однапред и се печат директно од замрзнувач.
Состојки
За две порции како главно јадење или четири како прилог:
– 150 г макарони
– 55 г несолен путер
– 55 г брашно
– 900 мл топло млеко
– 1 лажица дижонски сенф
– 55 г рендан пармезан
– 200 г рендан зрел чедар, половина за сосот и половина за одозгора
– Сол и свежо мелен црн пипер
Подготовка
Сварете ги макароните во посолена вода додека да омекнат, но да останат малку цврсти при загризување. Исцедете ги, исплакнете ги со ладна вода и оставете ги повторно добро да се исцедат.
Растопете го путерот во тенџере на умерен оган. Додајте го брашното и мешајте неколку секунди. Намалете ја температурата и постепено сипувајте го топлото млеко, матејќи со жица за да добиете мазен сос. Оставете го да зоврие со постојано мешање. Доволно е сосот да остави тенок слој на задната страна на лажицата.
Во сосот вмешајте ги сенфот, пармезанот и половина од чедарот. Зачинете со сол и црн пипер, па додајте ги макароните и промешајте.
Префрлете ги во плиток сад од околу 1,5 до 1,75 литри, погоден за печење директно од замрзнувач. Одозгора распоредете го преостанатиот чедар. Оставете го јадењето да се излади, покријте го со проѕирна фолија и замрзнете го. Можете да го чувате во замрзнувач до три месеци.
Кога ќе сакате да ги послужите макароните, загрејте ја рерната на 200 степени, односно на 180 степени со вентилатор. Отстранете ја проѕирната фолија и печете ги директно од замрзнувач околу 45 до 50 минути, додека површината да зарумени, а средината да се загрее целосно. Послужете ги топли.
