Автомобилот на пејачката Александра Пријовиќ и нејзиниот сопруг Филип Живојиновиќ бил запален пред нивниот семеен дом во белградската населба Бежаниска коса. За инцидентот известува српскиот портал „Телеграф“, наведувајќи дека огнот се проширил и на уште едно возило паркирано во непосредна близина.
Пожарот предизвикал интервенција на противпожарните и полициските служби, кои веднаш пристигнале на местото на настанот. Станува збор за автомобил што бил паркиран во близина на куќата во која пејачката живее со сопругот и нивните деца.
Полицијата го обезбедува семејниот дом
По гаснењето на пожарот, полициските службеници започнале со увид и собирање материјални траги, со цел да се утврди како дошло до палењето на автомобилот и што точно се случувало пред инцидентот.
Екипата на „Телеграф“ пред куќата затекнала полициско комбе, а влезот во семејниот дом бил обезбедуван од полицајци. Забележано било и дека ролетните на прозорците биле спуштени.
Се истражуваат околностите
Засега нема официјални информации за причината поради која автомобилот бил запален, ниту детали за евентуалните осомничени.
Истрагата е во тек, а надлежните служби треба да утврдат дали станува збор за намерно предизвикан пожар и што довело до овој инцидент пред домот на познатата двојка.
